(Кон претставата „Просјачка опера“ од Вацлав Хавел во режија на Милан Нешковиќ и во продукција на Народниот театар од Ниш, Србија. Улоги: Милош Цветковиќ, Александар Маринковиќ, Маја Вукојевиќ Цветковиќ, Милица Филиќ, Александар Михаиловиќ и др.)
Ултрапознатата „Просјачка опера“ на англискиот поет и драматичар од осумнаесеттиот век Џон Геј станува референтна кај двајца големи драматичари од дваесеттиот век: Бертолт Брехт и Вацлав Хавел. Брехт направил нова адаптација, но осовременета во духот на трисеттите години од дваесеттиот век, додека Хавел креира верзија без музика, апликативна на комунистичките политички стигми во седумдесеттите години од дваесеттиот век. Целата партитура на оваа исклучително провокативна музичка драма е идеја на легендарниот Џонатан Свифт кој деценија пред Џон Геј, ја предлага оваа сторија на големиот англиски поет Александер Поуп. Особено диверзивна, оваа опера за просјаците и проститутките станува драстично револуцинерна поддржувајќи го своевремено Џон Лок и неговиот либерализам, додека нејзините адаптации, и на Брехт и на Хавел, говорат најескплицитно за авторитаризмот на најлутиот комунизам секој во својата земја. Концептот на Милан Нешковиќ се движи по рабовите на пиесата, повремено асоцирајќи на леснотијата на авторитарноста и инсистирајќи на иронијата на слободумноста која во оваа претстава е од особена важност, најмногу низ музичките партии. Смислена како кабаретски настан, оваа интерпретација на „Просјачката опера“ на Хавел има два аршини на согледување на и во овој век горливиот пробелм на автократијата: како лудило на општеството или како коруптивен рај. Нешковиќ во своето видување инсистира и на визуелно осовременување, а и на многу поинква актерска игра која влече кон реализамот што е на некој начин и една од поголемите вредности на претставата. Реалистичното толкување на ликовите во овој концепт е кординатата низ која Нешковиќ се обидува да ја разјасни модерната коруптивна реалност, чистејќи го текстот од евентуалната музичка пародичност, што се чини дека било намера и на самиот Хавел, така што тој ни принесува една слика на горчливиот вкус на коруптивниот рај чија социјална суицидност е очигледна, што значи дека не е априорно иронизирана.
Актерската енергија во оваа претстава е за секоја почит. Овде би го истакнал Мекхит на Милош Цветковиќ, чија лежерност е еквивалент на денешната квазипосветеност на светот кој се руши. Точен, систематичен кога е во прашање актерската реторика, емотивно здржан, неговиот Мекхит е олицетворение на денешниот млад манипулатор чија судбина е секогаш неизвесна, но тој ужива токму во таа неизвесност, концентрирајќи се на своите манипулативни комбинаторики. Негова спротивност е крупниот и лекомислен Пичам, чија лакомост е одлично одиграна од Александар Маринковиќ, актер чија волуминозност во оваа улога е вистинската формула за наместената грандиозност на татко кој потпаѓа под влијание и на својата жена, а и на својата лакомост. Александар Маринковиќ креира лик кој во својата лажна бестрашност влегува со целата своја посветеност и секако, станува нејзина жртва. Овде би го истакнале и Локит на Александар Михаиловиќ, кој коруптивниот и секогаш подмитлив полицаец го донесува со голема динамичност и смисла за детали, градејќи улога која има силна говорна импактност. Госпоѓата Пичам на Маја Вукојевиќ Цветковиќ е замашна дама која верува во семејството и парите, но би се одрекла од многу нешта најмногу заради парите и оваа актерка таа амбивалентна дама ја одигрува со прилично циничен однос и иронизирана дистанцираност, особено истакнувајќи го нејзиното влијание кон својот сопруг со еден благ еротизам кој му опонира дури и на нејзината ќерка, младата Поли која одлично ја одигрува Милица Филиќ, формирајќи лик на „наивно“ и „вљубено“ девојче чија единствена цел е да се реализира како девојка или сопруга на криминоген младич со силни доминантни тенденции. Суптилна, но остра, нејзината Поли е како мала црцорлива птичка која ја гледате одоздола, а која кога ќе се доближи станува грабливка.
Една од особените доминанти во оваа претстава е и пејачот на моритатите Марко Радојевиќ, во чиј екстравагантетн настап се гледа целата иронија која ја поврзува оваа „Просјачка опера“ со другите две нејзини адаптации, индицирајќи на тоа дека музичката постановка на оваа пиеса е една историска „вистина“ која во современата драматика може да се толкува и поинаку.
Во другите улоги, многу инспиративно и компактно во својот израз настапија: Сања Крстовиќ, Анастасија Ранчиќ, Данило Петровиќ, Братислава Милиќ, Стефан Младеновиќ, Александар Стевановиќ и Андрија Митиќ.
Во оваа верзија на „Просјачката опера“ би ја истакнале и музиката на Божидар Обрадиновиќ која ја има задржано карактеризацијата и на Курт Вајл, но и на Јохан Кристоф Пепуш, со одлично осовременување кое му дава на овој сегмент од претставата блесок на еден благ и многу потребен цинизам.
Сценографијата на Горчин Стојановиќ и костимографијата на Биљана Гргур се надополнуваат со својата шареноликост во која, би рекле, дека предничи костимската компактност, така што, визуелната компонента, за наша среќа и за среќа на актерката игра и режисерскиот концепт не е многу наметлива.
„Убиството е толку модерно злосторство за кое еден човек може да биде виновен“, вели Мекхит во верзијата на Џон Геј. Хавел прави суптилна политичка верзија на убиствените тенденции и на Макхит и на Пичам, а особено на Локхит. Милан Нешковиќ со оваа претстава мошне мудро го поставува прашањето: колку репресијата убива и зошто? Се чини дека одговорот ќе го даде блиската иднина, како што досегашните одговори ги дале и другите две адаптации на овој есенцијален драмски текст.
Рецензија на Сашо Огненовски
Елементи