32.
Седнав покрај влезот од каде што чадеше вечерата.
Тука воздухот беше потопол, веќе бев многу уморен и поспан, па ме замае. Освен тоа, тој воздух носеше некој мирис, познат. Одамна негде претходно веќе сум го осетил, но не можам да се сетам каде. Ме залула како бебе и само се спуштив низ ѕидот на подот.
„Дете мило, држи се за бетонот, ќе си ги настинеш бубрезите...“
Некоја постара жена ме зеде под рака и ме воведе во таа соба. За првпат, низ едното склопено око, видов како изгледаат собите на Сахара. Всушност, во една соба беше цел стан, имаше два каучи на кои изгледа и се јадеше и се седеше и се спиеше. Меѓу нив, во аголот имаше пластичен сад полн со вода и крај него сапун и нешто за чистење. На едната страна, покрај едниот кревет, ормарче на кое беа наредени тегли и конзерви. На другата страна, покрај другиот кревет, залепени кутии наместо ормар и на нив мал телевизор. На подот, покрај влезот во собата, мала кафекуварка на струја.
„Легни овде убаво, додека Зехра не ти стави нешто за јадење. Па ќе отспиеш. Утре ќе видиме што ќе правиме...“
Легнав, жената седна до мене, покрај главата ми спушти чинија со некаков нарезок на коцки што не го ни гибнав. Го изгаси светлото, но собата блескаше од малиот екран во мракот. Во него зјапаше човек кој се стопи со креветот. Ќебето што го покриваше него е исто како она што ги покриваше обата каучи. Му ѕиркаше само главата со цигара во устата на која висеше пепел. Човекот ни јадеше, ни зборуваше, ни трепкаше. Жената не го ни спомна. Па не му го знам името. Би можел да го наречам Човекот што зјапаше во телевизорот.
Во Сахара се стануваше рано.
Низ сите тие затворени врати се слеваа звуци во ходникот. Веќе е седум наутро. Од секој отвор, секое семејство, се гласаше на свој начин. Едни пцуеја од рано утро. На други им врескаше мало дете кое никој немаше волја да го залула. Трети ги пуштиле вестите до крај, како некогаш музиката по сватови. Четвртите се довикуваа со соседната соба кој ќе стави кафе...
Зехра, ако го паметам името добро, зборуваше пред да ги отворам очите, мене или којзнае кому.
„А се живее, дете мое, како некому да му е животот лесен, но, еве, го ставаш кафето вака, ќе замезиш што има, ќе му заблагодарш на милиот Алах, ќе си поприкажуваш со некого, и отиде денот, па така, ден по ден, нешто на крајот Алах ќе прогледа...“
Жената не се гасеше, како што не се гасеше цигарата во устата на нејзиниот маж. Зборуваше таа и за себе и за него, гледам дека ѝ е драго што има со кого да зборува, како оние гости што доаѓаат по документи кај мајка ми, додека таа им средува, веќе навикнав на тоа... Знам дека кај таквите луѓе е најдобро да не се зборува ништо, само да се пуштат.
Потоа жената почна да ми зборува за своите во Босна, какво семејство имала, пет деца, од некои и внучиња, ни за едно не знае како се и каде се, но секое утро ќе се изназборува со нив, секому му го спомнува името, вели дека сето тоа тие ќе го чујат кога ќе заспијат, ќе им дојде гласот во сонот, и ним и на сестрите, па им ги вади сликите од кутијата за чевли, клекнува на подот да измеша нешто за куварката, па се враќа и ги реди пред мене, овде сме на теферич, овде братот оди во војска, овде се роди малиот Амел... и јас гледам, сите тие постари жени покрај неа во димии, сè шарено и се виори на ветрот, па тие се мислимани, малку се уплшив, тие во Загреб се наши, долу не се, но Сахара е посебна држава, како Босна, само смалена, ни горе ни долу, не знаев што би требало сега да правам, а и ми беше гајле, сега се сетив на мирисот, тоа беше алва што ја правеше баба ми додека беше жива, ене ја пак Зехра, меша во куварката, се за мене...
Извадок од романот „Фабрика за Хрвати“ во издание на ВБЗ, Загреб, 2023)
Превод од хрватски јазик:
Сашо Огненовски
Небојша Лујановиќ е роден во 1981 година во Нови Травник (БиХ). Тој се занимава со пишување, научна работа и трчање маратони. Живее во Сплит и работи како виш предавач на Филозофскиот факултет. Дипломирал политички науки на Факултетот за политички науки и социологија и компаративна книжевност на Филозофскиот факултет во Загреб, каде што докторирал во 2012 година во областа на книжевната теорија. Тој е автор на бројни раскази, есеи, патеписи, литературни рецензии и научни трудови. Негови дела се објавувани во домашни и странски литературни и стручни списанија. Ги објавил следните прозни дела: романите „Стаклено око“ (Парнас, 2007), „Фабрика за Хрвати, (ВБЗ, 2023), Дрвото на Џошуа (Фрактура, 2024), збирката раскази „Со погребна поворка надолу“ (Алгоритам, 2008), романот „Година на свињата“ (Алгоритам, 2010) и романот „Оргулите од Валдсасен“ (EPH-Liber, 2011). До крајот на студиите тренирал веслање во Загрепскиот веслачки клуб, по што се посветил на маратонското трчање. Наскоро ќе објави нов роман и ќе го истрча својот петти маратон. Тој е горд татко на малиот Ловро.