Мајка ми чекаше да се вратам дома
да ѝ раскажам за шумот што го правеа
некогашните патници, упатени кон
автобуските станици или аеродроми
во надежна потрага по себеси.
На враќање, сфатив што значи
тој шум, особено
кога истиот се всели
во нашиот òд.
Одлетај кон крошната на Кожуф,
закити го тоа тело со лорандит
и носи ја неговата тајна во себе.
Биди канџест натрапник:
ширнокрилест сокол
што го брани својот плен
со гласот на планината,
та крикни погласно од лав
што ’ржи за ширини свои.
Мавни со крилјата ти, ангелу извишен!
Одвеј ги ситните прашинки
назад, во туѓите очи.
Намали им го нивниот долгоод,
дари им кусоглед –
да молат за грам вид
од другата страна
на твоето тло.
Ѕиркам во твоите
животни пукнатини.
Во секоја од нив
засадувам
по еден
зумбул.
Ах, опојност моја!
***
Последниот телефонски разговор
одекна погласно
од дишењето во слушалката
на жената што ја викав баба.
Моите баби беа мртви.
Тишината околу таа табу-тема
е поблага од далечината меѓу нас
зашто сепак
дишеш.
Шараат очите на сонцето.
Се обидува да го оттргне сивиот јорган од себе,
сака да прошета подалеку од својата соба.
Да патува.
Додека да пристигне,
самувам под малата стреа -
чекам некој да дојде,
да ме пронајде,
пред сонцето да заборави на мене.
Додека растев
ме тешеа со зборовите:
„Ајде, само уште овој дожд,
само уште овојпат, скриј се,
па ќе се вратиш дома“.
Додека траеше војната
имав навика да прашам:
,,Ќе преврне ли пред
или откако ќе најдам
дом за себеси“?
Пепи Стамков е роден на 7.6.1999 во Скопје, иако целиот живот го поминал во Гевгелија, каде завршил основно и средно образование. Дипломирал во 2023., на Катедрата за македонска книжевност и култура, на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Пишува поезија, есеи и книжевна критика. Неговите песни се објавени во стихозбирките „Метрички карван“, во електронското списание „Репер“, како и во најстарото македонско книжевно списание „Современот“ (каде, покрај песните, објавил неколку есеи). Коорганизатор е на второто издание на фестивалот „Коронијалс“. Добитник е на наградата „Блаже Конески“ која ја доделува Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, за есеј на тема: „Раскажувачкото мајсторство на Блаже Конески“.