Elementi Logo

Интервју со Калина Малеска

Backgorund

ИМПУЛСОТ ДА СЕ СПОЗНАЕМЕ СЕБЕСИ 

(интервју со Калина Малеска)

 

  1. Твојата книжевност има една провокативна суптилност, во себе крие длабоки пораки исцедени од твоите премислувања, а нејзиниот сублимат е мудроста која е во многу блиска корелација со модерниот животен виор. Дали современото толкување на човековата внатрешна динамика е производ од недоразбирањето со себеси?

 

Благодарам за констатациите. Прашањето ме замисли. Недоразбирањето со себеси е веројатно неизбежно во секое време, не само во современото. Има една песна од Шејмас Хини, „Казна“, во која поетот зборува за мумифицираното тело на млада девојка пронајдена пред околу две илјади години, која, според археолошките наоди, била казнета. Нема да навлегува понатаму во песната во однос на тоа зошто и како била казнета за да не одам во толкувања. Но, интересно е што поетот сочувствува со неа, се става себеси на нејзина страна во конфликтот што го имала, дури и се идентификува со неа, а сепак знае дека да бил тогаш жив, најверојатно немало јавано да ја одбрани. Ова го спомнувам бидејќи мислам дека е важно човек да се преиспитува себеси и искрено да се обиде да се запознае себеси, да знае што би направил, како би реагирал, што би рекол во одредени ситуации. Поетот во оваа песна на Хини нема недоразбирање со себеси, не се лаже, тој знае дека е многу тешко да се спротивставиш на сите. Тоа е и првиот чекор за да се спротивставиш. Инаку, недоразбирањето со себе – на пример ако си рече пресамоуверено, да живеев тогаш, јас би ѝ помогнал – тоа не би било вистина и тој не би ни бил свесен за тоа. 

Во секој случај, тој импулс да се спознаеме себеси, без илузии, без заблуди и без утехи, отсекогаш ми бил важен и отсекогаш сум сакала да го претставам во книжевноста. Но мислам дека во голема мера меѓу луѓето постои неразбирање на себе или создавање лажна слика за себе, дури и без да се биде свесен за тоа. 

 

  1. Светот што го избрав“ е роман исткаен од современите интимни превирања. Колку човековиот духовен живот се снаоѓа во време на неверба, себеизмама и неодлучност? 

 

Мислам дека е непродуктивно кога човек се одвојува себеси од светот и времето околу себе. Во смисла на оние изрази, кога некој ќе рече: ех, во колку лош свет живееме. Таа изјава подразбира дека тој човек смета дека светот околу него е некаков, а тој е исклучок. Се одвојува како да не припаѓа на светот. Пасивното доживување на времето како тешко го инхибира развојот на духовниот живот, а за да го развива духовен живот, човекот треба и самиот да биде активен да го гради или да придонесува кон времето во кое живее. 

 

  1. Дали современиот македонски писател е вистински катализатор на современите социјални, општествени и политички дисторзии и колку тој денешен автор предупредува или нуди алтернативи во своите дела?

 

Тоа е тешко прашање. Повремено, кога гледам филм или серија, на пример неодамнешната серија „Адолесценција“, си помислувам дека некогаш филмовите се побрзи во третирање на современи социјални, општествени и политички дисторзии отколку книжевноста. И тоа не важи само за македонската книжевност, туку општо за книжевноста. Од друга страна, тоа се различни уметности, и по целта и по тоа колку луѓе се вклучени на нивната изработка и колкава и каква публика таргетираат. Книжевноста, сепак, се поврзува со авторот/авторската како поединец. Бидејќи авторот живее во современи услови, сигурно дека дел од нив и ги претставува, оние кои му се најпознати, но бидејќи не може сите аспекти на современиот живот да му се еднакво познати, обично книжевните дела се задржуваат на изолирани елементи од современието. 

Што се однесува до предупредување или нудење алтернативи, тоа во голема мера зависи од поединечните автори. Јас, на пример, сум длабоко поврзана со идејата за создавање визии и алтернативи. Некои автори, пак, повеќе се фокусираат на критика на денешницата, некои се задржуваат на поинтимни случувања, без некаков видлив коментар за општествената околина. Со други зборови, понекогаш денешниот автор нуди алтернативи, но мојот впечаток е дека тоа не е честа појава. 

 

  1. Уметноста е можеби и начин на отпор против обидите да се посегне по нејзината автентичност и независност. Дали во нашава земја уметноста (особено книжевноста) е достојно третирана?

 

Мислам дека генерално е многу скудно разбирањето за важноста на уметноста, вклучитлено и на книжевноста. Книжевниците ја третираат достојно, но тука отприлика завршува таквиот третман. Книжевноста нема некоја голема прагматична цел и нејзиното влијание е посредно, затоа и не може лесно да се увиди колку е важна и во смисла на автентичност и независност, и во смисла на тоа колку ги става работите во перспектива. Важно е книжевноста да се третира подостојно, да се обмислат стратегии како да биде поприсутна во животот на сите. 



  1. Дали Калина Малеска во некоја блиска иднина би се определила и за некој друг род освен прозата, да речеме, поезија, драма?

 

Поезија пишував од дете. Ретко и тогаш, но така почнав, а сега уште поретко. Понекогаш ми доаѓа да се изразам во стихови, но она што досега го имам собрано како песни е многу малку, и уште кога ќе издвојам неколку песни што мислам дека се во ред за објавување, тоа е уште помалку. Со други зборови, не е доволно за збирка поезија, но можеби некогаш ќе се соберат. 

Драма многу сакам и во однос на раскажување приказни, драмата е доста тежок жанр, бидејќи треба сѐ да се раскаже без посредник, односно без наратор. Тоа значи дека авторот треба целосно да им ги отстапи зборовите на ликовите и сето она што се случува или што на ликовите им се случувало во минатото и ги довело до тоа да бидат такви какви што се, треба самите да го кажат, но така што ќе звучи природно во дадениот контекст, а не наместено. Тоа е тешко изводливо. Имам обиди за драма, дури и една драма што излезе како посебна книга. Тоа е: „Случка меѓу настани: Хипатија од Александрија“. Многу истражував за Хипатија кога ја пишував драмата и се обидов да ја доловам приказната за неа преку две паралелни дејства: едно во времето на Хипатија, и друго во сегашноста во Скопје за група луѓе кои треба да одат не изложба поврзана со Хипатија, па и преку нив се дознава нешто за нејзиниот живот. Немам претстава дали таа драма би била соодветна за на сцена. 

 

  1. Каде е местото на македонската книжевност во европски и светски рамки и дали сме доволно читани надвор од македонскиот контекст?

 

Веднаш ќе кажам дека не сме доволно читани надвор од македонскиот контекст. Има многу фактори за тоа и голем дел од нив не се поврзани со квалитетот на книжевното дело, туку со интерес на книжевниот пазар во другите земји, со опсегот на продажба, финансиски причини и така натаму. Што се однесува до местото на македонската книжевност во европски и светски рамки, од она што го следам, има одлични дела, и кога се прави компаративна анализа на современи македонски дела со други дела од Европа и светот, видливо е дека има многу елементи што им се заеднички. 

 

  1. Што би била Калина Малеска кога не би била писателка?

 

Кога завршував средно училиште, се мислев дали да се запишам на книжевност или на астрономија. Ги сакав еднакво и двете работи, така што причината што отидов на англиски, со фокус на англиската книжевност, не е само тоа што немаше астрономија како област на студирање во Скопје. И да имаше, можеби повторно ќе отидев на англиска книжевност. Но, не можам да замислам да не пишувам. Мислам дека и да се занимавав со нешто друго, да бев астрофизичар или психолог и историчар (дисциплини кои исто така ме интересираа), сепак сигурна сум дека истовремено и ќе бев писателка. 

 

Интервјуто го водеше:

Сашо Огненовски

 

ЗА АВТОРОТ

Елементи

Елементи

ЕЛЕМЕНТИ - БРОЈ 16

ПОДДРЖАНО ОД

Елементи

Елементи

© Електронско списание за книжевност - ЕЛЕМЕНТИ