Elementi Logo

Скопска магла

Backgorund

кој ги искриви твоите улици

за моето доаѓање?



расонета,

несонета,

девојка-сон

со згазени калинки

на дупнатите ѓонови



кој прв ми понуди грст надежи

и ме турна во твоите прегратки

граду, дете на љубовта,

град за љубење,

нељубен,

кој прв остави на мостот камен воздишки?



ти спиеш, љубовнику,

ме оставаш расоблечена,

со шминка размачкана,

нерамномерно дишење 

во магливите утра

и здив на кафе по калдрмата.



јас те љубев,

ти се враќав,



ти ме земаше,

јас те имав,



ти ме сликаше

во сите бои и насмевки,

сите солзи растечени

по твоите улици

со првите сончеви зраци

на недораснатите утра

и нашите кревки години.



кој прв ја отвори устата

за бакнеж со вкус на калинка,

кој ја отвори портата 

на незнајни радости,

музиката на нашите чекори

во глувите ноќи низ чаршија,

кој прв ја крена чашата

да наздрави за младоста,



овошка распукана на твоето врело сонце,

овошка изгниена на твоите валкани улици.



се надевав 

не ќе те заљубам,

се надевав,

не ќе те изгубам 

во маглите на нашата

залудна љубов заблудна,

се надевав,

не ќе се изгубам.



кој ги искриви твоите улици

за моето доаѓање,

драго Скопје, 

кога ќе ни се крене маглата од душите?

 

ЗА АВТОРОТ

Александра Спасеска

Александра Спасеска (1984) живее и работи во Скопје. Таа е новинарка, преведувачка, авторка и активистка, со ангажмани во граѓанскиот сектор како истражувачка и менторка. „Прости песни (на кого помислуваш кога смртта мисли на тебе)“ е нејзината прва самостојна објавена книга, во издание на ПНВ Публикации (2023). Нејзиниот втор поетски ракопис, „Координати на болката“, влезе во потесниот избор за наградата „Антево перо“ за 2023 година и се закити со признанието „Антев златник“. За песната „Имало денови“ ја доби втората награда на Меѓународната поетска манифестација „Анџело Ла Векија“ („Il Parnaso – Concorso di Poesia – Premio Angelo La Vecchia“) што во соработка со Здружението за развој на култура и заштита на културно наследство „Контекст - Струмица“ ја додели наградата за најдобра необјавена поетска творба „Антево слово“ за 2024 година. Нејзината поезија досега била објавувана во неколку онлајн изданија, меѓу кои книжевниот прилог „Ш“ на студентското списание „Излез“; како и печатени антологии, меѓу кои Антологијата на младата македонска авангардна поезија; таа е првата поетеса од земјава застапена во првото печатено издание на книжевниот зборник The San Antonio Review од Сан Антонио, Тексас; била учесничка во „Астални проекции“ и застапена е во истоимениот зборник; објавена е во панорамата „Допир“ (2019), и списанието за литература „Современост“; има учествувано во неколку изданија на поетската манифестација „100 илјади поети за промена“ како авторка и преведувачка; на манифестацијата по повод Меѓународниот ден на културната разноликост на ОН и УНЕСКО во организација на ПЕН, како и на манифестацијата „Песнило“ во организација на МКЦ. Има соработувано со неколку македонски автори како преведувач и препејувач. Нејзината поезија се најде и во „Самодиви: панорама на македонската поезија пишувана од жени, од преродбата до денес“ и во изборот „Македонска љубовна лирика“ на Весна Мојсова-Чепишевска и Иван Антоновски.

ЕЛЕМЕНТИ - БРОЈ 16

ПОДДРЖАНО ОД

Елементи

Елементи

© Електронско списание за книжевност - ЕЛЕМЕНТИ