(Кон претставата "Ќелавата пејачка" од Ежен Јонеско во режија на Јагош Марковиќ, а во продукција на Центарот за култура од Тиват, Црна Гора. Главни улоги: Олга Одановиќ, Бранко Видаковиќ, Дубравка Дракиќ, Момчило Оташевиќ, Сандра Бугарски, Бранимир Поповиќ)
Нејзиниот незапирлив талент отвора валери збогатувајќи го овој чуден лик на Јонеско и одушевува со својата елоквентност и умешност како и со една здржана и комплексна комика. Неа ѝ се придружува и енергичниот Борио на Бранко Видаковиќ кој има една сосема поинаква комика и гради лик кој восхитува со својата екстравертност и досетливост. Господата Лазари се млад брачен пар кои не се „познаваат“ и во овој режисерски концепт го носат младешкото недоразбирање како продукт на преполнетоста со информации. Дубравка Дракиќ и Момчило Оташевиќ градат брачен пар од нашето модерно милје кои не знаејќи што би правеле со својата куртоазија, од неа прават „неподнослива“ гротеска која одлично ја интерпретираат оставајќи го впечатокот на несфатливост на младите, добростоечки парови чии логорични тиради се обично полни со непознатици и непростливи грешки. Мери од Мерица е слугинката која иако “отсутна“, таа е сосема во приказната за недоразбирањето кое станува начин на живот во Бокешкиот крај и нејзините тиради се само укажување на координатите низ кои се движи дејствието низ сјајната интерпретација на Сандра Бугарски, додека со широкиот изразен дијапазон на Бранимир Поповиќ кој Пожарникарот го претвора во „капетан“, дефинитивно се отвораат прашањата на апсурдноста и на локално и на генерално ниво. Овде, секако треба да го споменеме и трансформирањето на текстот во Нокешкиот дијалект на Невен Станичиќ кој е на некој начин ‘рбетот на говорното дејствие на целата претстава. Алогичноста е понекогаш засолниште во кое човек може да си ги сокрие своите лаги, својата неспособност, својата индолентност. Јагош Марковиќ во ова свое видување на „Ќелавата пејачка“ го покажува токму тоа: напорот на човекот да остане невидлив тогаш кога е немоќен.
Она што импонира во оваа претстава е и одличната визуелизација низ сценографијата на Тара Лазаревиќ Кисиќ која претставува салон на богати медиокритети поставен во вода и костимографијата на Марија Марковиќ Милојев со типично гротескни симболи и голема доза на живописност. Интерпретирајќи познати хит мелодии од Далматинскиот крај, оваа „Ќелава пејачка“ на Јагош Марковиќ нè наведува на тоа да помислиме дека оние извици на Јонеско на крајот од самиот текст во оваа претстава имаат значење на крај типичен за нашите простори: со песна.
Уште еден цитат на Јонеско вели: „Реализмот не ја надминува реалноста. Ја намалува, ја ослабува, ја фалсификува; не ги зема предвид нашите основни вистини и нашите основни опсесии: љубов, смрт, чудење. Го претставува човекот во намалена и отуѓена перспектива. Вистината е во нашите соништа, во имагинацијата“. Имагинативноста на режисерското видување на овој есенцијален драмски текст на двасесттиот век е огромна, впечатоците од секоја изведба се сè поголеми, а пораката што ја испраќа оваа претстава е многу јасна: нашиот апсурд е болест за која нема лек. Ја живееме како епидемија без која не можеме.
Рецензија на Сашо Огненовски
Фотографии: Душко Миљаниќ
Елементи