 
            Според К.
За Б.
Штом грмне ’Старо купујем!‘ – цела улица срипува на нозе. Тој ден читав руски раскази во превод на бугарски. Книгата ми ја испратија од Софија (стигна сосем случајно преку еден пријател) и бев среќен што можам да ги читам овие текстови, бидејќи кај нас во тоа време преводите беа вистински еделвајс. Имав желба да ги читам и во оригинал, но крвната слика на циркулацијата на какви било изданија се подобри дури малку подоцна.
Ми се допаѓаа повеќето наслови од книгата која ја загубив со земјотресот. Остана во старата куќа, која наполу беше пресечена од ударот и за среќа делот со библиотеката помина речиси недопрен. Книгата веројатно испаднала ненамерно при преселбата. Можеби и сум ја позајмил некому, па јас сум заборавил, а тој си ја задржал, мислејќи дека е тоа красен подарок од човек што наскоро ќе го нарекуваат старец.
Читав со големо внимание и бележев со моливот по рабовите на страниците, забелешки што ќе ми помогнат ако ѝ се навратам на книгата по многу години. Тоа имам навика секогаш да го правам. Додека читам, размислувам како јас би ја претставил истата тема, како би го развил дадениот расказ, некоја фабула. Расказите секогаш предизвикуваат во мене визија за одговор. Одговор на она што авторот го искажува, проектира. Не е тоа поистоветување со писателот, со оној кој е во улога на раскажувач, или со ликовите, туку еден вид пресоздавање расказ од расказот. Ми се случува со часови да размислувам за одреден текст и притоа никако да се одлучам да го преточам тоа на хартија. Тие малку раскази што ги објавив минатата година имам чувство дека сум ги открил задлабочувајќи се во светот околу себе, а не дека јас сум ги напишал.
Штом грмна ’Старо купујем!‘ заѕвони и телефонот, така што отпрвин не го слушнав повикот, бидејќи тој се спои со последниот тон од ’Старо купујем!‘. Вториот пат изрипав, ги подзатворив очите, бидејќи светлината од процепот во зеленото платно удри во моето лице, и јас бргу-бргу ја подигнав слушалката.
Пораката ми ја пренесоа од прва, без многу објаснувања и со конкретно барање: веднаш да се дојде.
Не бев изненаден од заповедничкиот тон, туку од фактот што гласот во слушалката ми пренесе порака која отпрвин ме зачуди – ’Жан-Пол Сартр е во Скопје!‘
Не се возбудив многу (глумев ладнокрвност пред себеси) и се обидов рационално да размислувам што е најитно да се стори, што да се понесе, како да се изгледа. Претходно кога се планираше доаѓање на некој важен, ни беше прецизирано точно кој и точно кога, но ова беше прилично ненадејно. Морав да бидам пристојно стокмен, не сакав да се забележи дека петте векови ропство и бремињата на минатите времиња го истиснале од нас чувството за елеганција и вкус.
Точно дека чевлите беа претесни, ги чував во дното на фрижидерот со хартија од разни весници што пристигнуваа од сите републики и кои ми ги испраќаа иако не се бев претплатил. Ги наврев обувките без особени проблеми и при тоа удрив со четката неколкупати, без разлика што веќе прилично болскаа. Ги измив чистите раце во бањата, ја спастрив кошулата во панталони, малку парфем – и бев подготвен.
Тргнав пеш кон плоштадот. Во тој момент си создадов извесна воздржаност како ќе настапам пред овега, ќе имам ли доволно значителна моќ за да го парирам на еден Сартр? Вистина, претходно веќе имавме средби по различни поводи со автори од голем калибар – Илја Еренбург, Сергеј Бородин, Пол Елијар и Луј Арагон ја посетија нашата република, но сега некаква чудна тегобителност ме обзеде, што чувството на притеснетост ме усрами пред себеси. Сомнително беше и тоа што порано ваквите настани беа многу поурането најавувани и подготвувани.
Средбата се случи во бифето на стариот хотел „Македонија“. Тоа не беше некое монденско место, меѓутоа интерната физиономија и енергијата што ја емитуваше овозможуваше да се опуштат стегите кои официјалните средби ги наметнуваат. Неговата местоположба, сместеноста во друштво со стариот Аксиј, Офицерскиот дом, Ристиќевата палата, и целиот тој градски декор, веројатно беа главните причини што речиси сите гости од престиж отседнуваа токму тука.
Кога нивната маса влезе во мојот видокруг, покрај Сартр беа веќе испоседнати два-тројца од нашите. Неочекувано за мене, големиот писател кротко стана, се поздрави, јас ги искористив моите скромни знаења од францускиот како кроки за основен разговор и тој задоволен ми ја пушти раката. Ми се чини дека тој стисок ги растера сите мои сомнежности и го стори човеков опиплив и вистинит.
Следното што го направив, по некој личен иако недоволно џентлеменски, бон-тон беше запознавањето со неговата придружничка. Не се сеќавам дали таа беше толку срдечна во искажување на своето задоволството, но убаво паметам дека ми остави впечаток нејзината дланка. Тоа не беше рака која може да ја држиш, или да ја стегнеш додека се поздравуваш. Нејзината дланка се измолкна како сапун од моите прсти, а јас се осетив чиниш допрен од октопод. Тоа беше Симон.
Аголот во кој беше поставена масата нудеше удобност и една таинствена атмосфера, која ја надополнуваше некаква химнична мелодија од стариот грамофон чиј звук незабележително се вовлекуваше меѓу прстите на Французинот со кои тој ја држеше пурата.
Слушајќи го напоредно гласот на Сартр и преводот, јас веќе бев сосема изумил на онаа неудобност што ја чувствував доаѓајќи наваму. Се создаде непринуден разговор, без одвишни гласови, со внимателност во нашето однесување, со намера да не се создаде кај соговорникот мисла на изнасиленост и извештаченост.
Гостите се интересираа за нашата млада литература, тие всушност и немаа однапред утврдена претстава за неа, ниту, пак, конкретно знаење. Јас им приреков дека допрва треба на тој план да се досоздава пообемен квантитет, иако не значи дека историјата на нашата книжевност не крие значителни примери.
– Уште повеќе – продолжив во иста насока – нашиот народ умее многу убаво да раскажува, да пее, да интерпретира. Народното творештво е неисцрпно ковчеже и тука ние ќе привлечеме интерес. А се чини и дека најубаво гласот на авторот влегува во своја резонанција кога станува глас на народот.
Сартр и Симон со учтивост, а без каприц ги слушаа речениците пренесени на француски од страна на преведувачката Мира, без притоа нивното лице поекспресивно да реагира, освен со спорадично кимање. Сепак, непосредноста и крајната едноставност со која се претставија пред нас ги зачуди сите присутни од наша страна. Тој оддаваше впечаток на човек што нештата ги гледа со дистанција на филозоф, а таа со љубопитни очи во кои доминираа зениците. Сè заедно беа редок пар.
Интернационалните односи, патиштата на слободата, минатото на малите народи, спроведувањето на уредувањето – тоа беа темелите на нашиот неврзан дијалог, далеку повеќе од книжевна дискусија. И додека се чинеше дека Сартр е живо внесен во разговорот, со насмевка посматрајќи ја со едното око играта на две муви на левиот ѕид, а терајќи го чадот од пурата во сите правци, сталоженоста што тој ја претставуваше беше нарушена во моментот кога низ прозорецот и низ отворената врата влета грмногласното ’Старо купујем!‘ Никој како да не го очекуваше тоа, а најмалку човекот и неговата придружница. Одеднаш обајцата ми се видоа кутри. Звукот кој се граничеше со човечка реакција дадена во положба на загрозен опстанок, засилен од ехото врз градбите и врз стаклото од затворените прозорци, создаваше ефект на опасност, неурамнотежена исконска болка и обид за некаков несекојдневен ритуален танц преку траекторијата извлечена низ отворените простори на градот.
Иако не сакаше да оддаде дека е возбуден, цртите на лицето на Французинот конечно се изменија и открија моментална приклештеност. Како да се соочи со нешто што не ни претпоставувал дека постои и дека ќе го слушне токму сега и овде, полуопуштено патувајќи на југ. Дека ќе се соочи со мегафонот на заумниот татнеж на сонот и на морничавата фантазија. Тој повеќе не можеше да се воздржи и праша каква е таа натчовечка гласовна артикулација, зошто напросто тој човек вика на таков начин.
Никој не побрза да му одговори. Никој не беше сигурен дека ќе ја изнајде вистинската формула, дека ќе даде соодветен одговор. Ни се виде нам, кои бевме собрани во еден агол од бифето, дека ќе направиме деликатен учинок на оваа средба. Се почувствувавме онеправдани зашто добивме претешка задача и дека во случај ова да беше испит, никој од нас немаше да добие оценка со која би положил.
Нешто кратко, испрекинато, беше срочено во врска со ова, Сартр направи гест дека му се разјаснува, но јас почувствував длабока празнина. Размислував на сосема поинаков начин за „Старо Купујем“. Зошто човекот вика така? Чуму таков продорен глас? Што го натерало да шета и како актер кој стои надвиснат над текстовните партитури на Хамлет да ги претвори сокаците во негов подиум, да го победи просторот со звук што излегува од непознатите камари на неговата душа? Тоа беше, како што би рекле Французите – à grand spectacle, или како што би се формулирало со речникот денес – своевидно шоу кое немаше емпириско и логичко објаснување. Дали беше борба за живот? Да, но и многу повеќе од тоа.
– Децата ги плашиме со него – додадов јас, не сеќавајќи дека муабетот е веќе одминат.
Ни денес, толку години по таа наша средба со Сартр и средбата на Сартр со „Старо Купујем“, не можам да си објаснам зошто тој човек вика со таков извив на гласот, со таква интонација, со таква тржественост. Тоа е заеднички, вплотен крик на битието и ништавилото, на умното и безумното. Тој човек како да немаше име, беше и остана едноставно „Старо Купујем“, личноста што беше чистилиште на овој град и на луѓето што во него живеат. Не знам дали овој што денес шета по истите улици е истиот оттогаш, или занаетот се пренесува од колено на колено, како магиска инкантација. Често се прашувам и дали е тој човек со девет животи, човек-мачка, кој ги менува само облиците, не и суштината, човек што живее од мирисот на подрумите, од состојките на мувлата, од звукот на ’рѓосаните шарки, но и човек што им дава иднина на нештата што нас не ни се потребни и сметаме дека треба да ги отфрлиме? Прашањата ѝ припаѓаат на онаа академска филозофија, исто колку што им припаѓаат на урбаните легенди.
Бидејќи беше на пропатување, средбата мораше да биде достаточно скоро привршена. Љубезно се поздравивме со двајцата автори, таа изговори едно неправилно Благодарам на македонски, тој не успеа ниту тоа, а ние се насмевнавме, клапнавме со главите под агол од четириесет и пет степени и секој замина дома да ги среди своите впечатоци.
Времето минуваше, Скопје се измени. Се сруши, за жал, па се изгради поголемо, за среќа. Старите спомени полека избледнеа, Сартр остана да го памети текстот на „Нова Македонија“ од 26 јули 1956 година, природните непогоди однесоа со себе и дел од спомените, уметниците имаа нови собиралишта, сепак некои навики не се променија. Сè уште станував од работната маса кога ќе го слушнев „Старо Купујем“ и како мало дете тајум ѕиркав низ кепенците, иако сè поретко доаѓаше во овој дел на градот каде што сега живеам.
Кога ќе се сетев на „Старо Купујем“, ќе се сетев и на Сартр, како некоја подразбирлива врска помеѓу нив. Францускиот филозоф речиси и да не објави книжевно дело по престојот во Скопје и средбата со „Старо Купујем“. Но тоа не беше последен пат нас да ни се спојат патиштата. При еден престој во Париз, имав можност да ја следам неговата ревија Les temps modernes. Во врска со унгарските настани, Французинот наоѓаше тешки зборови за методите на тогашната советска политика. Неколку години подоцна пак на големо изненадување го видов на заседанието на писателската секција на Светскиот конгрес за мир во Москва. Со своите контрадикторни постапки постојано одеше сам против себе. А таму во Москва ни се стори дека му е незгодно каде се нашол.
Разбирливо е што не ме препозна и што немавме можност да поразговараме. Но во мене тогаш се затврди мисла, што ми се јавува и спрема други автори од одреден тип, до ден-денешен, а тоа е дека во подоцнежните години за него најважен од сè беше публицитетот, сцената. Затоа, и не бев изненаден кога во 1964 одби да ја прими Нобеловата награда што му беше доделена за неговите дела исполнети со потрага по слободата и вистината. Тој така го живееше својот spectacle.
А ова декемвриско утро, колку што ми дозволува видот, со особено задоволство читам во претпечат нов избор раскази, создадени, а наскоро и објавени, на македонски јазик од наши писатели. Меѓу нив нема од оние што ги пишував и јас низ годините. Прозата одамна ја чувствувам како spectacle кој ми создава тежина и од кој сакам да се откажам. Кусите прозни записи што ги имам создадено оттогаш ги чувам скришно помеѓу расфрланите хартии во фиоката на старото биро од мојата работна соба. Го чекам тој ден кога „Старо Купујем“ повторно ќе ја разбуди нашата улица и ќе го однесе дотраеното биро до некои нови сопственици, а мене ќе ме олесни од товарот на минатото. Го чекам „Старо Купујем“ со својот циклус на постоење за да ми ја врати апсолутната слобода на поезијата.
Жарко Кујунџиски (роден на 19 мај 1980 во Скопје) — македонски прозаист и драмски автор. Работел како уредник на електорнскиот магазин Репер (www.reper.net.mk), а бил и неделен колумнист во дневниот весник „Дневник“. Работи како главен уредник на издавачката куќа „Антолог“. Исто така, тој е основач на фестивалот на европската литература „Bookstar“. Кујунџиски е автор на 13 книги од кои позначајни се: романите Spectator (2003), Америка (2006) и Најдено загубено (2008), збирката драми Ендрју, љубов и други непогоди (2004), збирката раскази 13 (2010), како и романот Свинга на гневот (2020). Три негови кратки раскази се застапени во антологијата на македонскиот краток расказ, „Џинџуџе во земјата на афионите“ (Темплум, 2022).[3] Неговите дела се преведени на неколку јазици. Неговиот расказ „Кога се губат очилата“ е дел од антологијата „The best European fiction 2013“. Од англиски јазик ги превел следниве дела: Појадок кај Тифани од Труман Капоти (2006) и Евтини приказни од Квентин Тарантино и Роџер Евари (2008). Добитник е на петнаесеттина награди за најдобар краток расказ, драмски текст и есеј. Исто така добитник е на: Награда „13 Ноември“ (2003) и Награда „Стале Попов“ (2024)