Elementi Logo

ТИШИНА! БИБЛИОТЕКА!

Backgorund

Марина Мијаковска „Приказни од Пајко Маало“ (2021)

ТИШИНА! БИБЛИОТЕКА!

Веќе одамна сите ме имаа заборавено. Нараменото време и спакуваните платна низ годиниве оставија распарани шевови и конци врз моето мртво тело. Насекаде е насобрана правта од тешките разговори кои ги водеа вработените во фабриката за текстил „Мода мак“. Ги чувам во себе заклучените топки на декаденцијата и на никого не го откривам клучот од истите. Не за друго, туку за да живеам живот низ розови очила.
-„Ќе биде подобро!“ – ми рече Дуња со ножиците во рацете. Ножиците се алат за распарување на традиционалениот свет и алат преку кој се спојува старото со новото Скопје.
-„Кога? Син ми Божидар се исели за Германија, ќерка ми Весела пред пет години се пресели и живее во Канада!“ – ѝ реков низ шепот и ги избришав размрсулавените линии на муцката. Многу луѓе го напуштаат Скопје, но за многу луѓе Скопје е оска на светот затоа што е единствен избор.
-„Еве, порасна минималната плата! Знаеш Бистра, две илјади денари плус, многу ќе значат!“ – се насмевна Дуња и продолжи да крои една ткаенина пред да почне да ја шие потпрена на масата за шиење. Тука во индустриската зона на населбата Визбегово се наоѓа фабриката за производство на женска и машка конфекција. Звукот на машината за шиење е скоро еднаков со звукот на машината за пишување. Само на првата во аголот тивко шијат жените, а на втората за пишување секогаш мажите издвојуваат победи. Вака или онака, на залудни нешта се трошат и конците и хартиите, а богами и животот.
-„Порано со ножиците в раце, со материјалите за шиење и со шеми за шиење и кроење нè одгледуваа нашите вредни мајки. Така си го спремавме чеизот за мажење.“ – ми рече Дуња која започна да го шие искроеното платно. Да се шие значи со конец боцнат во игла да се спојуваат скроените делови од личното време или да се спојуваат со конец раздвоените делови од ткивата на колективното време.
-„Денешниве девојки само мода тераат. Не мислат на мажачка.“ – се насмеа Бистра и се согласи со својата колешка. Во салата се појави шефот Радомир и кога го слушна женскиот џагор гласно низ дебелиот машки бас извика: -„Тишина! Молк! Тишина! Овдека се работи само во тишина.“
-„Добар ден шефе Радомир!“ – изусти Бистра и ја свитка опашката покрај машината и започна да шие.
-„Помалку разговори, а повеќе работа! “ – со остар тон им се обрати Радомир на десетте шивачки кои беа распределени на своите места во салата на конфекцијата.
-„Вечер спремаме нарачка за извоз за Италија и Германија. До 18 часот да завршите со женските и машките кошули! Сè да биде испеглано и спакувано во кутиите што се кај прозорците. Разбравте?“ – им се обрати тој со заповеден и остар тон во нотите.
-„Да! Ќе биде! Да!“ – одговори симфонијата од женски тонови во ист миг. Радомир ги стави дланките во џебовите на црните панталони и излета низ вратата на салата како копје од оган. Одеднаш настапи тишина, таква каква што има во библиотеките. Секоја од жените си работеше за да се стигне со испораката, а шефот да биде задоволен за да може да си ја заслужат платата.
-„Ах, пуста женска судбина! Само за маки сме родени.“ – со тага се обрати Дуња.
Одеднаш молкот беше пресечен со еден чуден посетител. Од една од кутиите во кои требаше да се стави испораката за Италија и Германија излезе една книга со дебели конзервирани корици. Си ги истресе кориците од долго насобраната прав по телото и им се обрати на исплашените женички:
-„Јас со години седев на дрвената полица. Со децении се хранев со човековата малодушност од сплетените разговори за вашите проблеми во животите и лошата судбина на безличните што останаа овде за да се надеваат. И јас бев жена во претходниот живот. Работев три децении како библиотекарка во Библиотеката што се наоѓаше на „Васиновата улица“ број 13. Бидејќи се разболев од вашите отрови се претворив во книга за да се спасам од таа средина.“ – им се обрати посетителката претставувајќи се себеси.
-„Што те натера да се појавиш сега пред нас? Зашто до сега се криеше?“ – гласно ја искритикува Бистра. -„Сигурно не ти бил претежок животот како библиотекарка по цел ден седејќи со кафето, па за да можеш сега да дојдеш од никаде-некаде за да ни се жалиш! Крпиме крај со крај со животов овде.“ – се развика Бистра и ги зеде ножиците.
-„Во Библиотеката никој не доаѓа, ако дојде, тогаш си има проблеми за кои нема решение. Сите мислат дека само си дремеме и си читаме, а всушност тешко на тие што животот ги истрошил како мене за да се претворам во книга. Кога станав стара книга ме читаше само еден читател Панајот Попанков од Пајко Маало. Потоа ме отпишаа и ме донираа на ѓубриштето во Дрисла. Еден работник ми се смилува да не бидам спалена во огнот со отпадоци. Ме даде на жена му што работеше како шивачка во конфекцијата и таа тука ме остави. Сега јас сум само една заборавена и непожелна стара книга!“ – изусти ретката книга.
-„Времињата се лоши. Нема пари, нема здравје, нема вистинска љубов, нема вредности и морал. Во ова општество лошо е образованието, здравството, економијата!“ – заклучија сите работнички кои ги пакуваа пратките.
-„Денес никој не чита. Куповите со книги ја губат свеста напикани во темните и правливи агли од магацините. Сфатив дека да шиеш во аголот и да стоиш на полиците во мрачниот магацин е скоро исто. Под полиците или над нив, во општеството си никој ако немаш „врска“ некој да те протурка. Во минатото скопјаните што работеа во фабриките читаа книги, а денеска современиве скопјани не знаат ни копче да сошијат ако им испадне, а не пак да читаат.“ – рече книгата вртејќи ги страниците од почетокот кон крајот. Таа замавна со кориците и се случи вистинско чудо. Десетте шивачки ги снема од салата. Тие се претворија во десет игли и десет пара ножици.
-„Некој мораше да пресече. Понекогаш повеќе ги сакам книгите од луѓето. Секогаш луѓето си заминуваат, а само книгите ги надраснуваат вековите.“ – изусти ретката книга. Се испружи на подот и исчезна пред некој да ја забележи. На местото каде што книгата згасна се појави златно копје во форма на перодршка. Одеднаш се слушна тап глас:
– Тоа ќе биде сведок на новото Скопје.
– Тоа ќе биде сведок на новото Скопје!
– Тоа ќе биде сведок на новото Скопје?
– Скопје…

СКОПЈАНЕЦ И СÈ Е МОЖНО

-„Никогаш немој да им судиш на луѓето! Сине, никогаш немој да ги осудуваш недостатоците на другите, оти еден ден, и ти можеш да живееш со мислата за недостаток.“ – вака му се обрати мајката на седумгодишното момченце со руса коса и бело меко лице додека го приготвуваше појадокот во кујната.
-„Добро мамо! А сите луѓе имаат недостатоци? Што е тоа?“ – ѝ постави прашање љубопитниот син со сините ококорени очи.
-„Велат дека нема човек без недостаток, односно мана. Недостаток е ако правиш нешто што не смееш да го правиш и тогаш како резултат на таквите погрешни постапки стануваш лош човек, мило. Секогаш да ме слушаш и да правиш онака како што јас ќе ти велам и нема да имаш грешки во животот.“ – со сигурен и отсечен управителски глас се обрати мајката држејќи му утринска лекција на Тино. Ева го постави на квадратната трпезариска маса појадокот што се состоеше од: една чаша млеко, тазе приготвениот омлет од две ровки јајца, парче сланина, сиренце и свежо приготвена шопска салата по традиционален македонски рецепт. Мајка како мајка! Секогаш се грижеше нејзиното синче да има здрава исхрана, редовни оброци и сè да биде под контрола во врска со нејзиниот ,,мал маж“. Ева по професија беше наставничка по одделенска настава. Таа беше ќерка на Панајот Поп Панков од Пајко Маало. Лесно и од рака ѝ одеше воспитувањето деца и подучувањето. Таа веќе десет години работеше во основното училиште „Блаже Конески“ во населбата Аеродром. Ева Поп Панкова, не само што избра професија за дисциплинирање на децата, туку таа секогаш мораше да ги држи конците во свои раце воспоставувајќи контрола врз нештата. Дневните подготовки за на работа практично ги вежбаше врз сопственото дете, а се состоjат од следниве императиви:
-„Тино веднаш да ги подредиш облеките во плакарот, чевлите да ги исчистиш и да ги наредиш во претсобјето! Потоа оди во собата и да ја прочиташ лектирата. Да не си излегол од сопчево додека не ја прочиташ книгата, а потоа ќе те прашам да ми ја раскажеш. Ќе морам да те преслушам што си научил денес. Ако ништо не си направил како што ти кажав ќе следува казна. Така да си знаеш!“ – умееше да наредува низ пискав глас мајката во војнички чизми на командант.
Времето вртоглаво галопираше, а Тино многу брзо растеше. Минуваа годините и тој сега стана возрасен маж на возраст од триесет и три години. И сега сигурно се прашуваш во каков маж израсна Тино? Кутриот! Тино ги разочара своите родители. Тој не ги исполни очекувањата на неговата мајка да заврши универзитетско образование, но и очекувањата на неговиот татко Мирослав да стане професионален војник во армијата. Што стана со златното момче Тино? Тој во себе имаше комплекси на ниска вредност. Затоа не можеше да заврши ниту еден од запишаните факултети. Тој студираше економија, па пиша куб, а потоа се запиша на правни науки, па повторно заглави во тркалото, па се запиша на руски јазик и повторно ништо. Тој беше вечен студент и така сè до неговите триесет и три години. На крајот се откажа. Тино беше мрзлив како повеќето млади скопјани и не сакаше да работи. Земаше пари од неговиот татко и одеше секоја вечер во кафетериите на улица „Македонија“. Како редовен посетител доаѓаше со скапиот автомобил на неговиот татко и се паркираше за да биде забележан. Кога ќе имаше девојки во близина Тино веднаш го вадеше паричникот и покажуваше купче со илјадарки. Ги пребројуваше и покажуваше мислејќи дека така ќе го намами својот плен за една вечер. Денешните скопјанки се еманципирани. Тие се високо образовани, вработени и кариеристки. Зарем им дошло до поткупот од Тино? Тој секогаш гледаше некого да изигра. Вратата на времето си минуваше, а некои нешта не се променија. Тино сега наполни четириесет и пет години. Сиротиот Тино! И сега немаше работа и живееше од пензијата на татко му Мирослав. Тој освен што не можеше да се снајде во општеството, имаше и презир спрема успешните луѓе. Бидејќи Тино секогаш се служеше со измами и лаги ги изгуби сите пријатели и се повлече во себе. Тино живееше живот во сенка, а по телото му минуваа морници од страв да се соочи со реалноста и нејзините ситуации. Единствено задоволство му беше да гледа филмови и да се излежува по дома во доцните вечерни часови. Бидејќи неговите врсници пливаа успешно во брачните води, Тино остана печен ерген.
-„Што ќе ми е жена? Животов ми надвиснал над плеќите, па уште некоја на уво да ми креска.“ – им одговори Тино на прашањата на родителите Ева и Мирослав, кога мисли да стапи во брак.
Родителите старееја и ги губеа и здравјето и виталната енергија. И нивниот син Тино веќе не беше во цутот на младоста. Ваков ерген гратис да ти го дадат да не го земеш. Скопјанец и сè е можно! Во градот има многу добри скопјани, но ете, нашиот Тино Маневски некако се изгуби низ ходниците на животот и никогаш не успеа да созрее и да направи нешто корисно во македонското општество. Се надевам дека ќе извлечете поука од овој скопјанец.

ПАЈТОНОТ ОД ПАЈКО МААЛО

-„Срцето на старото Скопје го доби својот пулс во периодот од 1800 до 1941 година. Десната страна на Вардар се населуваше уште во 1873 година кога беше изградена железничката линија. Тогаш се оформија централните градски маала. Во нив беа изградени најубавите улици, градби и куќи. Скопје растеше економски, па затоа од селото Сопот дедо ми Синадиј се преселил во Скопје.“ – вака го започна попладневниот разговор Димче Поп Панков со неговиот внук. Тие седеа во дневниот салон на вториот кат од куќата. Во собата мебелот беше обложен од црвен сомот и црешово дрво. Димче сакаше на внук му Панајот Поп Панков да му раскаже како неговиот прадедо Синадиј се доселил во Скопје. Панајот веќе беше стар скопјанец.
-„Дедо, кои беа првите населби во Скопје?“ – го запраша Панајот со љубопитност на хроничар.
-„Според сеќавањата на дедо ми Синадиј Поп Панков, градот најмногу се градеше во периодот од 1924 до 1930 година. Во 1928 година во Скопје веќе имаше 28 маала, а од 1934 година се проширија новите населби на периферијата и го разгрануваа телото на градот. Во тоа време од левата страна на Вардар изникнаа убавите куќи на старо Скопје: Пајко Маало, Карадаг Маало, Чаир, Гази Баба, Егит Паша Маало, Крњево, Топхаана, Чивутана, Ново Христијанско Маало, Хаџи Хајредин, Хаџи Хурем, Челебиско Маало, Џедит Иса Бег, Тешвекије. На десна страна од Вардар или новото Скопје беа постелени: Гази Менташ, Хаџи Салаледин Маало, Чивчи Маало, Мухаџир Маало, Хамдије Маало, Хараџи Селаледин (Ново) Маало, Ислаана, Кисела Вода (Каменолом), Тахталиџа, Колонија итн. Градот беше поврзан преку Камениот мост, Железниот мост и трите дрвени мостови.“ – се присетуваше дедо му на Панајот на минатите времиња на кои тој е сведок како натурализиран скопјанец.
-„Скопје во почетоците не било предвидено дека ќе порасне во голема матропола. Колку жители имаше во тоа време?“ – го праша Панајот.
-„Во 1913 година во градот имало 43 331 жители, а во 1926 година бројот пораснал на 69 269 жители. Во 1929 година имаше 55 798 жители, а во 1931 година 68 334 жители. Во 1935 година имаше 70 176 жители. Бројот се зголеми заради миграциите од другите градови и места. Тогаш доминантни беа семејните задруги, неколку генерации живееле заедно. Подоцна младите двојки се одвојувале од семејните задруги и функционирале како инокосно семејство. Секое семејство требало да има потомство и затоа најценети беа многудетните семејства. Тие придонесуваа за наталитетот во градот. Населението во Скопје беше составено од занаетчии и еснафлии, земјоделци и индустриски работници. Презимињата на скопјани беа според местото од каде што дошле или професијата што ја работеа.“ – му кажуваше Димче. Тој стана, запали цигара, и од полицата со книги зеде еден албум со црно-бели фотографии од старото Скопје.
-„Дедо, кои биле најубавите градби во тоа време?“ – праша Панајот.
Димче го отвори албумот и со показелецот му ги покажа трите наредени фотографии и рече:
-„Ова е Ристиќевата палата што беше изградена во 1926 година, а околу нејзе се простираа палатите на Настеви и Икономови. Во 1926 година беше издигната Кранговата палата, а во 1934 година во нејзе беше сместено прво казино „Тип-топ“ во кое скопските коцкари си играа со среќата. Во 1927 година палатата на семејството на Емил Рубен беше куќа со приземје, три ката и мансарда. Но, за мене Пајко Маало беше најубавото маало во строгиот центар. Тука живеам од 1925 година.“ – одговори Димче.
-„Како настанало Пајко Маало? Дали има некоја легенда за тоа како го добило името?“ – се прашуваше Панајот.
Димче во албумот извади неколку фотографии од Пајко Маало и му ги посочи на Панајот. Потоа тој продолжи да му објаснува:
-„Во Пајко Маало се наоѓала џамија во Старата скопска чаршија што ја беше изградил трговецот Ибни Пајко што сакал да им се додвори на муслиманите кои во тоа време биле на власт. Во 1938 година во близина на џамијата беше подигната зградата во бело-црвена боја Дом Ибни Пајко. Џамијата беше урната во време на Втората светска војна, а до денес остана зградата на Дом Ибни Пајко како монумент од старо Скопје. Тука беше улицата „Серава“, а по овој трговец и по оваа градба централното и градско маало го доби името Пајко Маало. Домот беше првиот објект во Скопје со идеја за плоштад налик на светските метрополи. Пајко Маало водеше до Соколаната каде младите во четвртоците и неделите одеа на игранки. Во моето време куќите се осветлуваа со ламби и фенери, а со вода се снабдувавме преку бунари. Градот немаше струја и вода. По Првата светска војна, Скопје се електрифицираше и доби водовод. “ – со леснотија објаснуваше Димче.
– По што било познато Пајко Маало во тоа време?“ – го запраша Панајот.
-„Ова маало беше познато по убавите куќи на занаетчиите, трговците и елитата во тоа време. Пајко Маало беше познато по пајтоните кои тогаш се појавија како прво превозно средство. Тие стоеја на одредени постојки и собираа патници. Најпознат беше пајтонџијата Петар Пуков. Првите коли во Скопје можеа да се забележат во 1911 година и беа од марките Рено и Форд. Во 1935 година имало 124 коли, 24 товарни возила, 25 мотори, 1300 велосипеди и 110 пајтони. Првите автобуси дојдоа во 1925 година, а прв превозник и сопственик на автобуси беа браќата Поповиќ. Јас бев меѓу првите во градот кои имаа купено пајтон од Виена. Богатите луѓе имаа пајтон за свои потреби, а другите се превезуваа преку пајтоните како јавен превоз. За мене во тоа време најубаво се шеташе со пајтон. Низ кејот од градот имаше пајтон станици на кои се собираа патниците и се превезуваа по најпрометните улици во тоа време.“ – се присетуваше Димче листајќи го фотоалбумот.
-„Многу населби за кои ми кажа дедо Димче дека постоеле во минатото, денес не постојат. Зошто денес ги нема? И Пајко Маало не е како некогаш.“ – со збунетост го поставив до мене прашалникот.
– Многу од куќите од плитар се избришани од картата на градот заради поплавите, земјотресите и елементарните непогоди кои го напаѓаа ова поднебје. Само најсилните ги преживуваат и надраснуваат големите несреќи. Опачината на постоењето го менува лицето на градот . – Димче Поп Панков го заврши денешниот разговор со внукот.
Тој стана од дрвената фотелја со црвен сомот и го врати фотоалбумот на полицата до книгите во дневниот салон. Семејството Поп Панкови ја сакаа уметноста и го негуваа кујунџискиот занает . Затоа сите сакаа да читаат и во своите домови поседуваа домашна библиотека со пијано. Димче го погали внукот по косата и го бакна во челото. Потоа му рече:
– Ајде, земи си некоја од моиве книги за млади и однеси си ја дома. Читањето го збогатува знаењето! Мораш да читаш за да знаеш! Внучко, ќе го учиш нашиот занает, но треба да се занимаваш и со уметност. Бидејќи си љубопитен, и сакаш да ги знаеш приказните за настанокот на Скопје, добро би било еден ден Панајот ти да станеш хроничар. Затоа слушај што ти кажуваме, бележи ги фактите, но и самиот осознавај. – со топол глас му се обрати Димче. Панајот Поп Панков зеде една книга со тврди корици и почна да ја разгледува. Потоа книгата ја стави во внатрешниот џеб од палтото. За кратко си замина дома. Денес тој од дедо му доби нови сознанија за постелата под Водно, а можеби денешната лекција ќе вроди со плод. Момчето како што растеше така во неговите бележници ги бележеше сите различни приказни за Скопје. Тој ги исполни очекувањата на неговите предци. Панајот стана првиот скопски хроничар, а таквите луѓе се бесценето и ретко богатство.

ЗА АВТОРОТ

Марина Мијаковска

Марина Мијаковска е родена во Скопје во 1984 година. Таа пишува поезија, проза, есеистика, литературна критика и научни трудови. Дипломирала и магистрирала на Универзитет „Св. Кирил и Методиј“, на Катедрата за општа и компаративна книжевност при Филолошки факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Таа е доктор на филолошки науки. Во декември 2017 година на Филолошки факултет „Блаже Конески“ во Скопје ја одбранила докторската дисертација под насловот Écriture féminine и романот: Прилог кон феминистичката теорија на жанрот. Мијаковска од 2013 година е членка на Друштво на писателите на Македонија. Мијаковска учествувала на многу меѓународни книжевни манифестации во земјава и во странство. Таа се стекнала со неколку книжевни награди во земјава и во странство: „Специјална награда за литературно творештво со високо уметничко ниво со ценети и трајни поетски вредности“ на „Поетски вечери во Корча“ (2012); „Караманов“ (2013); „Македонска книжевна авангарда“ (2013); „Крсте Чачански“ (2014); „Бели мугри“ (2015) и награда „Даница Ручигај“ при Друштво на писателите на Македонија (2019). Марина Мијаковска учествува на научни конференции, предава на работилници за креативно пишување. Стихозбирки за возрасни: -„Номадска душа“ (Скопје: Антолог, 2010); -„Куфери“ (Скопје: Матица Македонска, 2013); -„Психоаналитичка алхемија од страсти“ (Радовиш: Дом на културата „Ацо Караманов“, 2013); -„Тиркиз во лето“ (Струга: Бран, 2015); -„Постела на тишината“ (Скопје: Дом на култура „Кочо Рацин“, 2015); -„Коскена“ (Скопје: Дијалог, 2019) Стихозбирки за деца: -„Новогодишни детски песни“ (Скопје: М. Мијаковска, 2017) Книги со раскази: -„Куќички“ (Струга: Бран, 2014) Есеистички и научни книги: -„Жанровски полимер: Сандаче од ракописи во обид“ (Дијалог, 2016); -„Модели на родовата идентификација“ (Скопје: Сигмапрес, 2018) -„Écriture féminine и романот: Прилог кон феминистичката теорија на жанрот“ (Скопје: ЦКС, 2020) Аудио книги: -„Психоаналитичка алхемија од страсти“ (Велес: Локална библиотека „Гоце Делчев“ од Велес и Брајовата библиотека „Рајко Пајдаков“ од Велес, 2018)

ЕЛЕМЕНТИ – БРОЈ 12

ПОДДРЖАНО ОД

Елементи

Елементи

© Електронско списание за книжевност - ЕЛЕМЕНТИ