Elementi Logo

ТРИТЕ ПОСЛЕДНИ ДЕНОВИ НА ФЕРНАНДО ПЕСОА

Backgorund

Влегува Песоа во домашна облека и папучи. Обвиен во сина магла...

Песоа:
Не сум многу гладен, но ќе јадам нешто од љубов кон вас... Што ми донесовте?

Бернардо Соареш:
Традиционални јадења, едноставни, но многу вкусни...

Песоа приоѓа до масата и седнува. Соареш стои како келнер. Покажува кон чиниите и тенџерињата...

Бернардо Соареш:
Имате калдо верде, вашата омилена супа, а овде се чкембињата а ла Порто, ги донесов затоа што еднаш ви ги послужиле ладни, како ладна љубов – така и напишавте во една ваша песна... Сакав да ги пробате топли, гледајте, уште се пушат, штотуку симнати од оган...

Песоа:
Имам воспаление на црниот дроб, Бернардо, можеби не треба да јадам шкембиња, но од љубезност ќе земам неколку залчиња. Сѐ уште паметам кога ми ги послужија ладни, но знаете, драг Бернардо, тогаш тоа не бев јас, на мое место беше Алваро де Кампуш, оној декадентен поет и сјаен, но порочен, морепловец...

Песоа полека ја јаде супата, повремено го погледнува Бернардо Соареш, потоа ги пробува шкембињата.

Песоа:
Извонредни се, Бернардо. Но не смеам повеќе, ве молам господине Соареш, вие изедете ги, сигурен сум дека денес не сте ручале?

Бернардо Соареш:
(Седнува наспроти Песоа. Завртува ракави и почнува да јаде. Гладен е...)
Не ручав. Не можев да си дозволам таков луксуз да платам ручек за две лица, па зедов само за едно, затоа со задоволство ќе се послужам... Се сеќавате, ресторанот се вика како вас – Песоа, но тоа е многу скромен ресторан, во кој лица како вас сигурно не би стапнале...

Песоа:
(Ги брише устата со салфетка)
Тоа не е точно, јас ги сакам скромните ресторани, секогаш сум живеел скромен живот, но кажете ми, дали сѐ уште размислувате за Самарканд?

Бернардо Соареш:
Малку научив узбечки. Онака, за забава, иако никогаш нема да отидам во Самарканд, но тоа што го знам јазикот кој таму се зборува, ме прави поблизок до тој град за кој сонував целиот живот...

Го изел преостанатиот ручек. Со леб го избриша чинијата.
Станува и ја трга храната.

Бернардо Соареш:
Но бев во Кашкаиш.

Песоа:
Кашкаиш, какво прекрасно место, и јас таму поминав неколку дена, не повеќе од две недели. Никогаш тоа никому не сум го кажал, но вам со радост ќе ви признаам, затоа што ве сметам за пријател, драги мој Бернардо – отидов на психијатриска клиника во Кашкаиш. И таму го запознав Антонио Мора, пантеистички филозоф, и морам да ви кажам дека во тој град го поминав најсреќниот период во мојот живот, бидејќи тогаш врз мене се урна некаков црн бран кој ме повлече во длабочината, и сакав само да – умрам... а наместо тоа го запознав Антонио Мора и тој ми вдомил вера во Природата.

Бернардо Соареш:
Антонио Мора. Никогаш не сте го спомнале...

Песоа:
Антонио Мора е луд, барем официјално, но во исто време и бистар. Го проучуваше паганизмот и христијанството. Носи туника како старите Римјани, бела туника до глуждовите, носи сандали и ретко зборува, но со мене зборуваше...

Бернардо Соареш:
Што ви кажуваше?

Песоа:
(Занесено)
Прво ми рече дека боговите се вратиле, бидејќи таа приказна за една единствена душа и еден бог е минлива и набргу ќе ѝ дојде крај. А кога боговите ќе се вратат, ќе го изгубиме единството на душата, и нашата душа повторно ќе стане повеќеструка, како што заповеда Природата.

Бернардо Соареш станува од столчето и излегува од сцената.
Песоа останува сам, чувствува нелагодност, најпрвин седи мирно, а потоа се свртува околу себе...
Го бара својот соговорник, па повторно се смирува.
Влегува Бернардо Соареш и носи дрвена гајба полна со шишиња вино.
Ја става пред нив, покрај масата.

Бернардо Соареш:
(Заборавајќи на претходниот разговор)
Знаете, драги Песоа, последнава година страдав од несоница и секое утро, на зори, гледав низ прозорецот, набљудувајќи ја промената на светлината над градот, опишав многу разденувања над Лисабон и на тоа сум горд, бидејќи тешко е да се пишува за нијансите на светлината, но мислам дека успеав, цели слики насликав со зборови.

Песоа:
Го бележевте тоа во тетратката со кожни корици што ја добивте по пошта од Јужна Африка?

Бернардо Соареш:
Да, ги користев зборовите како четки за сликање на платно, а мојата палета беа разденувањата и зајдисонцата над Лисабон...

Заминува. Донесува две чаши. Отвора шише со вино. Сипува.
Наздравуваат.

Песоа:
(Ја зема чашата. Пие. И веднаш си сипува нова пијачка)
Тешко е да се одолее...

Бернардо Соареш:
(И тој пие брзо)
Вашиот болен црн дроб веќе е рамнодушен.

Отвораат ново шише. Пијат.

Бернардо Соареш:
Се покажа дека мојот директор, господинот Вашкеш, има вила на море што му ја дала на користење неговата фирма „Вашкеш и Модика“, а тој беше љубезен да ми понуди неколку дена таму, ми го позајми и својот возач Алваро да ме однесе. Така една цела недела поминав во вила со триесет соби...

Песоа:
(Го зема шишето, ја гледа етикетата)
Одлично вино, добар избор, Бернардо, покраината Кот д’Ор...?

Бернардо Соареш:
Да, да... Тргнавме едно сончево утро, беше студено, но денот беше прекрасен...

Излегува. Донесува празен бамбусов држач за птици.
Повторно наздравуваат.

Бернардо Соареш:
Го поведов со себе Себастијан, папагалот на соседот јагленар. Тоа е папагал што знае да изговори неколку зборови, па дури и некоја реченица, и мислев дека ќе ми прави друштво.

Бернардо излегува кон прозорецот, гледајќи во далечината.

Бернардо Соареш:
Куќата има волшебна тераса што гледа кон океанот, таму го поставив држачот на Себастијан, но му ја одврзав врвката, го пуштив да лета слободно. Преку ден Себастијан беше по дрвјата во паркот, а навечер се враќаше на држачот – токму кога јас седев на терасата и ги создавав моите слики од зборови. И така, додека пишував, зборував со Себастијан и го учев да изговори неколку ваши стихови, почетокот на песната Трафика...

Песоа:
Не сум ништо.
Никогаш нема да бидам ништо.
Не можам ни да посакам да бидам нешто.
Ако тоа се исклучи, во себе ги имам сите соништа на светот.
Прозорците на мојата соба,
Мојата соба во еден од милионите светови, што никој сигурно не може да ги определи,
А и кога би можел – што всушност би знаел...

 

Превод од српски јазик:

Сашо Огненовски

 

ЗА АВТОРОТ

Милош Латиновиќ

Милош Латиновиќ (Кикинда, 23 септември 1963) е српски писател, директор на Битеф театарот и Битеф фестивалот. Покрај романи, пишува драмски текстови, раскази, поезија, есеи, студии и литературни прилози. ### Биографија #### Образование и професионална кариера Во својот роден град ги завршил основното и средното училиште. Дипломирал на Факултетот за политички науки во Белград, по што ги завршил мастер студиите и дипломирал со тема за Стеријино позорје и театарскиот живот во Србија од 1956 до 2009 година. Работел како новинар во весникот „Комуна“, на „Радио Кикинда“ и телевизијата „Б Плус“. Соработувал со многу весници и списанија во Србија. Од 1999 година бил директор на Народната библиотека „Јован Поповиќ“, а од 2003 година директор на Народниот театар во Кикинда. Од 2008 година бил заменик на градоначалникот на Кикинда, а потоа член на Советот за култура и медиуми. Во моментов живее и работи во Белград. ### Литературна кариера Милош Латиновиќ е автор на дваесетина книги, вклучувајќи десетина романи, книги со раскази, есеи, поезија, драми и литературни прилози во периодиката и дневниот печат. Неговите дела се преведени на англиски, унгарски, словачки, словенечки, македонски и романски јазик. Неговите драми „Панонски карусел“ и „Црњански или Паyадор“ биле изведени на сцените на професионалните театри – двете во Народниот театар во Кикинда. Редовен соработник е на весникот „Кишобран“, кој излегува на српски јазик во Ванкувер, каде што бил уредник на додатокот за литература „Рукописи“, а сега има своја колумна „Повремен дневник“. Заедно со проф. д-р Јовица Тркуља и Бранко Љубоја, го основал стручно-теорискиот симпозиум „Кикиндски дијалози“, во чии активности активно учествува. ### Награди и признанија - Награда на Друштвото на писателите на Војводина за книга на годината, за романот „Џелат во рајот“ (2008) - Награда „Стеван Пешиќ“ за книгата поезија „Ѕвезди и острови“ (2012) - Награда „Златен сончоглед“ за романот „Сто дена дожд“ (2014) - Награда „Лаза Костиќ“ за романот „Етапи на ноќта“ (2020) - Романот „Четири лудила“ беше во потесен избор за Ниновата награда. ### Избрани дела #### Романи - „Приказни на ветровите – роман во девет приказни“ (1997) - „Џелат во рајот: Фантазмагорија“ (2006) - „Случајот на виолинистот“ (1996) - „Ѓаволски трилер“ (2003) - „Сто дена дожд“ (2013) - „Клиентот на Шекспир“ (2002) - „Четири лудила“ (2017) - „На погрешната страна на реката“ (2015) - „Етапи на ноќта“ (2019) - „Долг ден“ (2021) #### Приказни - „Книга на камења и сеќавања“ (1995) - „Мурали“ (2005) - „Седум мали книги“ (2009) - „Гозба и други приказни за луѓето и писателите“ (1995) - „Куфер за излитени крпи и искинати реченици“ (2010) #### Есеи - „До последниот (здив)“ (2010)

ЕЛЕМЕНТИ - БРОЈ 17

ПОДДРЖАНО ОД

Елементи

Елементи

© Електронско списание за книжевност - ЕЛЕМЕНТИ