Elementi Logo

СЕТО ТОА Е ОД КУЌАТА

Backgorund

СЕТО ТОА Е ОД КУЌАТА

Прва игра

 

Нада, Уна и Нено се погледнуваат. Никој не сака прв да почне. Нено прв попушта.


НЕНО: Работам како обезбедување во една трговски синџир од  продавници. Го сакам моето работење и добар сум во тоа. Можеби немам сила како некои мои колеги, ама затоа размислувам. Никој не може да ме измами, затоа што знам дека од секого можеш да очекуваш сè. Такви се луѓето создадени — да изненадуваат... Прв ќе украде оној кој најмалку личи на крадец.
НАДА: Кога ќе ми дојде некоја богата жена на масажа, намерно ја гледам кокетно, па ѝ станува непријатно. Повеќе не ме гледа од високо, туку како да сум луда.

Гледаат во Уна.


УНА: Јас не би.

Вечер е. Нено седи на каучот и се подготвува за омилената емисија „Случаи“.


НЕНО: Уна!!!


Пауза.


НЕНО: Ајде, почна!


Пауза. Нено ја засилува телевизијата. Спикерот најавува страoтни злосторства што ќе се обработуваат во вечерашната емисија. Влегува Уна, тивко седнува покрај татко ѝ, во рака држи мобилен кој го проверува на секои неколку моменти.


НЕНО: Господ да чува... Вечерва баш се заредиле...


Пауза. Уна сега е целосно фокусирана на мобилниот. Допишува се. Нено забележува дека ќерка му не одговара ништо.


НЕНО: Зошто не гледаш?
УНА: Гледам, гледам...
НЕНО: Ќе пропуштиш сè...

Нено се враќа на емисијата. Уна го остава мобилниот и гледа во татко ѝ. Би му кажала нешто.


УНА: Индира се обидела да се убие.


Нено ја намалува јачината.


НЕНО: Од каде ти тоа?
УНА: Напишаа на училишната група. Си ги пресекла вените.
НЕНО: Која е таа?
УНА: Таа за која раскажуваше за мајка ѝ, дека постојано купува алкохол.
НЕНО: Ете, гледаш...


Пауза.


НЕНО: Кога било тоа?
УНА: Некаде синоќа.
НЕНО: Каде била?
УНА: На забава...
НЕНО: Тоа ти е она кога ти велам да не остануваш надвор по единаесет, а ти се лутиш што никогаш не те пуштам.
УНА: Само прашав, затоа што сите од класот можат.
НЕНО: Дали пиеше?
УНА: Не знам...
НЕНО: Јас ги гледам тие деца кога ќе влезат во продавницата, се преправаат дека се постари, ама јас веднаш ги нанушувам.

Нено се задлабочува во размислување. Уна избегнува разговор.


НЕНО: Кој бил на тоа собирање?
УНА: Не знам... (му пребацува) Јас не бев.
НЕНО: Па јас те пуштив синоќа да преноќиш кај Ема, нели?
УНА: Првпат некогаш.
НЕНО: Кога знам каде си и какви се тие луѓе, тогаш можеме да се договориме за сè. Слушнав, видов дека се нормални, фини и те пуштив. Така беше?
УНА: Да.
НЕНО: И недостасуваше ли нешто што не беше надвор?
УНА: Не.


Пауза.


НЕНО: И од каде им е тоа ним?
УНА: Не знам.
НЕНО: Каде го направила тоа?
УНА: Ќе дознаам утре во училиште.


Пауза. Нено се замислува.


НЕНО: Има само мајка?
УНА: Веројатно.
НЕНО: Каде ѝ е таткото?
УНА: Навистина не знам...
НЕНО: Морала порано да покажува дека ќе се случи нешто такво...
УНА: Не знам. Не се дружев со неа.
НЕНО: Јас знам. Сè ти е тоа од дома...


Пауза.


НЕНО: Тоа ти е како оној случај кога ја најдоа онаа девојка, Господ да чува, во канал. Се сеќаваш? Па ти реков веднаш што се случило, се сеќаваш? Дечкото, веднаш знаев дека е тој.

Уна не се сеќава.


УНА: Се сеќавам, се сеќавам.
НЕНО: И секогаш исто сите велат, изненадени, никој не очекувал, бил фин со соседите. А јас секогаш велам, погледни од какво семејство доаѓа и сè ќе ти биде јасно. Нели е така?
УНА: Така е.
НЕНО: Ете, не дозволувај да лажам. Зарем за секоја другарка не сум ти кажал каква е?
УНА: Да.
НЕНО: Само треба човек да седне и малку да размисли со својата глава, и сè ќе му стане јасно.
УНА: Многу ми е глупаво да ја озборувам сега, ама уште од почеток ми беше многу чудна, не можеше нормално да се разговара со неа...
НЕНО: Ете, гледаш како знам.
УНА: Жал ми е што ова ѝ се случи, ама разбери ме.
НЕНО: Те разбирам, ќерко, сè разбирам. Ти реков дека во средно ќе има секакви.
УНА: И навистина има секакви...
НЕНО: Ќерко моја, будали има, ќе видиш уште повеќе кога ќе пораснеш... Па ете ти ја првата — мајка ѝ.
УНА: Јас не ја знам, не сум ја ни видела.
НЕНО: Ма што зборуваш... Со таква мајка и јас би се убил.
УНА: Тато...

И двајцата се насмевнуваат, иако знаат дека тоа не е во ред.


НЕНО: Дали е добро девојчето?
УНА: Велат дека е во болница.
НЕНО: Јеби га, ти гледај си го твоето.
УНА: Знам.
НЕНО: Не можеш да им помогнеш на таквите.
УНА: Знам...
НЕНО: И немој случајно да те повлече тоа...
УНА: Не грижи се, нема.
НЕНО: Лесно е да те повлече, знам јас.
УНА: Мене не ме повлекло.
НЕНО: И затоа сум горд на моето дете.

Уна се насмевнува.


НЕНО: И мама би била.


Уна кимнува со главата. Пауза.


НЕНО: Ќе гледаме?
УНА: Ајде!

Нено ја засилува телевизијата.

 

Превод од босански јазик:

Сашо Огненовски

 

ЗА АВТОРОТ

Емина Омеровиќ

Емина Омеровиќ е родена во 1992 година во Загреб. Дипломирала драматургија на Академијата за сценски уметности во Сараево. Како драматургиња работел на театарски претстави во Босанскиот народен театар Зеница, Национален театар Мостар, Народен театар Сараево, Камерен театар 55 Сараево, Сараевски воен театар - SARTR, Сатиричен театар Театар Керемпух Загреб. Таа е селектор од 2019 година Меѓународен фестивал на средношколски театар на креативноста на JUVENTAFEST. Работела на неколку младински програми проекти како ментор и лидер на театарски работилници, а во сезона 2023/24. како уметнички и педагошки лидер Драмско студио 55, кое работеше во рамките на Камерниот театар 55. Таа е ко-сценарист на долгометражниот филм „Полна месечина“ (SCCA/pro.ba, 2019) во режија на Нермин Хамзагиќ, кој беше номиниран за наградата на Европската филмска академија (EFA) во категорија Европско откритие 2020. Како дел од Торино Филм Лаб, од програмата „Серија Лаб“, заедно со сценаристката Асја Крсмановиќ и продуцентот Исак Јалимам го развија проектот за ТВ серијата „Седум стравови“. Заедно со режисерот и сценаристот Тимур Макаревиќ и сценаристката Оља Руњиќ го напиша сценариото за ТВ серијата Комар (SCCA/pro.ba, BH Лабораторија за содржини – BH Telecom, 2024) создадена од Тимур Макаревиќ.

ЕЛЕМЕНТИ - БРОЈ 16

ПОДДРЖАНО ОД

Елементи

Елементи

© Електронско списание за книжевност - ЕЛЕМЕНТИ