(Кон претставата "Добри луѓе" по драмскиот текст на Данкан МекМилан во режија на Тамара Стојаноска и во продукција на независниот театар "Златен Елец", Скопје. Улоги: Филип Христовски и Тамара Трајчевска)
Дуодрамата на Данкан МекМилан изворно озаглавена какао „Бели дробови“ е изведувана под многу наслови посветени на еколошката дисторизија, на анксиозноста на дваесет и првиот век, но и на неприлагоденоста во недореченото време кое се повеќе е натопено со лицемерие. Популарноста на овој драмски текст отвори многу дилеми и многу прашања кога сме веќе кај екологијата, а тој е инспириран од The Relation Work Project (1976-80) на Марина Абрамовиќ и Улај, драмски текст кој отвора низа прашања за паранојата во интимните врски како последица од климатските кризи. Но дали само климатските кризи можат да бидат тригерот за недоразбирањата во интимата на младите луѓе и каде треба да се впери прстот?
Тамара Стојаноска ни нуди динамична претстава полна со резок дијалог и со многу тензија. Нејзиниот режисерски ракопис овојпат ни нуди актерска енергија на празна сцена, но и многу реквизити кои заедно чинат еден свет од кој никако не можеме да се ослободиме, а тоа е светот на непотребноста. Тамара Стојаноста со ова видување отвора две мошне важни прашања: дали чувствата и бракот стануваат рециклирани вредности од минатиот век и колку анксиозноста ќе одговори на вистинските прашања? Секако, Стојаноска ги остава отворени овие прашања затоа што и Данкан МекМилан остава отворени дилеми во својот драмски текст, но оваа претсдтава звучи исклучително актуелно најмногу заради тие дилеми кои актерите совршено добро ги артикулираат низ нивите ликови.
Филип Христовски и Тамара Трајчевска градат ликови на индиспонирани млади луѓе кои современиот живот го сфаќаат како непотребен и се обидуваат да смислат нешто ново, постојано опседнати од товарот на секојдневието. Несфатени, „опуштени“ и со голема надеж, тие влегуваат во една врска која постојано се возобновува, но не со истиот интензитет, а губењето на вербата и довербата е, би рекол, најголемата нивна болка. Со силен емотивен поттик и убава говорна артикулираност, овие двајца млади актери градат ликови кои ги препознаваме и во себе и во сите оние што ги сретнуваме и со својата нескротлива актерска енергија ни донесуваат една прилично застрашувачка слика на дваесет и првиот век која многу точно ја насетуваме и од дијалогот на Данкан МекМилан. И Филип и Тамара ја држат во себе целата органика и на ликовите и на претставата и со тоа не потсетуваат дека сите оние што се до нас, се и во нас еманирајќи сила што веројатно као публика ќе се обидеме да ја рециклираме во нешто позитивно, барем се надеваме дека е така.
Оваа исклучитално динамична претстава се игра на празна сцена во која доминираат реквизитите кои пак, од друга страна, се еден конгломерат од знаци кои не потсетуваат на минливоста и на недофатливоста на иднината. Музичката илустрација на Ива Дамјановски е една друга страна од ова видување кое не потсетува дека сепак, не е се така црно, но дека мораме да имаме во предвид дека анксиознота има многу животи, а ние само еден.
„Добри луѓе“, или „Диши“ или „Бели дробови“ е претстава за светот кој е на работ на замирање и за човековата неверба. Она што останува по нас е веројатно воздухот и земјата, а тие се загадени и зацрнети од новите војни. Можеби е тоа нашата единствена грижа, но нема да имаме можност да го видиме сето тоа колку и да се занимаваме со тој проблем. Затоа, како што вели Тамара во своето режисерско видување: „Добри луѓе“ кои не можат да „Дишат“.
Рецензија на Сашо Огненовски
Елементи