Elementi Logo

СУДНИОТ ДЕН

Backgorund

САНДРА

Семинарот за сметководители беше при крај. Последниот предавач брзо ги вртеше страниците и ги менуваше слајдовите, додека во ресторанот надвор тропаа чиниите и приборот за јадење. Воздухот стоеше заглавен меѓу големите прозорци, темносиниот теписон и системот за вентилација.

Сандра нервозно се клацкаше во неудобната фотелја, очекувајќи го крајот на долгото и монотоно говорење на предавачот. Таа ги броеше минутите, се подместуваше, го вртеше нервозно часовникот кој беше преголем за нејзиниот тенок зглоб, погледнуваше во останатите учесници, како да сакаше да добие признание дека предавањето е навистина мачно, барајќи во секого можен сојузник, но сите останати слушатели беа неверојатно смирени и нивниот деловен и свечен изглед дополнително ја вознемируваше, не само психички туку и физички, и во последниот час од предавањето Сандра почна да чувствува некакво чешање во вените, некаква необјаснива и немотивирана нетрпеливост кон сѐ и сите. 

Таа проба да дише и да издишува во точнo одбројан ритам, но нејзиниот здив стануваше сѐ пократок, а пулсот ѝ се зголемуваше. Минутите не поминуваа, тие како да стоеја заглавени некаде помеѓу теписонот на стариот хотел и прекрасниот светол ден. 

Сандра сфати дека е хронично изморена. Во последните неколку седмици таа беше претерано чувствителна и избувлива, без да има конкретна причина за таквиот немир. Го препишуваше тоа на годините, многупати помислувајќи дека влегува во климакс. Таа мисла повторно ѝ светна, но не можеше долго да се задржи во умот на Сандра. Во тој миг таа само сакаше да побегне некаде, некаде далеку од предавачот со монотон глас, од луѓето кои глумеа, од застоениот воздух. Сакаше да може да скокне од тврдата фотелја, и во фитнес центарот на хотелот да трча еден час на патеката за трчање, да го донесе своето тело до гранична состојба на оптовареност, толку голема што би ѝ застанал умот. Сандра сфати дека ги мрази сите типови собири, на кои луѓето се прегласни, пренагласено среќни и дружељубиви, и на кои се јаде без контрола. Ама мораше да ги посетува сите семинари. Така од неа бараше компанијата во која работеше. 

Вдишувајќи длабоко, се сети дека е вработена и дека за тоа е платена, многу подобро од кој било друг правник кого го познаваше. Повторно вдиша длабоко, издиша полека и со последните ментални сили се загледа без фокус во предавачот, по што продолжи да запишува во црниот кожен нотес. 

Во редот пред неа седеше една жена, која неколкупати се сврте кон Сандра, загледувајќи ја некако чудно и подолго отколку што е потребно, насочувајќи ги своите очи кон зениците на Сандра, небаре се обидуваше да ѝ ги прочита мислите. Сандра не сe потруди да ја препознае, и оној миг кога ќе им се фатеа погледите, Сандра засрамена, како нешто да погрешила, погледнуваше на друга страна, најчесто кон прекрасно уредениот двор. 

Семинарот заврши околу два часот. Сандра и двајцата мажи кои ја измеркаа од глава до петици, беа единствените кои веднаш излегоа од салата. Останатите жени се собраа околу професорот Аргировски, сите облечени во невпечатливи темни костимчиња. Сандра ја препозна таа стопати видена сцена, преврте со очите, го грабна нотесот и со брзи чекори се упати кон лифтот. 

Додека чекаше, малата женичка од редот пред неа, како да изникна пред лифтот. Од само еден поглед Сандра сфати дека жената е анорексична. Во нејзиното лице немаше ни капка крв, а коските ѝ излегуваа преку ткаенината на преголемиот џемпер. 

Жената повторно се загледа во Сандра, предолго и скоро без трепнување. 

„Не ви се допадна предавањето?“- рече малата жена, а потоа се насмевна толку искрено и некако покорно, што Сандра, и покрај тоа што беше нерасположена, ѝ возврати со филмска насмевка. 

„Знаете, овој тип предавања се нешто што одамна го поминав. Освен тоа, јас сум правник. Мене повеќе ме интересира законската рамка, отколку конкретни сметководствени примери.“

Лифтот дојде. Сандра во огледалото го фати својот прекрасен лик, долгата пурпурна коса, високо подигнатите гради и заоблениот задник, кој совршено се вклопуваше во розовиот дневен костим. Малата жена ѝ се виде уште помала. Нејзиното мало тело беше чудно поради преголемата глава со многу коса. Лицето го имаше избелено со несоодветна пудра. Инаку женичката беше симпатична и, ако можеше да ја стилизира, Сандра би го извадила од неа најдоброто. Но жената беше облечена целата во црно, без никакви детали на гардеробата. Немаше дури ни накит.

„Ќе дојдете ли на прошетката до манастирчето и мостот?“- праша малата жена.

„Не знаев дека ќе има таква прошетка. Во колку часот е планирана?“ 

„Во три и пол, после ручекот.“

„А каде се тој мост и манастирчето?“

„Водичот објасни дека е веднаш над хотелот, имало некаков знак за црква. Се одело околу дваесет минути. Мостот го поврзувал автопатот со селото.“

„Интересно. Благодарам за информацијата.“

Се насмевна и погледна задоволно кон огледалото, додека ликот на жената се губеше зад врата од лифтот. 

Откако заврши со вежбањето, Сандра проба да седи на терасата од хотелот и да го набљудува небото кое играше со бои и форми. Беше убав јунски ден. По половина час сфати дека времето минува бавно и дека има уште многу часови до вечерата. Посака да го види фамозниот висечки мост над Вардар. Се приближи до групата жени кои го имаа опколено младиот водич, како да зависат од неговата гравитација. Сандра не успеа да му го види лицето, но сепак сфати дека е премлад за неа, иако беше згоден како Аполон. Бегаше од помлади мажи, тие носеа неволја. 

Реши да тргне сама. Малата жена од претходно стоеше настрана од толпата и ја гледаше Сандра со посебен поглед, онаков со каков што се гледаат луѓето кои многу ги сакате или оние кои многу ги мразите. Повторно беше облечена во црно, па Сандра иако ја примети, се направи дека гледа нешто на мобилниот и почна да планинари со брз чекор пред групата. Тие беа само гласен конвој кој се влече.

 

ЗА АВТОРОТ

Александра Димитрова

Д-р АЛЕКСАНДРА ДИМИТРОВА е родена 1977 година во Скопје. Завршила Македонска книжевност и Jужнословенски книжевности на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ Скопје, 2001 година. Магистрирала на катедрата за Македонска книжевност на Филолошкиот факултет со магистерската теза со наслов „Постмодернистичките стапици во драмите на Горан Стефановски“. Докторирала во 2017 година на истата катедра при Филолошкиот факултет Скопје, со тезата „Аспекти на комичното во драматургијата на Венко Андоновски“. Автор е на пет збирки позија: „Вежби за правилно дишење“ 2002 год., „Макавеј“, Скопје. „Јас-Ти“, 2004 год., самостоен проект. „Божица на подивените мачки“ 2008 год., „Блесок“ Скопје „Во аквариумот на Барби“, 2009 год., „Блесок“ Скопје Во 2019 година ја доби наградата „Антево перо“ за најдобра поетска збирка, за збирката песни „Дупка“, која е издадена под покровителство на фондацијата „Антево перо“. Во 2012 година „Блесок“ ја издаде нејзината магистерска теза „Постмодернистичките стапици во драмите на Горан Стефановски“. Нејзината поезија е преведена германски јазик, англиски јазик, словачки, турски и српски јазик. Александра Димитрова освен поезија пишува и проза, како и книжевна критика и активно предава Креативно пишување. Автор е на блоговите: www.bonbonce.blogspot.com; https://booksrecomendedbysash.blogspot.com; https://kreativnopisuvanje.blogspot.com.

ЕЛЕМЕНТИ - БРОЈ 17

ПОДДРЖАНО ОД

Елементи

Елементи

© Електронско списание за книжевност - ЕЛЕМЕНТИ