(роман)
Поминуваше втората јулска недела. Ѓорѓе секое утро рано одеше до продавницата пред работа, каде што разменуваше неколку зборови со младата продавачка и по некој намуртен поглед со локалните пијаници. Јовица исто така го сретнуваше меѓу пијаниците, но тој само ја вртеше главата, преправајќи се дека не го гледа. По патот Ѓорѓе сретнуваше и еден стар човек, кој постојано го повикуваше да му дојде под сенката на разгранетата цреша.
Секогаш му се оправдуваше дека нема време за да не задоцни на работа, плашејќи се од нов прекор од богатиот земјопоседник. На прашањето кога ќе ги подреже гранките на старата цреша, одговараше дека ќе го стори тоа штом добие слободен ден. Состојбата на маќеата му се влошуваше, па сè повеќе се грижеше за неа. Ја тераше да оди на лекар, но таа постојано со викање одбиваше. Ѓорѓе забележуваше дека нејзините некогаш крупни нозе сè повеќе слабеат, а тенот ѝ станува сè поблед. Кафе поради мачнина пиеше сè поретко, но цигари и натаму пушеше со исто темпо, иако секој втор дим го испраќаше со громогласен кашлање и крвави дамки на памучната марама.
Едно утро, пред да тргне на работа, враќајќи се од продавницата, Ѓорѓе ја слушна нејзината силна кашлица преку прозорецот на нивната стара, трошна куќа. Ги остави ќесите со леб и намирници на расклатената дрвена клупа пред влезната врата и втрча во собата на маќеата. Ја затекна како лежи на подот, кашлајќи во проѕирна пижама, измачкана со крв од нејзината крвава уста.
Ѓорѓе се испаничи од количината на крвта, не знаејќи каде најпрво да побара помош. Ја крена маќеата на креветот, избегнувајќи да погледне кон нејзината крвава облека, и ѝ рече дека ќе бара помош и да не мрда. Таа само немо кимна со главата, нешто што Ѓорѓе не го забележа од страв да ја погледне. Излезе потресен на улицата преку 'рѓосаната, синозелена капија, без јасна идеја каде да оди и кому да се обрати.
Тргна забрзано по долгата, пуста улица кон продавницата од која штотуку се врати. Под старата цреша го здогледа стариот човек.
– Комшија, помогни! – извика збунетиот и исплашен Ѓорѓе.
– Што се случи, Ѓорѓе?! – праша стариот човек, симнувајќи ја белата шапка од сивата глава.
– Лошо ѝ е на мама! Крв ѝ тече од уста, лежеше на подот! Сега е на кревет, ја кренав, ама е цела во крв! – објаснуваше задишано Ѓорѓе, бришејќи го потта од челото.
– Не можам да ти помогнам, Ѓорѓе, жал ми е! – се правдаше стариот, слегнувајќи со рамената.
Ѓорѓе само замавна со рака и продолжи да талка по улицата.
Кога стигна до продавницата, им се обрати на тројцата пијаници кои порано пристигнале за по некое пиво. Објаснуваше неразбирливо, а тие му се смееја в лице и го игнорираа. Внатре во продавницата, младата убава продавачка веднаш забележа дека нешто не е во ред.
Кога вторпат ѝ објасни што се случило,таа го праша кого да повикаат, знаејќи дека тој нема никого освен маќеата. Ѓорѓе се сети на газдата, богатиот земјопоседник кој еднаш му понуди превоз за маќеата до лекар. Продавачката го праша за бројот, но Ѓорѓе не го знаеше. Таа го зеде дебелиот телефонски именик и почна да пребарува. По неколку минути најде број, му ја подаде слушалката и Ѓорѓе некако му објасни на газдата дека му е потребен итен превоз, додавајќи дека поради тоа ќе задоцни на работа. Земјопоседникот му рече да се врати дома и дека ќе дојде за кратко.
Ѓорѓе излета од продавницата, не обрнувајќи внимание на пијаниците и стариот човек.
Пред старата куќа пристигна добро познат автомобил. Со непријатно чкрипење влезе богатиот земјопоседник. Во собата ја затекна сцената: Ѓорѓе нервозно се шеташе по излитениот тепих, а маќеата со длабоки воздишки лежеше на креветот.
– Нека се облече. Помогни ѝ, Ѓорѓе, да тргнеме! – рече просед човек без ни најмала рамнодушност.
– Веднаш, газда! – одговори Ѓорѓе и ја затвори вратата за да ѝ помогне да се пресоблече.
По неколку минути, излегоа: маќеата во цветен фустан, Ѓорѓе во работна облека.
Не им требаше многу да стигнат до соседното место. Лекарот ја прими веднаш, сфаќајќи ја итноста. Го упатија кон градската болница поради сериозноста на состојбата.
Откако стигнаа во болницата, исто така беа примени преку ред. Ѓорѓе и газдата молчешкум седеа во чекаоницата.
Конечно, се појави млад доктор со очила и куп документи.
– Кој е Ѓорѓе? – праша.
– Јас сум, докторе! – одговори Ѓорѓе.
– Вашата мајка е многу болна. Да беше дошла порано, можеби ќе имаше шанси. Но сега... шансите се многу мали.
– Што точно има? – праша просед човекот.
– Се плашам дека е рак – рече докторот тивко.
– Каков рак?! – праша шокираниот Ѓорѓе.
– Рак на белите дробови. Години на пушење ги уништиле нејзините бели дробови. Можеби порано ќе можевме нешто да сториме, но сега е доцна.
– И што сега? – праша проседиот човек.
– Нека остане тука два-три дена за стабилизација, па ќе ја пуштиме дома. И онака, за жал, нема да поживее повеќе од месец до два. Жал ми е – заврши докторот, поздравувајќи се со наклон на главата и исчезнувајќи во ходникот.
(Од романот „Стигма“, издание на ИБН Студио, Белград, 2022)
Превод од српски јазик:
Сашо Огненовски
Жељко Јовановиќ, автор на романот „Стигма“ е од Вилово, општине Тител, Србија. Роден е во 1996 година, во Нови Сад. Завршил средно мачинско училиште во Нови Сад, насока, Машински техничар.