Сакаше судбината да живеам
во куќа на планина
во подножјето на Водно.
Човечка и достапна планина,
создадена од домашна убавина,
тукуречи мала
како дневна соба на една куќа,
или гест меѓу пријатели.
Урбана шума,
неуредна,
за разлика од тие други македонски планини
со вонземско лице
како Галичник
или Маркови Кули.
Рацете на оваа планина
ми го покриваат домот во зимските ноќи
но и во летните, иако можеби не изгледа така.
Некогаш меѓу камењата сум барал полжави со син ми
и некои утра ѝ дозволив на маглата да ми го бакнува челото,
заскитан среде нејзините патеки.
И таму, на вратата од куќата,
од куќата каде што таа ме чекаше,
во тесната улица,
се молев додека ме набљудуваа мачките што живеат наоколу.
Да се зграби последниот миг,
моментот на благодатта.
Заборавот е најдоброто нешто,
честопати медитирам на тврдото тло.
Доаѓам од уништена пустелија
што изобилува со простор за дишење.
Наздравувам за луѓето што не ја губат лесно самодовербата,
нив ги чека најдоброто зашто не се борат против смртта.
И вечерва прегрнав некого за да не ми е ладно.
Кому да го дадам мојот зимски бакнеж?
Никому, само на валканиот скопски воздух.
Ернесто Хередеро дел Кампо е филозоф, дипломат и поет. Како дипломат од кариера на Кралството Шпанија од 2011 година, тој беше на различни одговорни позиции. Тие вклучуваат служба на советник во Одделот за човечки ресурси во седиштето на Министерството за надворешни работи, како и во Генералниот конзулат на Шпанија во Милано. Работел и како советник во Постојаното претставништво при ОБСЕ во Виена, конзул во Бразилија и заменик-шеф на мисијата во Скопје, неговата сегашна позиција. Неодамна беше назначен за советник за култура во Амбасадата на Шпанија во Сантијаго де Чиле.. Покрај својата дипломатска работа, тој работел како предавач на Дипломатската школа и Националниот институт за јавна администрација, а соработувал со повеќе академски институции во Шпанија, Бразил и Северна Македонија како предавач и соработник. Тој е и познат и наградуван поет. Има објавено три книги поезија, со преводи на неговите дела достапни на македонски, арапски, англиски и италијански јазик.