РАЦЕТЕ НА ДРВОТО
На дрвото му ги пресекоа рацете.
Плисна зелената крв
со мирис на покосена трева.
Под дрвото
работниците од градското претпријатие
ја собираа во колички
лебедовата песна на паднатите ветки.
Таа пее за сонцето кое нема
на чии дланки да здивне од жештина,
и за ветерот кој нема
во чии пазуви да се смири.
Останавме сите осиромашени
за уште една утешителна пегратка.
КОГА СЕ СОМНЕВАМ
Кога почнувам да се сомневам една птица го затресува
крилото под мојот лев очен капак; пердувите што паѓаат
ја вознемируваат мојата истрпната внатрешност.
А продавачот на костени дофрла : пердувите се добар знак!
Ангелите се со тебе, вели, и те чуваат.
СЕЕДНО Е
( „Светот и јас“ ПНВ Публикација 2021)
Одеднаш, сѐ стана сеедно.
Сите кадрици во светот,
контурите на ридовите,
спиралата на полжавот,
пенливите грпки на потоците,
особено браздите во мојот мозок
се исправија во здодевна линија.
Заиграниот поглед
што како домашната мачка
палаво скокаше од предмет на предмет
почна понизно да ползи по килимот
како искаран пес.
И јас, од жабја перспектива
се гледам себеси во хоризонтала.
Дебела линија исцртана
на домашниот кауч,
со виснати раце и нозе
како свенати краци.
Еве ги трошките пита, ситната роса зејтин
од вчерашната риба
аха, и чепкалката за заби
што мистериозно ми ја снема од раката
и денес, како и утре,
како и кој знае колку утра,
удобно ќе си полежат
во своите лежишта на подот.
Завршила филолошки факултет на катедра за англиски јазик и книжевност, Досега објавила две збирки поезија: „Слики од бунарот“, во 2017 издание на „Ѓурѓа“ и „Директни обраќања“, во 2019 издание на „ПНВ ПУбликации“.. Застапена е во алманаси и збрики во Македонија , Србија и Црна Гора : „Литературни искри“, „Бранувања“, „ Стремеж“, „ Современост“ „100 000 поети за промена“,„Поетски Слем, Македонија“ како и во „Поезијата стенка“ и „Месопотамија“ и на фестивалот за кратка книжевна форма „Затон“, Цран Гора (2020). Во 2019 на online натпреварувањето во Италија “Quando e la vita ad invitare”, добила втора награда во странската конкуренција. Истата година добитник е и на специјалната награда „Антево слово“, Сицилија Италија. Објавувала и во електронксите списанија : “Dunjaluchar”,( Бих) “Chovjek- chasopis”( Хрватска) “RegionElle’( БиХ) и „Vavilonska biblioteka”( C.G). во чија заедничка збирка се наоѓаат нејзини песни.Објавена е на некои веб страни за литература и култура како и на англиски јазик на фестивалот “Ledburry poetry festival”.