Elementi Logo

ПРЕЛЕСТ

Backgorund

1.

Виктор за последен пат го видов пред нешто повеќе од четири години. Тогаш изгледаше толку лошо што одвај го препознав. Беше слаб како испосник, со пожолтени и пропаднати заби. Ме повика само за да измоли од мене сто евра. Кога му реков дека не можам да му дадам повеќе од педесет, тој само помирливо кимна со главата и вети дека ќе ми ги врати парите најдоцна до крајот на месецот. Во тој крајно непријатен половина час, искусив најдлабока одвратност кон човекот кого некогаш го сакав повеќе од себеси. Му реков дека не треба да ми ги врати парите, но тогаш, исто така, неодмерено грубо му ставив до знаење дека веќе не сакам ниту да го видам, ниту да го чујам. Бев убеден дека Виктор до таа мера пропаднал и го изгубил самопочитувањето што нема да биде во состојба да го исполни даденото ветување, туку веќе по неколку месеци ќе се јави повторно со некоја нова молба, како што е позајмица или преноќување. Меѓутоа, тоа беше не само погрешна, туку и многу цинична прогноза: Виктор оттогаш навистина веќе не ми се јави. Секако дека не престанав да мислам на него. Ми се чини дека немаше ден макар и на момент да не помислам на него. Но, откако брат му на Виктор, Лука ми јави дека Виктор се обесил на дрво на врвот на Каблар, врз мене со сета сила се срушија сеќавањата на времето што го поминавме заедно. Освен спомените кои неконтролирано ми навираа во главата, со сите пријатни и непријатни подробности, бев преплавен и со особено мачното чувство на вина. Зошто морав последниот пат кога се видовме да бидам толку груб кон него? Зошто го издадов нашето пријателство и почнав да живеам на начин, кој Виктор и јас, додека се дружевме, го презиравме од дното на душата?

Кога се слушнавме по втор пат тој ден, Лука подробно ми раскажа како изгледаа последните часови од животот на Виктор. Се испостави дека тоа утро, како и обично, Виктор замина во Чачак, во потрага по било каква работа, меѓутоа, не е јасно, дали претходно веќе имал смислен план или одлуката ја донел попатно. Во секој случај, околу пладне, наместо во Чачак, се нашол во Овчар Бања. Со сигурност се знае дека најпрво го посетил храмот Благовештение, чијашто црква во тоа време беше заклучена, заради што влегол во просториите на конакот и тука затекнал еден монах кој седел пред компјутерот. Монахот необично искрено и подробно му ја опишал на Лука својата средба со Виктор. Виктор го прашал дали му треба било каква помош, на што монахот му возвратил со прашање: дали умее да поправа компјутери, во последно време лаптопот му работи многу бавно, и освен тоа многу слабо го фаќа вај-фај сигналот; монахот со денови не ги проверувал своите профили на социјалните мрежи што ги користи за комуникација со верниците ширум светот. Виктор рекол дека не се разбира во компјутери, но дека е прилично силен и дека е во состојба да работи било какви физички работи и тоа без одмор. Монахот одмавнал со раката и промрморил дека „воопшто не му треба физикалец“, продолжувајќи да клика со глушецот и да зјапа во екранот. Виктор стоел молчешкум неколку минути, а потоа се свртил и продолжил понатаму по патеката кон врвот на Каблар. Лука ми соопшти дека Виктор сосема извесно неколку пати навраќал и до манасторот Никоље, во чија црква исто така не можел да влезе. Таму една монахиња скоро да го искарала кога го видела како стои пред влезот на стариот манастир. Му рекла дека не и паѓа на ум да ја отклучува црквата само заради него и дека, ако баш сака да ги види фреските може да ја почека групата туристи од Белград што доаѓа во два часот попладне. Монахињата посведочила дека Виктор кратко изустил „не благодарам“, а потоа ја напуштил портата на манастирот.
Лука верува дека Виктор тоа утро не планирал да си го одземе животот, туку очигледно во тој крај дошол со намера да се замонаши во некој од манастирите во Овчарско-кабларската клисура. Меѓутоа, мора на чице место да ја сфатил бесмисленоста на таа одлука. Додека Лука го зборуваше тоа, јас молчев и голтав кнедли. Не дека не можев да го замислам Виктор во манастир, напротив, можев. Виктор често се шегуваше дека ние двајцата би постанеле ревносни монаси, зашто, како што зборуваше, „нема поголеми развратници од оние што отишле во монаси“, но самата помисла на состојбата на свеста која го довела Виктор до тоа да земе сериозно во обѕир една една таква можност – ме порази барем колку и веста за неговото самоубиство.
Виктор е релативно брзо пронајден на самиот врв на Каблар, недалеку од карпите од кои се пружа величенствена глетка на Овчар и Западна Морава, која на впечатлив начин меандрира меѓу двете планини. Така и Виктор меандрираше во однос на сите обврски и одговорности што му ги наметнуваше животот и тоа го правеше додека можеше, се додека не ги исцрпи сите можности на фаќање кривини и не заврши обесен на гранката од црниот јасен. Го пронајдоа оние туристи од Белград кои претходно ги беше најавила никољската монахиња. Никој не се осуди да му пријде, затоа што на истата гранка на која што висеше Виктор, висеше и еден поскок. Оваа отровница, по своја прилика, на таа гранка се искачила дури откако Виктор се обесил со црниот колан. Очевидците тврдат дека змијата некое време се извивала околу неподвижното безживотно тело на Виктор, спокојно преминувајќи го патот од главата до стапалата, пред најпосле да се спуштила на земјата и да исчезнала во папратот. Лука ја проколнуваше змијата што барем малку порано не се искачила на тоа дрво, што не го каснала на вратот, зашто тогаш целата работа би се завршила како несреќен случај, а не како самоубиство, што ја скрши неговата мајка. Го прашав Лука за времето и местото на погребот. Виктор се обеси на 12 септември, т.е. на роденденот на Нина. Не сакав да му ја споменувам на Лука таа коинциденција. Но, секако, на Нина и раксажав се.

(Извадок од романот „Прелест“ во издание на Перун Артис – Битола)

Превод од српски јазик: Бичјана Китановска

ЗА АВТОРОТ

Филип Грбиќ

Филип Грбиќ е роден во Белград во 1984 година. Дипломирал филозофија на Филозофскиот факултет на Универзитетот во Белград. Се вработил како професор по филозофија во Гимназијата „Свети Сава“ во Белград. Објавени преводи на книги и статии од руски, германски и англиски јазик, како и критички осврти во Културниот додаток на весникот Политика. Член е на редакцијата на Литературното списание што го издава Друштвото за литература на Србија. Првиот роман „Руминиуми за претстојната катастрофа“ досега имаше три изданија (Платон, 2017, 2018), Вулкан (2019), а за него Грбиќ ја доби наградата Милош Црњански за 2016 и 2017 година. Вториот роман „Прелест“ досега имаше две изданија (Вулкан 2018, 2019), а жирито на Српската академија на науките и уметностите на Грбиќ му ја додели наградата Бранко Ќопиќ за најдобро прозно дело во 2018 година за овој роман. Неодамна во Франција излезе „Прелест“ под наслов „Errance“ (Belleville Éditions, 2022) во превод на Живко Влаховиќ.

ЕЛЕМЕНТИ – БРОЈ 12

ПОДДРЖАНО ОД

Елементи

Елементи

© Електронско списание за книжевност - ЕЛЕМЕНТИ