Elementi Logo

ЧЕТИРИСЕТ ДЕНА

Backgorund

ЧЕТИРИСЕТ ДЕНА
ПРОЛОГ

Милутин, жител на местото од кое и „Господ кренал раце“, излегуваше
полупијан од една селска кафеана со исклучително задоволен израз на
лицето. Однатре, од кафеаната се слушаше лудачка смеа, а некој скарадно го
поздрави Милутин пред тој да се сопне и да падне во калта. Испцу гласно, а
потоа стана.
„Светлана, Светлана, кај си несреќна жено?“, извика.
Се слушна благо грофтање, а потоа на неколку метри од Милутин се
појави здепаста жена. Во рацете држеше врвка на чија друга страна беше
врзана свиња.
„Овде, несреќо една! Таму каде и шо ме остај!“, рече жената. Веќе два
сати ја држам оваа свиња! Целата се смрзнав! Станојка веќе одамна си
замина дома, а јас да те чекам тебе!“
„Пфу, бре жено, каква си пак… Па ваква работа не се завршува секој
ден“, рече селанецот.
„Шо ми е мене гајле за твојата работа. Се смрзнувам! Тргнувај дома!
Одма Милутине!“
Жената со слободната рака го грабна човекот за ракавот и почна да го
влече. Човекот се насмеа, а потоа без многу опирање, тргна по неа.
„Не знам шо се буниш. Се знај дека жените чекаат во паркот кога
мажите склопуваат работа“, рече Милутин по некое време.
„Милутине, уште малу ќе биде полноќ. Станојка, жената се крстеше
кога виде колку е сато. Немој сега да се караме! Те чекав како ненормална!“
Човекот повторно гласно се насмеа.
„Ја продадов земјата скоро за дупло отколку шо вреди. Ете! Ти ја купив
оваја свиња, утре ќе ја колиме, па убаво ќе си јадиме.“
„Пијан си бре!“, рече Светлана.
Ноќта беше ведра, а лесното ветерче ја нагласуваше морничавата
тишина по која се движеа мажот и жената.
„Па што! Си продадов дедовина! Има да се пие! Има да се јаде! Види
колку е убаво прасиштево!“, рече Милутин, а свињата како да го слушна и
уморно загрофта.

„Ти ја продаваш дедовината, потоа купуваш свиња, ми ја тупнуваш
мене да ја чувам во паркот додека ти се испијануваш. Е па то се случило сега
и запамти кога повеќе!“
Тишината како да се засили, а темнината стана погуста. Ниту Милутин,
а ниту пак Светлана почувствуваа некаква разлика, само свињата уште еднаш
гласно загрофта, застана за неколку секунди, а тогаш кога Милутин и
Светлана ја стигнаа, продолжи да чекори по нив.
„Утре ќе правиме веселба. Ќе ги викниме и Радомир и Станојка. Ќе
биди јасно зошто ме чекаше вака долго.“, рече Милутин.
Месечината им го осветлуваше патот, но без оглед на тоа, мракот
постануваше се погуст. Ветрот веќе не дуваше.
„Милутине!“, рече Светлана.
„Кажи, женче!“
„Море… не дека се плашам, ама мене нешто ме фаќа некаква јанѕа!“
„Е, будала жена. Одиш со години по овој пат и сега те фатила јанѕата.
Еве уште малку, па сме на раскрсницата кај сокачето и за минутка сме дома.“
„Милутине, го слушаш ли тоа?“
„Што ти е? Што да слушам?“
И двајцата застанаа за момент. Милутин ја накриви главата.
„Слушаш ли?“
„Море“, рече Милутин. „Слушам!“
„Што е тоа?“
Милутин ослушнуваше уште малку, па рече уплашено:
„Светлана, како некој да свири гајди.“
Изразот на лицето на Светлана нагло се промени од љубопитно кон
преплашено.
„Нека оди свињата пред нас“, рече Милутин, „и потфати ме под рака.“
Светлана го послуша, ја поттурна малку свињата со ногата за да ги
престигне, а потоа го фати Милутин за подлактицата. Животното почна да
грофта се погласно. Како се приближуваа кон раскрсницата одеше се
побавно. Светлана и Милутин молчеа како да се плашеа да проговорат.
Звукот од гајдите се засилуваше. Допираше точно од каде што беше
раскрсницата.
„Мора да е полноќ“, рече Светлана, а Милутин го стави показалецот
преку устата покажувајќи и да не зборува.

Свињата дојде до раскрсницата. Гајдите продолжија да свират.
Свињата го испушти најгласниот звук што можеше, се вкочани, а потоа падна
настрана. Низ ушите и потече крв. Настана тишина.
„Остави ја овде! Остави ја и врвката!“, рече Милутин.
Мажот и жената продолжија да одат забрзувајќи го одот со секој чекор
се побрзо. Кога стигнаа пред куќата скоро да трчаа и двајцата. Светлана
гласно плачеше.
Годините што следеа беа исполнети со прераскажувањето на Милутин
на приказната како ѓаволот дошол по своето и ја убил свињата што ја купил
Милутин за да го прослави продавањето на својата дедовина.

ЗА АВТОРОТ

Урош Тимиќ

ЧЕТИРИСЕТ ДЕНА ПРОЛОГ Милутин, жител на местото од кое и „Господ кренал раце“, излегуваше полупијан од една селска кафеана со исклучително задоволен израз на лицето. Однатре, од кафеаната се слушаше лудачка смеа, а некој скарадно го поздрави Милутин пред тој да се сопне и да падне во калта. Испцу гласно, а потоа стана. „Светлана, Светлана,

ЕЛЕМЕНТИ - БРОЈ 14

ПОДДРЖАНО ОД

Елементи

Елементи

© Електронско списание за книжевност - ЕЛЕМЕНТИ