Elementi Logo

КАРНЕВАЛСКАТА ТАГА НА ОСАКАТЕНИОТ ВОЈНИК

Backgorund

(Кон претставата "Хинкеман" по текст на Ернст Толер, во продукција на независниот театар "Златен Елец" во копродукција со МОТ и Младинскиот културен центар, Скопја, а во режија на Тамара Стојаноска. Главни улоги: Бобан Алексоски, Ане Блажовски, Талија Настова, Дритон Вејсели, Леонида Гулевска и Бранко Михајлоски)

 

 

Експресионистичкиот драматичар Ернст Толер, чија духовна контраверза го донесува и на челото на краткопостоечката Советска Баварска Република, на светот му ја донесе една од најсуровите драми воопшто напишани, под наслов "Хинкеман". Долго време непозната за овие простори, пишувана меѓу двете војни, во 1922 година, оваа драма говори за најзастршувачките остатоци од Првата светска војна отелотворени преку ликот на сакатиот Јуџин Хинкеман, пиеса која е амблематски означена и преку значењето на презимето на главниот лик кој на германски значи "сакат човек". Оваа пиеса со многу чудна драмска структура, која сосема легитимно кореспондира со драматиката која се појавува еден век подоцна, од нејзиното излгување на нашите простори доаѓа прилично доцна, би рекол со сјајната режисерска постановка на Игор Вук Торбица во ЗКМ, Загреб. Оваа верзија на независниот театар "Златен Елец" има еден каневалски шмек (кој во текстот постои како симболистички наратив иако го допира и дијалошкиот апостроф) и се движи мошне внимателно по тенките линии на фарсата отворајќи ги современите еха на осакатениот воен ветеран Јуџин кој враќајќи се од војна губи сè, притоа останувајќи верен на својот внатрешен хероизам кој го забележува само тој. Оваа, би ја нарекол постмодерна фарса, во режисерското видување на Тамара Стојаноска е храбро кооптирана низ актерската дистанца во новонастанатиот раскажувачки театар каде што главен протагонист е раскажувачот, а Јуџин е негов антипод, сакат, но подготвен за нов живот. Шесте актери и актерки во овој режисерски ракурс играат улоги кои како да ги измислуваат во истиот момент и се чини дека тоа е она најиновативното во концептот, а и во значенската констелација. Играјќи ги своите улоги, тие нè потсетуваат дека и во војната, а и по неа, секој од учесниците одигрува некаква животна улога, а тоа не е семеен модел, туку е политичка заумност. Помеката верзија на "Хинкеман"ја напишал, но не ја допишал, Георг Бихнер и таа многу попопуларна пиеса се вика "Војцек" во која исто така се соочуваме со неоправдан повратник од бојното поле. Тамара Стојаноска ги донесува и двајцата во својата претстава создавајќи околност која зрачи со дистопичност, но и предупредува дека војната е можеби една веќе изживеана алатка на човековото себеуништување. "Хинкеман" во нејзината режија е заскитан војник можеби од украинскиот или од фронтот во Газа, кој во урнатините на својот скоро разрушен дом наидува на жена која верно го чекала својот маж, а кој пак бегајќи од оружјето на фронтот си ги оставил гениталиите. Раскажувачкото ткиво на претставата има улога на катализатор на дејствието низ чии филтри се процедуваат сите бесмисли на она што требало да биде војна, а можеби и било во делата и на Толер И на Бихнер, но тоа не е сега. Тамара Стојаноска низ ова режисерско видување, заедно со Толер ни вели дека војната сепак има своја смисла и стратегија, но продуцира бесмислени личности и контраверзен свет.

 

Ова видување на "Хинкеман" има огромен актерски полнеж и одлични карактери. Тивкиот и многу рационален Хинкеман на Бобан Алексоски кој своето лудило го оставил веќе далеку зад себе и сега ги преживува на свој начин неговите рецидиви е лик кој овој талентиран актер извонредно го одигрува, многу умно потпирајќи се врз говорната партитура, но подоцна и врз емотивната гама  и притоа градејќи лик на човек кој видел многу полошо од она што го нашол дома. Овде се придружува и екстравертниот и духовит наратор на Дритон Вејсели, инвалид чија веселост е ригидна, а намерата многу чесна да раскаже приказна која ќе не натера да се сожалиме на оној што од војната загубил се, но е среќен затоа што се има себеси. Амбивалентен лик кој Дритон Вејсели го игра прилично ангажирано и со одлична ексрепсија. Ане Блажовски е другата страна на таа екстравертност, а неговиот Пол Грошан е есенцијалната хипокризија на целата пиеса, лик кој Блажовски го донесува до совршенство, одигрувајќи многу лукаво лажна емоција чија фарсичност е за секоја почит. Грета на Талија Настова е жена чија неснајденост ја чини живот, но оваа млада актерка успева овој лик да го заокружи со својата  пластичност, лик  кој во исто време зрачи и со еротика, но и со самопожртвуваност. Младите Бранко Михајлоски и Леонида Гулевска се длабокиот и заглушувачки фон на погубната постовоена драма одигрувајќи неколку многу интересни карактери чија интима и суицид не се само околност, туку и нивна голема умешност да создадат различни ликови кои многу импонираат.

 

 

"Хинкеман" се игра и на сцена и во публика чија визура вистинската публика ја има од длабочината на сцената. Претставата ја следи средишната линија на сцената и публиката формирајќи во исто време циркуски шатор и несреќна постовоена куќа, а донесувајќи ѝ на публиката визуелизација која е крајно метафорична, а за тоа многу функционално решение се погрижила самата режисерка, чие дело се и костимите чиј колорит го потопува во темните бои на депресивните поствоени амбиенти, а еден од највпечатливите сегменти е музичката илиустрација која е дело на Лука Тошев, а која во добар дел ја слушаме во живо, што говори за еден Брехтовски навев на кој навикнуваме и ние како публика, а и тие како актери и режисери, навев кој некако се наметнал како клица во современите раскажувачки театарски констелации.

 

 

"Хинкеман" на Ернст Толер зборува за ужасот на војната со застрашувачки дијалог чии реперкусии човештвото ги искуси многу пати по неговото излегување и поставување на сцената. "Тука стои еден човек сам. Овде се наѕира бездна, наречете ја: Нема утеха. Овде плови рај, наречете го: Нема среќа. Овде расте шума, наречете ја: Презир и потсмев. Овде тече океан, наречете го: патетично. Овде темнината се гуши, наречете го: Нема љубов. И нема душа да помогне..." се само дел од зборовитре на Толер во "Хинкеман" кои преносно ни говорат дека човекот нема да се вразуми и повторно ќе посегне по оружјето, а во исто време ќе страда заради својата осаменост. Модерните војни не се водат од осаменост, тие се водат заради безумност и кловновската насмевка на Јуџин тука не може да помогне. Останатото навистина било молчење, како што многу порано ни претскажал Шекспир. Дваесет и првиот век верува само на својата иреверзибилност, врз чија поетика веројатно ќе се изгради новата човекова ера: дистописка и без духовен амалгам.

 

Рецензија на Сашо Огненовски

 

 

 

ЗА АВТОРОТ

Елементи

Елементи

ЕЛЕМЕНТИ - БРОЈ 15

ПОДДРЖАНО ОД

Елементи

Елементи

© Електронско списание за книжевност - ЕЛЕМЕНТИ