Земјотрес
од Влада Урошевиќ (од „333 песни“, Магор/МАНУ)
Длабоко долу куциот бог ги потковува огромните и слепи коњи-кртови
со нервозни ноздри со мазни бокови
ги потковува за некаде да ги испрати кому тоа на несрека кому на знамение ги тера ги гони низ темните ходници низ звучните лавиринти преполни одеци
низ густите облаци од сулфурна пареа низ гнездата во кои мермерните божици
несат јајца од малахит од кварц од опсидијан
но коњите нејќат вискаат се противат подземјето се полни со недоразбирања со караници со пцости и со чкрипоти
коњите се тргаат постодано се враќаат тердоглаво одбиваат да се покорат
бегаат безглаво низ темнината
не сакаат да излезат здивено клоцаат
но и кога би излегле на денска светлина пред блескавата сина плоча на морето не би знаеле на каде да се упатат
така црни така слепи така крвави
кому тоа страшна порака да однесат така бесни така грозно несмасни низ визби низ скали низ камени мостови
јурат се судруваат рушат се спрепнуваат
без да се успокојат без да можат да се вразумат
се кршат по нив столбови од палатите
храмовите се веднат кулите паѓаат
се шири паниката низ долните светови божиците врескаат на своите легала
си ги корнат косите колнат избезумено
богот-ковач ги фрла своите чекани наковалната му се распукала на половина
и додека татнежот се гласи сѐ подолу и подолу
уште треперат од ужас подземните езера.
ВЛАДА УРОШЕВИЌ (1934), поет, прозаист, есеист. Дипломирал на Философскиот факултет во Скопје, Докторирал на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје каде што и работел како редовен професор. Автор е на над триесет дела. Поважни наслови: Вкусот на праските, Летен дожд, Ѕвездена терезија, Лов на еднорози, Хипнополис, Демони и галаксии, Дива лига, Невестата на змејот, Маџун и др. Трикратен добитник на наградата Браќа Миладиновци, двократен добитник на наградата Григор Прличев, дибитник на наградата Рациново признание, Роман на годината и Златниот венец на Струшките вечери на поезијата, како и на наградите Нолит, Стале Попов и на наградата Есенин на Солјузот на Риските писатели,