Elementi Logo

ТЕМНИОТ ПОЛИЦИСКИ ИМАГИНАРИУМ

Backgorund

(Кон претставата „Човек перница“ по текст на Мартин Мекдона, во продукција на Турскиот театар, Машина продакшн и Пик Продукција од Скопје, а во режија на Сибел Абдиу. Улоги: Хакан Даци, Јеткин Сезаир, Бурак Рахман, Дин Ибрахим)

 

 

„Би сакал да напишам нешто ужасно, кога би можел“, е инспиративниот коментарот на Мартин Мекдона во врска со приказната „Малиот мајмунолик“ вклучен во неговата пиеса „Човек перница“. Оваа пиеса не е дел од неговите две трилогии врзани за маѓичниот реализам исткаен од традиционалните животни навики и процеси на Ирска, но е дел од една фантазмагорија која е исткаена од заумноста на полициското испитување. Имено, приказните на Катуријан прават паралелен свет кој на некој начин е симулакрум на суровоста и ирационалноста на полициските испрашувања и тортури. Говорејќи за казнувањето и смртта на лошиот волк во бајката за Црвенкапа, се споменува неговото исполнување на стомакот со камења, зашивање на истиот за што Мекдона говори дека во таа бајка наменета за деца има нешто ужасно темно. Мракот во оваа тензична пиеса на Мекдона е одлично артикулиран низ режисерското видување на младата режисерка Сибел Абдиу. Сместна во самиот агол од внатрешнината на сцената во театарот, оваа пиеса делува совршено мрачно, како да била пишувана токму за овие актери и за ова место. Но не е само вклопувањето на темнината на тој простор. Сибел Абдиу со нејзиното видување успева да ги вовлечи сите фантазми на Катуријан во клаустрофобијата на полицискиот простор избавувајќи ја драматургијата на Мекдона од прозаичноста на дејствието. Остра и бескомпромисна, оваа постановка носи со себе една кафкијанска порака за неминливоста на злото која и Мекдона, а и Абдиу ја отелотворуваат низ суровата дијалошка конвергенција. Младата режисерка создала претстава каде што значенската матрица на бајката се претвора во ужасен талог од современа суровост која во многу наврати е беспричинска. 

 

 

Актерската енергија е основниот двигател на овој исклучително интересн театарски чин. Егзактната, емотивна и експресивна актерска игра прави совршено сигнификантен театарски чин кој остава голем впечаток. Овде пред се мислам на младиот Хакан Даци кој својот Катуријан го одигрува со огромен внатрешен полнеж чие јадро е во тензиите и неговата тенденција да стане голем писател. Овој млад актер мошне умешно тој вулкан од емоции го остава да тлее во зависност од развивањето на ликот во текот на целото дејствие, додека со својата точна актерска ексепресија создава консеквентен лик кој на многу ригиден начин станува патоказ и за целото дејствие. Двата антиподни ликови: Ариел на Бурак Рахман и Туполски на Јеткин Сезаир се  добриот и лошиот полицаец кои повремено си ги менуваат улогите, а сепак остануваат во видикот на поетиката на суровост и својата специфика која самиот Мекдона ја развил скоро до гротескност. Јеткин Сезаир е воздржан, рационален и прониклив полицаец, а одигрувајќи го истиот лик, младиот актер се наметнува со својата одлична говорна партитура чија сенка го покрива кревкото его на Катуријан. Како негова спротивност е екстравертниот Ариел на Бурак Рахман, би рекол класичен портрет на полицаец кој намекнува анемозитет и превласт уште од почетокот на своето испитување. Повремено духовит, Бурак Рахман гради лик на полициска фугура која се „гордее“ со своето искуство и со својата умешност отвора многу интересна актерска гама која е за секоја почит. Овде се наметнува и ликот на Микаил, кој и режисерката, но во некоја рака и Мекдона го окарактеризирува како иреалистичен, а кој во една сосема гротескна верзија го одигрува Дин Ибрахим, создавајќи сосема дезинтегрирана личност, „вистински“ убиец на деца кој е, би рекол и содржински катализатор на сите приказни кои Катуријан се обидува да ги отелотвори.

 

 

„Човек перница“ е една од приказните на Катуријан и тоа е симбиозата на сите оние ликови од ужасните истории исткаени не само во книжевноста (Едгар Алан По, Стивен Кинг), туку и во филмот и телевизијата, но тој е на некој начин е симболот на човековотот самоуништување. И Мекдона, а и талентираната режисерка Сибел Абдиу го поставуваат прашањето за човековата потреба за уништување, за варијантите и систематиката на деструкцијата воопшто како и тоа дали моралните индикации што ги имаат бајките се чисти до крај. Претставата носи и една друга дилема, а тоа е колку можеме да ја задржиме рационалноста во себе и да не му дозволиме на лудилото во информацискиот галиматијас да ни го избрише идентитетот. Мартин Мекдона на многу наврати говори за идентитетските исчезнувања, особено во двете негови трилогии, останувајќи како продолжена, но модифицирана поетика на Харолд Пинтер чија драматика исто така во многу пиеси се движеше по острите рабови на маѓичниот реализам, начин на мислење кој го прифаќа и Сем Шепард на американското тло. Претставата воодушевува со трансферирањето на дејствието во нашите милјеа на недореченост и неизвесност, така што и актерската игра, а и визуелниот сегмент (мрачната сценографија на Ујза Жури која со еден потег создава многу прикладна атмосфера на тегобност, како и костимите на Диелза Минци кои иако не се одвојуваат од реализмот, одлично кореспондираат со денешниот, современ, дисхармоничен колорит) допринесуваат овој театарски чин да восхити со својот артизам.

 

„Човекот перница“ го сонува секое дете во своите ноќни кошмари, но тој симбол на стравот во подоцнежниот живот на човекот станува „реалитет“ со имагинариум што го променува неговиот животен пат и од него прави монструм. Тие монструми, за жал, во последно време се сè поблиски до нас и ни дишат во вратот. 

 

Рeцензија на Сашо Огненовски

 

ЗА АВТОРОТ

Елементи

Елементи

ЕЛЕМЕНТИ - БРОЈ 15

ПОДДРЖАНО ОД

Елементи

Елементи

© Електронско списание за книжевност - ЕЛЕМЕНТИ