Elementi Logo

ТАТНЕЖОТ НА ВОЈНАТА И ПРЕКИНАТАТА МЛАДОСТ

Backgorund

(Кон претставата "Нашиот клас“"од Тадеуш Слобоѓанек во режија на Тања Мандиќ Ригонат и во продукција на Народниот театар од Белград, Србија. Главни улоги: Нина Нешковиќ, Вучиќ Перовиќ, Петар Стругар, Јован Јовановиќ, Сузана Лукиќ)

 

 

Кога војната е дел од младоста, тогаш зрелоста постанува крстосница во која одлуките никогаш не се наши. Драмскиот текст на Тадеуш Слобоѓанек „Нашиот клас“, базиран врз вистинита приказна за една изгубена генерација во виорот на Втората светска војна е сведоштво за комплексноста на релациите кои траумата на војната ги развила меѓу Евреите и Полјаците. Пишувајќи ја оваа пиеса, Слобоѓанек црпи многу податоци од книгите на историчарите и новинари Јан Т. Грос и Ана Биконт развивајќи една приказна за прекинатата животна радост на соученици и за анемозитетите што ги раѓа војната кои не запираат дури ни по нејзиното завршување. Имено, релациите меѓу соучениците во оваа пиеса натежнуваат од појавата на антисемитизмот, воените деструкции, но и од надоаѓачкиот комунизам и Црвената Армија. Слобоѓанек гради пиеса со одличен дијалог и сосема егзактни ликови, пиеса која говори за едно време полно со предрасуди и тензии. Сите ликови од  пиесата се индоктринирани на најразличен начин и постануваат дел од различни струења исто како што и во мирнодопски времиња од класовите излегуваат личности со различни карактеристики и различна сила на дејствување и интелектуализам. Зоха, Рахелка, Дора, Ришек, Владек, Зигмунд, Хењек, Јакуб Кац, Абрам, Менахем се тинејџерите кои ги понесува црниот ветер на војната и ги носи на различни страни обликувајќи ги во луѓе чија конструктивност и деструктивност ќе го обележат новиот светски поредок или ќе се обидат да го уништат. Сите тие имаат различна животна енергија и различен животен век, но едно е сигурно: овој клас на Слобоѓанек се слика на едно време полно со суровост и бесчувствителност. 

Тања Мандиќ Ригонат во својот режисерски концепт не се откажува од Слобоѓанек: напротив ја користи неговата драматургија за да направи претстава чија актуелност е видлива, дотолку повеќе многу очигледна. Нејзиното режисерско видување на оваа пиеса која историски не е многу далеку од нас предупредува на нелагодноста на времето која сè уште не е завршена, на тензичноста која во дваесет и првиот век саамо го променила својот облик, но не и интензитетот, на отуѓеноста за која ликовите од пиесата не се многу свесни, но во оваа режисерска интерпретација се и тоа како намислени во тоа, а и на лудилото од претстојните војни што чукаат на врата како пан дан на војната која влегла низ прозорците во класот на насмеаните и полни со живот тинејџери. Елоквентноста на овој режисерски концепт како да ги отвора и најскриените значенски состојки на текстот иако на прв поглед делува реалистично. Скриените нивоа на ова видување на „Нашиот клас“ се во актерските интерпретации кои како да доаѓаат од едно време што си заминало и од нас, а камоли од историските факти што ги третира авторот. Тања Мандиќ Ригонат пред очите ни отвора еден свет кој нема временски координати, свет кој може да се случи и во некоја иднина, свет кој има благ навев на дистопија каде што смртта ја има врз себе глазурата на вообичаеноста. Ова ни го акцентира и живата музика која ги одбројува часовите во чии прегратки се случува целото дејствие оставајќи на сцената еден благ Брехтовски момент што не потсетува на тоа дека војната ја носиме со себе и затоа не се изненадуваме многу од неа, можеби само покажуваме дека сме се уплашиле и дека стравот е тој што ќе нè наведе на лесноумие и ирационални одлуки. Слобоѓанек во оваа пиеса пишува и за лагата, онаа подмолната и неосетна лага која во првиот момент е спакувана во ветувања и надеж, а потоа така разголена ни се вовира во тешко прифатеното самооправдување.

 

 

Актерската енергија е сигурниот показател на режисерското видување, но од друга страна е главниот столб на оваа многу компактна и органична претстава. Органиката во овој сегмент од претставата е фасцинантна затоа што сплотеноста и моториката на надополнување на ликовите едни со други е најкомплексното и најгустото нејзино ткиво и тоа ткиво изнедрува извонредни актерски партии како што се да речеме: Нина Нешковиќ која својата Зоха ја одигрува со голема емотивност и инспиративност, Вучиќ Перовиќ кој енергичниот и бунтовен Ришек го одигрува со голема умешност и артизам, Петар Стругар чиј Зигмунт е со една надмена резонираност, но од друга страна и со базична пресметливост и животна радост, Јован Јовановиќ чиј пак Менахем е молчелив, но многу тензичен и стамен, лик на кој како да му се придружува и Хењек на младиот Данило Лончаревиќ кој својата здржаност ја сокрива во животната логика со која се бори постојано, а овде ќе ги споменеме и многу енергичните Јакуб Кац на Драган Секулиќ и Владек на Недим Незировиќ кои се обидуваат да ги победат животните страдања со многу надеж и верба. Во оваа констелација по малку се одвојуваат Абрам на Душан Матејиќ кој останува како жив сведок на едно време што го повело низ своите ветрометини и исклучително динамичната Сузана Лукиќ во чија интерпретација на Рахелка и Маријана ја наоѓаме онаа веселост што многу скоро ќе го напушти овој клас. 

Кога сме кај визуелните решенија на оваа претстава би се осврнале на нивната совршена складност и функционалност и би рекле дека едноставната сецнографија на Бранко Хојник која иако претставува училница, таа е дел од едно заборавено место каде што се учело и се проучувало, каде што се откривал светот во тинејџерските години, додека костимографијата на Ивана Васиќ на некој начин ја потенцира таа духовна патина низ задушените сиви нијанси на костимите кои само повремено потсетуваат на тоа дека овде, во оваа заборавена училнице се случувал живот. Како што кажав погоре, инспиративната музика на Ирена Драговиќ на сцената ја изведува група од кларинет, виолина и хармоника/клавир отворајќи во своите тонови една мемоарска дистанцираност, понесувајќи го со себе тоа трауматско време кон незаборавноста.

 

 

„Нашпиот клас“ на Тадеуш Слобоѓанек е пиеса за неминливоста на човековата несфатеност. Војната е плод на недоразбирање и нејзината ирационалност е погубна за целото човештво. Генерациите се формираат за да одбележат едно време. Овој клас го одбележа времето на непостојаноста и неодлучноста и неговата жртва за жал, не послужи за пример во иднината. Недалеку од нас горат некои други класови, се растураат некои други генерации, а тоа се случувало и во меѓувреме. Во едно од своите интервјуа во врска со овој драмски текст Тадеуш Слобоѓанек вели: „Не се занимавам со историски настани, иако опширно црпам од разни судски, новинарски или академски извори. Мојата цел е да прашам: Зошто она што се случи во летото 1941 година, не само во Једвабне или Радѕилов, туку и во многу различни форми во десетици полски градови, толку многу ме измачува? И токму оваа моја неволја за проблемот сакам да ја споделам со читателите или театарските луѓе.“ Пораката на ова видување на овој текст е секогаш иста, но човекот нема начин да ја сфати затоа што се отвораат нови војни и секогаш има нови „причини“ за тоа, но секогаш има и многу нејаснотии кои како Слобоѓанек ќе измачуваат некои други луѓе во некои други времиња. И тој маѓиски црн круг, за жал никогаш не запира.

 

Рецензија на Сашо Огненовски

ЗА АВТОРОТ

Елементи

Елементи

ЕЛЕМЕНТИ - БРОЈ 14

ПОДДРЖАНО ОД

Елементи

Елементи

© Електронско списание за книжевност - ЕЛЕМЕНТИ