Elementi Logo

БЕЛИНАТА И ОТСУСТВОТО НА БОЈАТА

Backgorund

(Кон претставата „Снег“ по романот на Максанс Фермин во продукција на независната театарска група „Штрих“, а во режија на Зоја Бузалковска. Гл. улоги: Марјан Наумов, Лазар Христов, Томислав Давидовски, Јанка Лефкова, Ава Хусеини, Александар Степанулески, Нела Павловска, Мартин Мазнев.)

 

 

Големиот јапонски писател и драматичар, самурајот Јукио Мишима во една прилика ќе каже: „Вистинската убавина е нешто што напаѓа, совладува, ограбува и конечно уништува“. Максинс Фермин е еден од оние европски автори кои многу умешно во своите дела навлегуваат во Јапонската традиционална иконографија исткајувајќи дела кои во исто време кореспондираат и со европските мудрости. Потрагата по убавина за која Мишима говори многу сурово и погубно, во овој роман на Фермин е поетична приказна сублмимирана токму од јапонската митска метафизика допирајќи ја нејзината универзалност чии сублимати кореспондираат и со театарот како уметност. Оваа адаптација на краткиот роман на Фермин зборува за копнежот по внатрешното идеализирање и конечното одвојување од овој свет за да се достигне мудроста на стихот кој станува опсесивно средство за потрага по недофатливото. Приказната за младиот поет Јуко Акита со себе ја носи и димензијата на борбата меѓу прагматиката и вознесот. Дијагоналата што ја носи со себе оваа борба наметнува помисла на исконската конфронтација на мечот со стихот меѓу кои многу сигурно, но не секогаш и полезно се наоѓа религијата. Затоа се чини дека во тој 19 век, таткото се обидува да го насочи синот кон животните определби во исто време инсистирајќи на неговата машкост и одлучност. Оваа приказна е раскажана низ координатата на контрастите врз кои почиваат антиподите на ововременската мудрост. Мишима го споменав само заради неговата автоопструираност која е на некој начин и мегдан за поопширно осознавање на смислата. Но тоа е крајност која Фермин не ја допира, но го допира дијалогот на културите низ тенката линија меѓу животот и смртта која е еден вид на заеднички лакмус.

 

 

Оваа претстава лежи врз слоевитиот талент на актерите и актерките од сјајната независна трупа „Штрих“. Малубројната публика седната околу сцената каде што јапонските традиционални симболи преку одличната актерска игра стануваат наша дилема дали оваа приказна ќе стигне во нашите духовни протекторати или ќе остане како една лелеава впечатлива слика од чии искри ќе се насладувааме само таа вечер. Не, впеатливоста на оваа претстава не е во симпатичкото толкување на приказната за младиот Јуко Акита и мудриот уметник Сосеки. Оваа приказна станува дел од едно страдање кое го носиме со себе, но го потиснуваме длабоко во своите прагматични конструкти чија непосредност и примарност не заковуваат во приземноста еднаш засекогаш. Јуко Акита на Марјан Наумов со себе ја носи поетската нишка која овој млад и телантиран актер не ја интерпретира, туку ја провлекува низ својата емотивна гама градејќи лик кој е исткаен од версот, но затемнат од неможноста да се реализира, што е доста тешка актерска патека која овој млад актер ја изодува со голема умешност. Дилемите натопени со јапонската симболика добиваат интересен интензитет кога приказната која ја раскажуваат сите други актери станува дел од нивните сенки и тоа е околност која се претвора во неизбежност за што говорат сјајните партии на Лазар Христов, Јанка Левкова, Ава Хусеини, Томислав Давидовски, Нела Павловска и Мартин Мазнев. Чајот од јасмин, боите кои заминуваат во белото и повторно се враќаат во нашата метаимагинативност се облакот од кој повремено излегуваат младите актери за да се доловат самите како позајмено тело на своите ликови и да ја отелотворат целата приказна на Јуко и Сосеки во нешто што ние како публика постојано си го толкуваме како што се обидуваме да се толкуваме самите себеси во неочекуваните ситуации во животот. Снегот е отсуство на боја, е една од репликите во претставата што е уште една благородна контрастност чиј прелет од проѕирните сенки кон жицата врз која со треперливи чекори стапнува французинката Неж (снег на француски) е всушност пролегомена кон едно ново раѓање. Актерската енергија ни го кажува токму тоа: дека низ невидливоста можеме да го видиме она девственото, недостижното и можеби најубавото. Координирани до крај, со особен слух за иконографијата која ја употребуваат во прекрасната органичност на нивното постоење на сцената, овие прекрасни актери и актерки го даваат својот духовен амалгам за да создадат претстава која навистина ќе влезе во нашето и колективно, но и интимно паметење.

 

 

Она што фасцинира во оваа навистина особена и многу интересна претстава е секако, визуелниот момент,  одличната сценографија на Ненад Тонкин чија атмосфера е возбудливо облагородена и на која се надополнуваат и исклучително впечатливите костими на Розе Трајческа за кои искрено мислам дека се  во најубавите што ги направила досега. Овде мораме да ја споменеме и исклучително возбудливата музичка илустрација на Давид Ангелевски, силен театарски соундтрак кој е уште еден актер на сцената, оној невидливиот чии тонови инспирираат и одушевуваат.

 

 

Една од најубавите сентенци што некогаш сум ги прочитал е сентенцата во еден од моите најомилени романи, „Златниот павилјон“ на Јукио Мишима која вели: „Ако светот се смени, јас не би можел да постојам, а ако се сменам, светот не би можел да постои“. Низ белината на снегот и непостоењето на бојата, можеме да се сетиме само на тоа колку живописноста на нашата намислена околина може да ни донесе нов живот или да не лиши и од овој што ни го дале да го живееме.

 

Реценизја на Сашо Огненовски

ЗА АВТОРОТ

Елементи

Елементи

ЕЛЕМЕНТИ - БРОЈ 15

ПОДДРЖАНО ОД

Елементи

Елементи

© Електронско списание за книжевност - ЕЛЕМЕНТИ