ВО ЈАЗИКОТ
Повредив жаба,
косејќи, ненамерно;
не знам дали
ранава беше смртоносна?
Затоа морам
да напишам песна,
за да зарасне,
во јазикот.
ЈАГНЕ
Помеѓу две
жиче ни огради
јагнето ја протна главата
и ја набљудува кладата
што за него се подготвува.
Тоа во тоа
не гледа ништо чудно
зашто верува
дека огнот постои
за да се стопли крај него.
ОБЛЕКА
Никогаш не сум облекувал
облека од кожа.
Повеќе би се завиткал
во некое плетиво,
само да ме стопли
здивот на јагнето
и мајчината плетачка игла да ме боцне
ако тргнам по лош пат.
МАЧКА
Секое утро
во дворот
на установата каде што работам
наидува мачка.
Ја делам кифлата на пола,
половина за мене, а половина
за мојата немушта пријателка.
Од ден на ден
на неа ѝ припаѓа сè поголем,
а на мене – сè помал дел.
На крај,
кога во мојата рака
нема да остане ништо,
разбирам дека конечно сум сит.
НЕИЗВЕСНОСТ
Чекориш по селска патека,
каде што е наизглед пустош,
но и таму
има густ шумски сообраќај,
а кога ќе чуеш
крцкање под стапалото
се надеваш
дека е орев,
а не полжав.
Препев од српски јазик:
Сашо Огненовски
Слободан Јовиќ е роден во 1984 година во Тузла. Поет, уредник и издавач. Ги има објавено следните поетски книги: Зборови за очовечување (2009), Простор на молитвата (2010), Привид на лебдење (2012), Клима (2018), Страв од совршенство (2018), Исусов трн (2021), Во кострет (2023) и Експрес пошта (2024). Покренувач и уредник на списанието „за јазик, книжевност и духовност“ Бокатин Дијак од 2012 до 2017 година, а од 2017 година е главен и одговорен уредник на ова гласило. Иницијатор и уредник на едицијата Дијак и библиотеката Откровенија, во рамките на кои уредил и објавил повеќе од дваесет книги од различни жанрови. Неговите книги ги добиле следните награди и признанија: Годишна награда на Здружението на писатели на Република Српска, награда на САНУ од фондот на Бранко Ќопиќ, „Перото на деспот Стефан Лазаревиќ“, „Слово на Подгрмеч“, „Везот на Јефимија“, „Печатот на варошта Сремски Карловци“, „Стеван Раичковиќ“ и „Меша Селимовиќ“. Неговата поезија е преведена на руски, јапонски и бугарски јазик.Живее во селото Тобут, на Маевица.