 
            АНОРЕКСИЈА FEELGOOD ПЕСНИ
ЛИКОВИ ШТО ТРЕБА ДА СЕ ОТЕЛОТВОРАТ:
Момчињата
Мајката
Таткото
Докторката
Засегнатите
Ти
Текстот во [загради] може, но не мора да се изговори.
ДОБАР АПЕТИТ!
ВО РЕКЛАМАТА ЗА АНОРЕКСИЈА ГЛЕДАМЕ ГРУПА ТИНЕЈЏЕРИ НА ПЛАЖА. ВО ПОЗАДИНА ПЛИСКААТ БРАНОВИ, ПАЛМИ СЕ НАВЕДНУВААТ И ВЛЕГУВААТ ВО КАДАР, НА НЕБОТО НЕМА ОБЛАЦИ. ИЗГЛЕДА УБАВО. ТИНЕЈЏЕРИТЕ ТАНЦУВААТ. СЕ СЛУШААТ ЛАУНЏ ИНСТРУМЕНТАЛНИ ВЕРЗИИ ОД ЛЕТНИ ХИТОВИ. ПОСТОЈАНО СЕ ПРИКАЖУВААТ ЛИЦАТА НА ТИНЕЈЏЕРИТЕ ВО КРУПЕН ПЛАН. СЕ СМЕАТ. ИЗГЛЕДААТ ЗАДОВОЛНО. ИАКО СЕ СМЕАТ И ИЗГЛЕДААТ ЗАДОВОЛНО, ВЕДНАШ СЕ ЗНАЕ : НЕ ИМ Е ДОБРО. СЕ ЗНАЕ ДЕКА: ТИЕ СЕ НАЈТАЖНИТЕ ТИНЕЈЏЕРИ НА СВЕТОТ. НЕШТО ВО НИВНИОТ ПОГЛЕД ГИ ИЗДАВА: А МОЖЕБИ Е И НАЧИНОТ НА КОЈ СЕ ДВИЖАТ, РЕВНОСТА, СО КОЈА СЕ ОБИДУВААТ ДА ИМААТ ШТО ПОМАЛКУ КОНТАКТ СО ПОДОТ ДОДЕКА ТАНЦУВААТ. И АКО СЕГА КАДАРОТ СЕ ПОМЕСТИ МАЛКУ НА СТРАНА, СЕ ГЛЕДА, ДЕКА ТИНЕЈЏЕРИТЕ СЕ ОПКРУЖЕНИ СО ГРУПА ВОЗРАСНИ, КОИ ПРАШУВААТ: КАКО СЕ СЛУЧИ ОВА? КОГА ОВА ЌЕ ЗАВРШИ? КАКВО Е ЧУВСТВОТО ДА СЕ БИДЕ НАЈТАЖНИТЕ ТИНЕЈЏЕРИ НА СВЕТОТ? НЕ ЗНАЕМЕ ВЕЛАТ ТИНЕЈЏЕРИТЕ. СЕ НАДЕВАМЕ НИКОГАШ, ВЕЛАТ ТИНЕЈЏЕРИТЕ. СУПЕР, ВЕЛАТ ТИНЕЈЏЕРИТЕ. ЧУВСТВОТО Е СУПЕР. ВРВ, ТОП. НИЕ ДОЖИВУВАМЕ ТОЛКУ МНОГУ. КОЛКУ СМЕ СРЕЌНИ. ШТО ТАКА РАСТЕМЕ. КОЛКУ СМЕ СРЕЌНИ, ПРОКЛЕТО СРЕЌНИ ШТО ДОЖИВУВАМЕ ТОЛКУ МНОГУ И ДЕКА РАСТЕМЕ ВО НЕШТО ТОЛКУ ПОСЕБНО. НИЕ СРЕЌНИЦИ. СО ШТО ГО ЗАСЛУЖИВМЕ ОВА? СРАЊЕ, СО ШТО ЈА ЗАСЛУЖИВМЕ ОВАА ОГРОМНА СРЕЌА?
И тогаш станува светло.
Време за капење.
Првиот вистински жежок ден во годината.
Стигнавте до каналот.
Сега стоите наредени на крајот.
Момчиња.
Момчиња во костими за капење.
Момчиња што се потат во костими за капење.
[Во клекната положба.]
Првиот скока.
И вториот скока.
Третиот, четвртиот.
Како кога оближуваш прелив од рака.
Мал, домал, среден, показалец, ти.
Се смееш.
Нуркаш.
Се препушташ на водата која те носи,
во средина меѓу момчињата.
Запомни го тоа.
Запомни го сега сето тоа.
Сонцето.
Лепливо слатката жештина.
Како понекогаш покрај вас поминува некој брод.
Како се држите цврсто на ѕидот од каналот.
Како струјата на водата од бродовите ве повлекува.
Како кучињата на бродовите ве лаат,
како им возвраќате со лаење –
Колку би сакал сега ти на некого да му го кажеш своето име.
Колку би сакал ти,
некој да те праша за твоето име.
Ти би му го довикнал на секого.
Ти би го исцртал своето име на транспарент
и би го носел низ градот.
Или би го кажал гласно твоето име на мегафон
и така би одел низ градот.
Или би изнајмил мал камион,
звучници на него,
и би го кажувал твоето име.
Тоа чувство –
Момчето со бенката покажува кон мостот на каналот.
Тој сака од горе,
директно во каналот,
лесно како на шала,
само надоле.
Од сводот на мостот горе,
директно во каналот.
-Тоа е кул,
[вели тој.]
Досега го направил илјадапати
[вели тој.]
или во секој случај веќе го направил.
[Другите гледаат кон мостот.]
-Јасно
вели малиот,
зошто да не.
-Ама од горе, од сводот на мостот.
-Од сводот?
-Да, од сводот. Тоа е – кул.
Сите кимаат.
Сите гледаат натаму.
Тој со бенката оди прв.
Нагоре по угорницата кај оградите од капини,
бос по жешките плочи,
до почетокот на сводот.
Тој го прави тоа навистина.
Тој посегнува по металот,
се крева високо.
Се исправа уште повисоко.
До највисоката точка.
Вие го гледате од доле.
Зема воздух.
И потоа, само така, еден чекор напред.
[Лета,]
дваесет и еден дваесет и еден
Звук-
и цак проголтан од водата.
[Мала пауза.]
И другите сакаат.
Другите застануваат во редица,
се качуваат еден по еден горе.
Ти стоиш позади.
Последен.
Крајот на редицата.
Лупиш лак од рѓосаниот метал.
Се движиш чекор по чекор напред.
Покрај тебе,
помеѓу гредите,
летаат момчињата.
Сето тоа има ритам:
Качувањето,
падот,
дваесет и еден двасет и еден,
бранови-
Ти стоиш.
Ги набљудуваш главите на момчињата во вода.
Гледаш околу себе.
Си одиш.
Се враќаш назад кај крпата.
Легнуваш.
Незабележано.
Никој не приметува,
или барем никој ништо не кажува.
Подоцна доаѓаат другите и капат.
Вечер е,
сонцето си го прави своето.
На некој начин скоро е апсурдно хармонично,
оваа слика:
Каналот блеска.
Некаде крекаат жаби.
Момчињата полека стануваат тивки,
легнуваат до тебе.
Ставаат маици преку очите.
Дремат.
Ти си буден.
Се исправаш.
Гледаш во другите.
[Стануваш.]
Каде одиш?
Аха, ок.
Падината, оградата од капини,
вжештените плочки.
Сводот е широк,
поширок од тебе,
ама стрмен,
мораш да се држиш цврсто.
Ги чувствуваш грубите нитни во металот.
Го чувствуваш коравиот лак.
Не гледај надоле.
Повисоко, повисоко.
Ти, на сводот од мостот,
на сите четири,
зглобовите бели испакнати,
погледот напред,
нагоре.
И на крај
го исправаш
твојот горен дел од телото.
Се подготвуваш за скок.
Го задржуваш здивот.
Клише, секако, ама вистина:
Одоздола сето ова не изгледаше толку високо.
Каналот е одеднаш
сосема таму доле.
Гледај. .
И водата и ливадата,
и велосипедите на момчињата,
и момчињата во редица.
Викенд куќи, камбанарија,
улица, што води надвор од градот,
или внатре во градот,
зависи како се гледа.
Ти издишуваш.
И сега?
Олабави се.
Гледај напред.
Не мисли на скокот,
замисли си дека веднаш од овде си во вода.
Поминува малку време.
Ветар –
Доле застанува една жена,
зјапа нагоре во тебе.
Се вртиш на страна.
Броиш тивко до пет.
Пет.
Четири.
Три.
На два гледаш косо кон улицата.
Одеднаш тука стои една група.
Пешаци.
Eден автомобил застана.
Некој излезе.
Сите зјапаат нагоре во тебе.
На ливадата
тоа го гледаш сега
се будат момчињата.
Еден покажува кон тебе.
Тебе наеднаш ти станува чудно студено.
Не очекуваше ветер.
Срање.
Дополнително и ова тресење.
Брр брр.
Тресење,
целиот свод се тресе,
нешто не штима со статиката,
помислуваш,
брзо назад,
можеби.
О дечко.
Искрено кажано веќе не знаеш точно,
како дојде до овде горе.
Сега сè ти изгледа толку тесно.
И доле, на улицата,
сега стојат повеќе од колку што можеш да изброиш
со еден поглед.
-Што е со тебе?
-Што е со тебе?
-Што е со него?
Или остани овде,
зошто да не,
едноставно не се движи повеќе.
Еден од момчињата го довикува твоето име.
Твоето име -
Ти ќе се навикнеш на тоа,
да не одиш повеќе доле во животот,
туку само да гледаш.
-Скокај
довикнува еден
и уште еден исто
-Скокај.
А потоа и други
-Скокај, скокај.
Момчињата:
-Скокај, скокај.
Ритмично ракоплескање.
-Скокај, скокај.
Смеење. Гласно викање.
Ти ги затвораш очите.
-Скокај.
Го држиш металот,
Скокај.
Земаш воздух.
Скокај.
Издишуваш.
Скокај.
Скокај.
Скокај.
дваесетиедендваесетиедендваесетиедендваесетиедендваесетиедендваесетиеден дваесетиедендваесетиедендваесетиедендваесетиедендваесетиедендваесетиеден два и
тогаш седиш на оваа голема маса
каде што скоро нема ништо на неа
и позади
седи докторката.
Те гледа.
Игра игра со тебе.
Кој прв ќе тргне поглед, губи.
Ти погледнуваш на страна.
-Епа
вели она
-Не знам,
велиш ти.
И паѓаш.
И леташ
надолу.
А кога ќе удриш доле водата ќе биде мека.
О да. Кога ќе удриш доле, водата ќе биде мека како руно, ќе те завитка убаво, водата, ќе изчезнеш вистински во неа. И кога конечно повторно ќе изрониш од водата, ќе забележиш, дека нешто се променило, иако можеби нема веднаш да можеш да кажеш што. Ќе изгледа како светлината да е некако посветла, и боите ќе бидат појарки, и мирисите- сè што претходно беше тука, сега е уште повеќе тука: Каналот што испарува, телата што сјаат, липите што капат на брегот, сонцето, воздухот, момчињата, кои до пред малку зјапаа нагоре во тебе, ќе застанат по крајот и ќе се наведнат кон тебе за да ти помогнат да излезеш. И тогаш ќе сакаат еден по друг да те прегрнат. Ти ќе бидеш воден, а тие веќе исушени, но тоа нема да им смета, тие ќе стојат во ред, за да те прегрнат, и дури и ако притоа не кажат ништо, ти ќе знаеш што значи тоа. Ќе седнете еден до друг на ливадата, ќе си подавате кесичка со кисели гумени бомбони од јаболко и срамежливо ќе молчите, се додека конечно не почнеш да зборуваш, за твоите чувства. За твоите стравови од предмалку на мостот, за твоите надежи и идеи за иднината, за сите работи, за кои досега немаше простор меѓу вас. Никој нема да се смее. Напротив, другите ќе кимаат и кажат, дека и тие имаат такви стравови. И тогаш ќе раскажуваат за себе, и сонцето ќе се претвори во една сочна топка, и едно од момчињата, сосема непланирано ќе подели флуоресцентни стапчиња што се кршат и светат, што вие, сосема спонтано, ќе ги свиткате и ставите на зглобовите од раката, така што во самракот ќе може да се види шарено сјаење што доаѓа од вас, да, вие ќе светите и зборувате, ќе бидете толку внесени во разговорот, што нема да забележите како од лево и десно полека доаѓаат сè повеќе луѓе, и секој од нив, исто како вас, носи флуоресцентно стапче што се крши и свети. Луѓето ќе седнат до вас на каналот. Тие ќе зборат многу тивко меѓу себе, бидејќи таква ќе биде атмосферата, возухот ќе биде исполнет со звук од илјадакратно шепотење, со тивкиот звук на телата што се прегрнуваат. И кога ќе погледнете кон мостот, таму ќе забележите едно момче кое оди меѓу луѓето, со киборд под рака. Ќе носи крзнено палто, што е претопло за ова време, но со кое ќе зрачи со најголема топлина, и ќе дојде кај вас на ливадата. Тој ќе извади полна рака светлечки стапчиња што се кршат од неговиот џеб и со нив ќе направи еден круг на ливадата и во средина ќе го стави својот киборд и ќе го слушнете како свири: I can feel it commin‘ in the air tonight, oh boy, and I’ve been waiting for this moment уште откако беше запишан во училиште, не, уште подолго, всушност немаше ниту еден момент без оваа желба. Одеднаш сè е токму онака како што отсекогаш требало да биде: Ти стануваш, одиш по ливадата, се вртиш нежно околку твојата оска, околу тебе насекаде седат луѓе, задлабочени во разговор, ноќ е, но никој не си оди дома. Слушаш мажи кои се извинуваат за секој пат, кога некој заради нив сменил страна на улица во ноќта, ги слушаш наставниците по спорт како се извинуваат за секоја од нивните сурови игри, гледаш сосема непознати луѓе кои си лежат во прегратки, и музиката полека станува погласна, музиката полека се засилува, бледото момче со киборд се движи напред назад и е целосно потонато во мелодијата, гледаш луѓе во костуми кои тупкаат со нозете, гледаш родители кои со смеење се тркалаат еден врз друг, гледаш скејтери тинејџери како застануваат пред група бубалици, како се симнуваат од нивните скејтборди и им шепнуваат комплименти, потоа срамежливо одлетуваат, потоа напред, кај работ од каналот, стари луѓе, кои играат Твистер, левата рака на сино, вели една жена, и горе на мостот танцуваат, гледај ги, даркерите, штреберите, тивките панкери додека танцуваат, дебелите, манга фановите, децата со протези, танцуваат чудни танци, гледај, лежат како бубачки превртени на грб и мрдаат со нозете, и високи луѓе ги креваат ниските високо, за да видат сè, и потоа ниските луѓе ги креваат високите, затоа што им е доста од тоа, да бидат предавани од еден на друг, и горе, над сè: Ѕвезди, секако и ѕвезди, многу ѕвезди, да за ноќи без облаци, да за искрени солзи, да за погледи што прободуваат, да за музика, да за екстази, да за гудачите, од каде сега гудачи овде, одеднаш гудачи, и одеднаш до тебе момчето со кибордот и ти го прашуваш, дали смееш и ти да свириш. И тој ти дозволува, да свириш на високите тонови, кои всушност воопшто не припаѓаат на песната, и така седнуваш до него, двајцата седите на тесното столче и свирите сентиментални класици со нежни прелази, и во некој момент се појавува сонцето, ѕирнува срамежливо од зад врвовите на дрвјата и осветлува сè, и вие едноставно продолжувате да свирите, и луѓето едноставно продолжуваат да танцуваат, и ѕвездите едноставно остануваат вклучени, да, ѕвездите сè уште не одат да спијат, и момчињата доаѓаат кај тебе, ги движат нивните раце над нивните глави кон лево и кон десно и кон лево и кон десно и велат, не тие викаат, како од едно грло-
-Значи?
-Не знам.
-Нема прашања?
-Не.
-Тогаш имам уште една, две точки, што треба да ги изразговараме. Најверојатно веќе претпоставувате за што станува збор.
--
-Знаете за што се работи?
-Да.
-Кажете ми.
-Сметате дека сум премногу слаб.
-Дали сте премногу слаб?
-Не.
-Тогаш нема да Ви го кажам тоа.
--
-Јас не сакам да Ве подучувам. Вие сте возрасен. Разговараме како возрасни или?
--
-Или не?
-Да
Превод од германски на македонски јазик: Ана Ристоска Трпеноска
Преводот е поддржан од Гете -Институт Скопје, 2025
Фајер Кох првично студирал лингвистика на Универзитетот во Потсдам, а потоа книжевно пишување на Германскиот институт за литература во Лајпциг. Кох повремено изведувал сценаризирани претстави, како што се „Болни соништа“, со Зинци Бјукенан и „Перформанс платформа Катапулт“ во Лајпциг. Сценските текстови за детскиот и младинскиот театар се објавени од „Роволт театар Верлаг“ и имале премиери во Магдебург, Лајпциг и Карлсруе. Претставата „Џиновски проблеми“ ја освои холандско-германската награда за детска и младинска драма „Каас и Капес“ во 2024 година. Кох доби грант за престој од Фондацијата Роџер Вилемсен во куќата на уметници „Вила Вилемсен“ во Хамбург [3], а во 2025 година стипендијата „Леонард Франк“ за промоција на современа драма од градот Вирцбург. Исто така, во 2025 година, детската претстава „Т-Рекс, дали си тажен? (Дали твоето Т значи солзи?)“ ја освои наградата за детска драма „Милхајм“. Кох држи курсеви поврзани со литературата, на пример на универзитетите во Тибинген и Лајпциг.Фајер Кох живее во Лајпциг (од мај 2025 година).