(Кон претставата „Антигона во Амазонија“ по текст на Мило Рау и ансамблот во режија на Мило Рау и во продукција на Градскиот театар од Гент, Белгија. Главни улоги: Фредерико Араујо, Сара де Брошере, Пабло Касела, Арне де Тремери, Кај Сара (на екранот) и др.)
Во Софоклевата „Антигона“, таа во еден миг вели: „Градот кој му припаѓа на еден човек не е вистински град!“ Претставата на Мило Рау, еден од највлијателните режисерски имиња во Европа, се чини дека е ориентирана од оваа реплика/премиса. Како дел од неговата трилогија на актуелизирање на античките драми која започнува со „Орестија во Мосул“ во 2019 година, а продолжува со „Децата на Медеја“, завршува со „Антигона во Амазонија“, документаристичко театарско чудо ангажирано до последен атом. Имено, оваа претстава е плод на истражување на Мило Рау во Бразилска Амазонија, во далечно село каде што на еден начин помага во реактивирањето на „Движењето на работниците без земја“ кое во 1996 година завршило со масакр од страна на властите кој резултирал со 19 жртви. Двајцата Фламански актери, Сара де Брошере и Арне де Тремери ја балансираат приказната за Антигона со документаристичките збиднувања на екранот кои низ концептот на Мило Рау го актуелизираат митот за онеправданата Едипова ќерка.
Претставата на Мило Рау се движи на работ меѓу фактот и фикцијата завиткувајќи го бунтот во рециклираните интерпретации на историските вистини и митските модели. Трагичниот хибрис во овие констелации се движи од претресувањето на совеста па сè до облекувањето на вистината во нејзиниот двојник. Зошто двојник? Затоа што современите политички и општествени актуелизации познаваат повеќе „вистини“, додека антиката е чиста, остра и недвосмислена: вистината мора да биде само една, сè друго е лага. Кое е сето друго во режијата на Мило Рау? Неговото истражување за автократијата која во Бразил препознава 1% од жителството да поседува 45 % од земјата ги отвора митските пори на гневот кој се обновува низ оваа претстава што се одигрува на два плана: како видео проекција и во живо: приказна која ја раскажуваат двајцата фламански и двајцата бразилски актери е референца на вистинската ревитализација на движењето кое пред скоро триесет години било крваво задушено. Во видеото Антигона од Амазонија е Кај Сара, домородна актерка која одлучува да не доаѓа и да интерпретира во живо, туку да биде поживотворна со своите луѓе во селото во Бразил.
Она што фасцинира во овој начин на мислење на Мило Рау кој го има и во интерпретацијата на другите актери кои го играат и Креонт, како и другите ликови од античката трагедија и другите негови режии е релацијата на живата актерска експресија со онаа од екранот. Користејќи нетеатарски изразни средства, тој документаристипчкиот аспект на својата режија го остава на ниво на историска аргументација, додека живата интерпретација која го поврзува настанот со класичните конструкти е коментар што можеби претставува референца и во главата на гледачот. Мило Рау низ оваа приказна нуди „бунт и револуција“, но завиткана во ракавиците и излитената документација на веќе одминатите последици. Зошто велам ракавици? Трите децении од настанот наметнуваат уште три други подоцна и неговото излитување вели дека автократијата е бесмртна, а Антигона повторно ќе го закопа својот брат затоа што и е „брат“, а политичката актуелност повторно не ја интересира тоа и сè така во круг. Фламанските актери ги играат и Креонт и Тиресија, а Антигона од екранот повторно го живее она што го одживеале оние кои останале живи. А оние кои погинале? Исмена не може да мисли затоа што некој мора да биде и конформист, но Антигона на Софокле вели дека: „Мртвите, не живите се тие што ги поставуваат најголемите барања“ и со тоа покажува дека всушност хероизмот е само една станица во историјата која не ја пишуваат ни едните, ни другите, туку оние што седнале на троновите. Како и да е, Рау успева многу детално да навлезе во болните социјални и политички „травестии“ на Бразилското автократско општество и да го претвори трагаичниот Антигонин хибрис во манифест кој го раздробил во дијалог и од него направил навистина ангажирана претстава со добро осмислена порака.
Кои се вистинските ориентири на оваа Антигона? Политичката погубност која и ден денес ја раскинува оваа земја или поттикнувањето на создавање навика за „бунт и револуција“ на жителите без земја и дом кои ги има во огромен број? Митот со себе ја носи трагиката, а актуелноста со себе го носи колективниот гнев што не е артикулиран во ништо опипливо и конкретно. Затоа дилемата на гледачот дали да се поистовети со домородните бунтовници или со реконструкцијата на митото за Антигона на самата сцена останува да виси во воздухот. А можеби така е и подобро, затоа што во актуелниот реалитет и Етеокло и Полиник се онеправдани, затоа што Бразил во ова видување на Рау (што е во право без остаток) е земја без херои, какви што се многу други во Латинска Америка. Европа хероизмот го подразбира како тренд, па затоа фламанските актери објаснуваат, коментираат и одигруваат.
„Антигона во Амазонија“ е претстава со многу едноставна, но многу живописна костимографија на Габриела Керубини, Џо де Вишер и Антон Лукас, кој е автор на маѓично колоритната сценографија. На целата онаа намислена и исклучително успешна актиелност се придружува и музиката на Елиа Редигер и Пабло Касела кој ја изведува на самата претстава, музика која има многу фолклор и многу достага во своите ноти.
Овде се поставува едно многу болно прашање: дали повторувањето на историјата има потреба од реактуелизирање? Велам болно затоа што човековата цивилизација најмалку учела од своите грешки и трагедии. Мило Рау остава отворени прашања и е сосема во право затоа што е свесен (а и ние со него) дека одговорот го нема. Не интригира, не поттикнува на активизам, веројатно не предупредува дека ако не живееме во здраво политичко опкружување ќе имаме многу споменици, а малку живи луѓе. И секако, многу Антигони, ќерки на слепи татковци, родоскверници. Матриците во дваесет и првиот век се очигледни и за жал, човекот се навикнува на нив. Тие веќе не се грешки и страдања, туку дел од секојдневието и смртта останува некаде меѓу нас, придружник како и во античко време. Мислам дека таа е најголемата и најцврстата врска со актуелниот миг.
Рецензија на Сашо Огненовски
Фотографии: Курт ван дер Елст
Елементи