(врзувајќи ги…)
врзувајќи ги зборовите и речениците сврзниците покажуваат и своја содржина свое значење но тоа значење се открива единствено преку самиот спој... читам и се прашувам блаже говори граматика или опишува кинбаку? јас сум за ексклузивни копулативни и финални ти си за темпорални допусни и односни навидум исти идентично градени но ти си честичка што само сака да (се) истакне јас пак упорно сакам поврзување дури и кога се развил однос на спротивставување сепак јас сум ками во мојата глава та моето срце и тело може да се врзат само со шименава
(бев ли...)
бев ли првата што се дрзна своето име во текст да го стави бев ли првата што разгневи нечии глави та од плочата го избришаа моето лице кажи ми инана божице бев ли прва што раскажала во прво лице еднина во молитвите за спас од мачната судбина: бев принцеза во првата светска империја виша свештеничка во твојот храм но нана ми ја одзеде круната ми даде кама и меч и побара да си пресудам да се убијам од срам но мојот порив е силен и еве на полноќ ти се обраќам ме мачи уште ова би сакала да знам бев ли и првата авторка што работела со илустратор но нека не вели ти ништо ќе почекаме mansplain од сезнајниот наратор
енхедуана
(беше мрачно...)
беше мрачно во волкот во очите носеше бездна што како црна дупка проголта сѐ живо и радосно од мене уште веднаш штом се сретнавме на козјата патека можеби истата по која стигнал до седумте јариња или до трите прасиња мислам дека нешто штракна во него силно и одлучно како прекинувач за бојлер светло и грејач направен во југославија кога се огледа во мене и кога во моите очи се соочи со сопствениот мрак кога ја здогледа бездната трепна се чини во тој миг одлучи да ме поштеди па затоа појде кај баба но беше предоцна тоа што штракна во мене пак беше идејата да го спасам расипано е ‒ сакав да го поправам па ја играв неговата игра не не бев наивна ниту глупава само се трудев да не бидам далила за овој самсон да не му ја одземам силата или што и да е тоа што од него прави предатор пред кој јас треба да сум плен не обратно кога го видов во облеката на баба ми ми идеше да плачам за него каков очај каков бунар без дно каква празнина беше тоа ниту телото на баба ми ниту седумте јариња ниту трите прасиња ниту јас не можев да ја пополнам таа дупка ми беше жал за него толку многу жал што оставив докрај да мисли дека сум проста дека сум наивна дека сум лесен плен дека можеби конечно ќе се засити а јас толку сочувствував што само сакав да нема жив сведок од оваа бедна сцена во која големиот и страшен волк е една баба злојасна и токму кога мислев дека сѐ се заврши веќе знаете ‒ дрвосечачот
црвенкапа
Јулијана Величковска (1982, Скопје) е писател, уредник, преведувач и организатор на поетски фестивали. Основач е на издавачката куќа „ПНВ Публикации“ од Скопје, соосновач и директор е на „Скопскиот поетски фестивал“ и програмски директор е на „Поетска ноќ во Велестово“, Охрид. Член е на Друштвото на писателите на Македонија. Авторка е на стихозбирките „Комарци“ (2010, ПНВ), „Отворена книга“ (2017, ПНВ Публикации) и „Рајсфершлус“ (ќе излезе од печат до крајот на 2024, ПНВ Публикации); на романот „Годишни времиња“ (2014; 2015 ‒ 2. изд.; 2017 ‒ 3. изд.; 2022 ‒ 4.изд., ПНВ Публикации), на книгата за деца „Ведра“, илустрирана од Марио Каев, (2022, 2023 ‒ 2. изд., ПНВ Публикации), за која ја освои наградата за најдобар текст во сликовница за книги издадени во 2021 и 2022 година на меѓународниот фестивал за литература за деца и илустрација „Литера“; на монографијата „XX години Поетска ноќ во Велестово“ (2009, ПНВ), заедно со Славе Ѓорѓо Димоски го направи изборот и ја приреди „Самодиви: панорама на македонската поезија пишувана од жени, од преродбата до денес“ (2023, Поетска ноќ во Велестово), а авторка е и на триесетина книжевни преводи од англиски, од руски, од српски, од хрватски и од црногорски јазик. Нејзините песни се препеани и објавени на дваесетина светски јазици. Нејзиниот роман „Годишни времиња“ беше објавен на бугарски јазик од страна на издавачот „Ерго“ од Софија во 2017 г., избор песни под насловот „Кутија на стравот“ во превод на азарбејџански јазик беше објавен од издавачката куќа „Зардаби“, Баку, 2024 г., а избор песни во превод на англиски јазик под насловот „Очекувам лавови“ (“Expacting Lions”) ќе излезе од печат до крајот на 2024 г. во издание на „Три Спајр Прес“ (Three Spire Press), од Корк, Ирска. Застапена е во неколку антологии на македонската современа поезија издадени во Македонија, во Србија, во Чешка, во Грција, во Италија и во Колумбија, во две антологиии на современата светска поезија, едната издадена во Кина, а другата во Албанија, како и во три антологии на куси раскази, објавени во Македонија. Учествувала на бројни интернационални книжевни фестивали низ Европа и Азија.