(Кон претставата „Којзнае зошто“, независен проект по краткиот расказ „Сонот на смешниот човек“ на Ф.М. Достоевски, во адаптација и режија на Дамјан Читкушев. Улога: Ане Блажовски)
Делата на Достоевски во грешните струи на дваесет и првиот век делуваат отрезнувачки. Овој голем познавач на човековата душа се сокрива зад гревот за да го покаже на човекот во целата своја темнина и да го предупреди дека иднината е секогаш поцрна од сегашноста. Депресијата е сигнификантниот фон во сите негови дела, но длабочината на неговата аналитика носи пораки кои се бесмртни. „Сонот на смешниот човек“, краткиот раскказ на овој голем руски автор звборува токму за нихилизмот на човекот кој сведувајќи ги сметките доаѓа до погубната констатација дека ништо на овој свет нема „вредност“. Во едно од своите капитални дела „Злосторство и казна“, Достоевски ќе каже: „Подобро е да се погреши на свој начин отколку да се тргне правилно на туѓ начин“. Токму во таа насока младиот режисер Дамјан Читкушев гради претстава која нарацијата на Достоевски ја претвора во современа тажна приказна за осаменоста на денешниот, нереализиран човек на дваесет и првиот век. Влегувајќи во гамата на современите медиуми, оваа претстава инспирирана од краткиот расказ на Достоевски ни зборува за менталниот галиматијас на човекот кој барал сè она што го носи животот, а всушнсот успеал да ја задуши само својата креативност. Читкушев мошне умешно зборува со модерниот јазик на неодреденоста и лагата на денешницата каде што малиот човек залудно се обидува да ѝ најде пат на љубовта во својот живот и во своетои срце, но и на уметноста во големиот меур на смислата на живеењето кој пукнува и го облева со жолч.
Ане Блажовски, единствениот протагонист на оваа претстава многу прецизно го метаболизира овој „смешен“ лик на Достоевски извонредно артикулирајќи ја сатиричната страна на модерниот свет со многу благородна специфика на својот актерски израз. Неговата актерска игра има широк експресивен дијапазон, па така тој го доловува овој тажен, опшествено и социјално непостоечки човек на различни начини: како комичен, со една блага депресивна нотка во говорната експресија, но и како бунтовен, со голем зрак на надеж кажувајќи му на аудиториумот дека секогаш има причина да се живее, но тој не ја нашол својата. Ане Блажовски формира лик кој во своите седумдесетина минути исповед нè одвојува од нашиот свет и нè наведува да помислиме колкаво е ехото на она што сме го направиле и дали воопшто имало причина за нашето постоење, затоа што, како што вели Достоевски во своите „Записи од мртвиот дом“: „Велам нека светот оди по ѓаволите, но јас секогаш ќе си пијам чај.“ Овој млад актер умешно ја отвора темната кутија на сатирата преку својата говорна, но и проксемична визуелизација на ликот градејќи комплексен лик држејќи го во својата цврста органика од почетокот до крајот на претставата.
Вовлечен во исто така визуелно и аудитивно богата констелација, Ане Блажовски создава лик кој е достојно импрегниран во траумите и тагите на овој век кој уште на самиот почеток се закани со голема деструкција.
Точно, „Којзнае зошто“ ни се случува тоа што ни се случува, а недоумицата ни ги заслепува очите за да не се соочиме со погубната констатација дека иднината е далеку и дека можеби никогаш нема да ја почувствуваме, дека нема да си го најдеме своето место под сонце во неа.
Дамјан Читкушев и Ане Блажовски создада театарски проект кој и предупредува, но и не повикува да помислиме на тоа каде оди нашиот духовен пат, во кои магли и во кои беспаќа на лажното самоспознавање. Нам ни преостанува да си најдеме место во својата свест за своето, тешко и мачно самоосознавање.
Рецензија на Сашо Огненовски
Елементи