Elementi Logo

ПРЕМНОГУ МИ Е ТОА, ОСУМ ДЕВОЈЧИЊА

Backgorund

ПРЕМНОГУ МИ Е ТОА, ОСУМ ДЕВОЈЧИЊА

Глава триесет и осма

 

Филип Латиновиќ, уште цртици за мојата мајка, од разговорот со Дарко

 

Гласот на мајката: јади, де, јади... Те тепаа ли во европските затвори, сине Филипе?

Гласот на Филип, мојот глас... Денес затворите се поинакви, мајко.

Никој не ме тепаше. Имав интернет, се занимавав со спорт, читав, одев во црква.

 

Гласот на мајката: Па зошто и вие не правевте така? Зошто и вие немавте поинакви затвори, да не тепате?

Луѓето се молат на Бога и кога се сосема оставени. Што и вие не им дававте на луѓето да ги спростат теписите, да се молат ако згрешиле, уште повеќе. Сите сме виновни, сине, ама ти најмногу!

Црнината за тебе нема да ја симнам. Нека мислат дека е за Сенка.

 

/И, да го ебам, се распаѓам.../

 

Момчето стана. 

Филип стана.

 

Глава триесет и деветта

Филип, коска што го вежба своето доаѓање

 

Да. Да.

Секако дека можеше поинаку. Дека дури и да не беше војната, да стареевме „како што треба“.

Сите расположенија и сите промашувања, со ред, така треба, а не вака... Да завршев школо и да го видев сето она што еден мрсулко требаше да го види. Да имам сега големи синови, да ме радуваат насмеани. Да доаѓаат во недела. Да одиме на море.

По убиствата на двете баби и сестри, мојот углед во единицата нагло порасна, а тоа значеше многу привилегии и самоволие.

Ги знаеш оние, Беќирбеговиќевците, што живееја две куќи низ сокакот од кај вас? Па оној високиот, со цвикерите, што везден играше баскет на гимназиското? Бев во единицата која сите ги уби.

Јас високиот прв и го репнав. Сите ги покосивме и го запаливме селото. Нема тука многу време за мислење.

На судењето се појави некои момче, па некоја жена на средни години, па некое девојченце – сите се сеќаваа на мене. Не знам зошто сум се истакнал. Можеби затоа што сè тргна од мојот куршум.

Ќе звучи... смешно... чудно, но кога и да изрешетав некого тој ден, јас си помислував на својата мајка, што ќе ми рече таа кога ќе дојдам дома. И како се плашев од нејзиното гаснење на светлото, па се молев мракот да не навлезе во собата...

Некои пред рафалот не стигнаа ни да бекнат...

Зад џамијата си играа некои дечиња. Играа бучно на ливадата. И јас... фрлам рачна бомба.

Не ни гледав. Да го ебам.

Само едно момче, и еден човек, цивил, што ја чува џамијата.

 

Да. Да. Господ почна да ме напушта.

 

Некако...

 

Премногу ми е тоа. Осум девојчиња. 

 

ЗА АВТОРОТ

Дарко Цвијетиќ

Дарко Цвијетиќ е роден на 11 јануари 1968 година во приједорската населба Љубија (Рудник). Пораснал и се школувал во Приједор. Често го цитира Иван Обренов како еден од своите модели на однесување. Пишува поезија, есеи, кратки раскази и е режисер и драматург на театарот Приједор. Неговите песни се преведени на неколку светски јазици: француски, англиски, германски, словенечки, хебрејски, албански, унгарски, полски, македонски и јидиш. Уредува литературен блог наречен Хипомнемата. Член е на две друштва: ПЕН Центарот на Босна и Херцеговина и Здружението на писатели на Босна и Херцеговина. Дела: Ноќни Горбачов, 1990, Белград; Хименица, 1996, Белград; Манифест на млада Босна, 2000, Нови Сад; Пасош за Сфорланд, 2004, Бања Лука; Масовни разгледници од Босна, 2012, Бања Лука; Јажиња со отпечаток од врата, 2013, Мостар; Мали есеи за ексхумација, 2015, Бања Лука – Белград, Емотикони во Вибер, 2016. Сараево, Параолимписки химни, 2017. двојазично, Љубљана, Горски стапала, 2017. Зеница, „Шиндлеровиот лифт“, 2018. Сараево – Загреб, Снегот добро внимаваше да не падне, 2019. В.Б.З., Загреб, Зошто спиеш на подот, 2020, роман, Бајбук, Сараево, Ноќна стража, 2021, кратки раскази, Бајбук, Загреб/Сараево, Збир на стравот, 2023, собрани песни, Букбук, Загреб/Сараево, Шума, Шумарици, драма, Спомен-парк Октомври во Крагуевац, Крагуевац, 2023., Премногу ми е тоа. Осум девојчиња, 2024. роман, Бајбук, Загреб/Сараево

ЕЛЕМЕНТИ - БРОЈ 17

ПОДДРЖАНО ОД

Елементи

Елементи

© Електронско списание за книжевност - ЕЛЕМЕНТИ