Од книгата „Од онаа страна на Небиднината: Разговори со Светлана Шопова за Ацо Шопов“ (Скопје: Дијалог, 2023 – прво издание и 2024 – второ издание)
За „Молитвите“, Париз, Струшките вечери на поезијата
АНТОНОВСКИ: Вашите спомени, со дел од она што веќе го кажавте, веќе нè водат кон шеесеттите години на минатиот век. Но, пред да преминеме целосно на тој период, не може да не забележиме дека она што го поврзува крајот на педесеттите со почетокот на шеесеттите години во творечкиот пат на Шопов е циклусот „Молитви на моето тело“. Првата песна од овој циклус, „Молитва за еден обичен но уште непронајден збор“, за првпат е објавена во Современост во 1958 година. Уште циклусот не бил ни завршен, а таа, како сите други до четвртата молитва, во 1960 година е објавена и во превод на српскохрватски јазик во Антологијата на повоената македонска поезија приредена од Димитар Митрев. Циклусот Шопов го создава до 1962 година, а за првпат е објавен во целост во стихозбирката Небиднина, една година потоа. Како Вие ги доживеавте овие поетски молитви, настанати во првите години од вашето заедничко живеење?
ШОПОВА: Она што Ацо самиот го кажа за неговите молитви е најубавото што може да се изрече за нив. Што друго да додадам по неговото осврнување на овој циклус во разговорите со Тамара Арсовска? Затоа, еве чувствувам потреба да го цитирам: „Молитвите на моето тело ja содржат идејата на долго и неизводливо патување до љубовта и барање нова смисла на зборот со која тоа патување нема да ни се стори бесцелно и неостварливо, па макар барањето да нè упатува кон зборот што личи на ’обично дрво‘ или ’на дланки јагленосани и прародителски голи‘, како што е речено во првата молитва. Од оваа идеја произлегува и структурата и композиционата изграденост на циклусот со ’Молитвите‘. Секоја молитва претставува за себе одредена целост, одделна поетска транспозиција, но, за да се разбере докрај, таа го бара своето вклопување со другите. Молитвите извираат една од друга, се влеваат една во друга; тие, барем мене, ми личат на ред од водопади под кои не можеме да застанеме одеднаш, но додека стоиме под едниот – во неговиот шум ние го чувствуваме шумот на вториот, шумот на другите. Молитвите не се ни поема, ни некој друг, од учебниците познат подолг, поетски спев, тие се просто молитви на телото, песна на љубовта.“
АНТОНОВСКИ: Но, „Молитвите“ настануваат токму во тој период кога Вие веќе сте дел од животот на Шопов. Ги споделуваше ли и тие песни со Вас?
ШОПОВА: Да, јас присуствував во миговите на нивното создавање и морам да кажам дека Ацо многу тешко седнуваше да напише песна. Песните многу долго ги носеше во себе пред да ги стави на хартија, тоа е една од основните карактеристики на поетското создавање на Ацо. Тоа се гледаше на него! Колку пати ќе го видев седнат, со цигара во раката и со поглед дигнат нагоре, од што малку ќе му се набрчкаше челото… Како нешто да излегуваше од него, од длабочините на неговото битие, како да се извишуваше и тој со поглед да го следеше нагоре и да го поврзуваше во стихови. Песната ќе зрееше во него, ќе израснеше, ќе се зацврснеше и дури тогаш ќе ја напишеше. Ама, кога ќе дојдеше мигот да ја напише, немаше одложување. Се сеќавам, по еден концерт на духовна музика во „Св. Софија“ во Охрид, кој очигледно многу го возбуди, тој како да почувствува дека песната созреала во него и со нетрпение се врати дома да ја напише. Така се роди песната „Езеро крај манастирот“.
Но, ако ме прашувате за „Молитвите“, за мене посебен миг беше кога ми ја соопшти третата... Бевме во нашиот дом, ми ја прочита и рече: „Ова е песна за тебе, посветена на тебе. Ова е наша песна.“ Бев толку понесена… Дали во мене ја гледаше и својата изгубена мајка и својата неродена сестра или ќерка? „Што си?“ – тоа прашање како постојано одново да се раѓаше во него. Бев едноставно одушевена… И повеќе од тоа, но ни ден-денес не знам кој збор да го употребам за да го изразам тоа чувство.
Со таа песна, како да ми кажа дека сум успеала кај него да побудам чувства со кои нешто во неговиот живот се менува и дека таа нова, наша љубов може силно да го заштити, да го „излечи“ од сè што преживеал, да го „издигне“ над сето она што се случуваше околу него и интимно се слеваше во неговите песни… Но со неа и ја искажа својата решеност да ѝ се посвети на таа нова љубов и за нов почеток и во својот живот, и во своето творештво. Тоа „моќно име ПОБЕДУВАМ“ се однесува и на мене и на него и на неговата поезија.
АНТОНОВСКИ: Споменавте дека Шопов долго ги носел песните во себе. Така ли беше и со оваа негова молитва?
ШОПОВА: Токму со оваа негова молитва за првпат ми беше дадена можност да видам како се создава песната… Со сите негови белешки, чкртања, стуткани парчиња хартија… Тогаш ми стана јасно што значи и колку е тежок творечкиот процес и сфатив дека во животот е доволно десетина збирки некој да напише. Па и помалку од тоа...
Не знам како творечкиот порив се отелотворува кај другите поети, но кај Ацо, секое запишување на песната беше нејзино долго и болно раѓање, буквално раѓање...
АНТОНОВСКИ: Како „Раѓање на зборот“...
ШОПОВА: Да! Затоа и „Раѓање на зборот“ всушност е еден одраз, меѓу другото, на доживувањето на раѓањето на песната и воопшто на поетската запишана мисла. Кај Ацо, „зборот“ е и згусната метафора за песната. Едноставно, кај него, кога по долго созревање ќе дојдеше вистинскиот миг за раѓање на песната, тој чувствуваше потреба „под итно“ да ја запише. Затоа, на пример, неговата втора молитва е запишана на коверт... Само коверт имал крај себе кога дошол тој вистински миг.
Еден дел од молитвите ги напиша кога беше во Париз, во текот на неговиот втор студиски престој. За да ги прочитам, ми ги праќаше по пошта... Дури откако веќе ја напиша и последната молитва, ја објави Небиднина, во 1963 година.
Во тие моменти и не очекуваше дека неговите молитви ќе постанат инспирација и за другите уметности. Ама и тоа се случи – во 1974 или 1975 година, Кирил Ефремов ја наслика „Трета молитва на моето тело“, онаа за која имав неизмерна среќа да ми е посветена мене... Како што Илија Пенушлиски беше инспириран од „Раѓање на зборот“ за да ја создаде истоимената слика. Истата песна инспирираше и еден од трите бакрорези на Димо Шумка. Другиот бакрорез е инспириран од „Песна“, а за третиот не можам да се сетам, но се сеќавам дека на Шумка му дадовме еден саан од куќата на моите родители и тој го изработи делото од тој бакарен сад.
АНТОНОВСКИ: Покрај третата, би издвоиле ли некоја друга од неговите молитви?
ШОПОВА: Не можам да не ја издвојам „Осма молитва на моето тело или кој ќе ја смисли таа љубов“. Ја доживував со голема емоција уште при првото читање. „Боли месечино. Нека боли. Болат твоите ребра погодени“... Сето тоа што го носел Ацо како поет за месечината, за нејзината убавина, за нејзината недостижност, наеднаш се сруши. Боли. Готово е. Допрена е. Освоена е. Тоа веќе не е истата онаа месечина по која мечтаел. Многу силни емоции внесе во таа песна, која буди многу силни емоции и кај читателот.
АНТОНОВСКИ: Таа песна е создадена во 1961 година, а во април таа година, Јуриј Гагарин одлетал во вселената... Чинам во некои од хронологиите на настаните од биографијата на Шопов е опфатен и овој настан, како инспирација за оваа молитва.
ШОПОВА: Да, токму тоа беше настанот што го поттикна да ја напише песната. Или барем го поттикна да се случи раѓањето на песната, не знам... Едноставно, фактот дека човекот ја освојува вселената извонредно многу го возбудуваше Ацо. Бев до него кога Нил Армстронг за првпат стапна на Месечината, во јули 1969 година. Не знам колку беше часот кај нас кога се пренесуваше тој настан, но дома беше буквално вонредна состојба затоа што човекот ќе стапне на Месечината! А таквите вонредни состојби наоѓаа одраз токму во неговата поезија. Затоа што Ацо не се изразуваше преку ниедна друга уметност освен поезијата. Немаше дури ни хоби бидејќи немаше слободно време за хоби. Целото негово време, надвор од службените обврски, беше посветено на поезијата.
АНТОНОВСКИ: Со „Молитвите“ веќе и навлеговме во 60-тите години. Покрај тоа што повторно е избран за претседател на Друштвото на писателите на Македонија, а неколку месеци подоцна и за претседател на Сојузот на преведувачите на Југославија, и тоа токму кога е објавен и неговиот превод на Хамлет, кој веќе го споменавме, во 1960 година во животот на Шопов се случува и уште еден настан важен за него како човек... На 1 јуни се раѓа вашата ќерка Јасмина.
ШОПОВА: Да, и заедно со неа, во моите очи се роди и еден уште понежен Ацо, со еден особено заштитнички однос. Тој беше објективен човек и умееше да биде критичен кон секого… Освен кон Јасмина. Јас, како сите мајки, се лутев, ја карав… Кај него такво нешто не постоеше. За неа беше подготвен да го направи и невозможното. Дури и како поет! За неа пишуваше и „детски“ песни...
АНТОНОВСКИ: Но, Шопов не се профилираше и како поет за деца…
ШОПОВА: Да, тој не објави книга за деца, но пишуваше песни за ќерката. Тие песни беа само нејзини. Како и многу други работи, тој не ги сочува тие песни, ама ги пишуваше само за да ѝ ги прочита или, кога таа потпорасна, таа да ги научи напамет за да му ги рецитира на Дедо Мраз, на пример. Кога Дедо Мраз ќе дојдеше да ѝ донесе подароци затоа што била многу умна, таа целата возбудена прво ќе се затрчаше кон телефонот, молејќи ме брзо, брзо да му се јавам на чичко Славко, за тато брзо, брзо да се врати откај него дома и да го види и тој Дедо Мраз. Се разбира, Дедо Мраз беше татко ѝ, а јас морав да измислувам секакви причини зошто тој нема да може токму сега да се врати дома. Тогаш таа ќе се помиреше со „судбината“ и ќе му ја изрецитираше песничката на Дедо Мраз пред да ги добие подароците. Тоа траеше неколку години, додека Јасмина не ја препозна манжетната од зелената кошула на татко ѝ под црвеното палто… Но Ацо ѝ пишуваше песнички по секакви други поводи, а знаеше во момент да смисли некоја песна и за дечињата на нашите пријатели, но тоа беше инцидентно.
АНТОНОВСКИ: Ама, иако не објавуваше свои песни за деца, се чини Шопов имал исклучително афирмативен однос кон поезијата за деца.
ШОПОВА: Многу ја ценеше и ја сакаше поезијата за деца и затоа, и кога работеше во книгоиздавателството, настојуваше да се објават што повеќе поетски книги за деца. Бидејќи зборувавме за неговото залагање за младите поети, еве да дадам уште еден пример: Васил Пујовски. Многу беа блиски и воопшто многу бевме блиски како семејства. Им бевме свадбени кумови на Лиле и Пујо, како што го викавме. Мислам дека покрај неоспорниот талент, и судбината на тоа дете родено во Костурскиот регион, во 1946 година, кое заради историските околности за првпат мајка си ја видело, ми се чини, на десетгодишна возраст, исто така придонесе Ацо да се чувствува толку близок до него. Ни раскажуваше како во текот на целото детство му раскажувале колку мајка му била убава… Со години мечтаел да ја види, а кога дошол денот конечно да ја сретне, се нашол пред една изнемоштена „старица“ од чие лице историјата и судбината ја избришале сета легендарна убавина…
Иако Ацо не објави своја книга за деца, тој посвети многу внимание и време на преводите на книжевноста за деца од други јазици. Уште пред нашиот заеднички живот, ја има преведено Цицибан од Отон Жупанчич, а да не зборуваме за посветеноста во преведувањето на поезијата за деца на Змај, но и на Григор Витез. Првите француски сказни за деца што дошле до рацете на најмладите во Македонија биле во превод на Ацо: Црвенкапа, Мачорот в чизми, Пепелашка… Дванаесет книжулиња со илустрации, не поголеми од мојава дланка, и тоа без прстите… Многу убаво издание за кое подоцна разбравме дека било објавено и на словенечки и на српскохрватски некаде на почетокот на педесеттите години.
АНТОНОВСКИ: Следејќи ја биографијата на Шопов, се наидува на интересен податок дека нецела година по раѓањето на ќерката, тој завршува факултет – дипломира на 15 март 1961 година. На Филозофскиот факултет во Скопје, и тоа чиста филозофија, на возраст од безмалку 40 години. Зошто заврши факултет токму тогаш? И зошто чувствуваше потреба за студирање во период кога веќе бил етаблиран автор и културен деец, со големо работно искуство?
ШОПОВА: Студиите на Ацо се врзани со барем две анегдоти, кои заслужуваат да се раскажат. Тој уште на 15 јули 1949 година дипломирал на Вишата партиска школа „Ѓуро Ѓаковиќ“ во Белград. Тогаш таа траела две години и на неа се изучувале предмети како дијалектички и историски материјализам, политичка економија, изградба на новата сојузна држава, организација на партијата, руски јазик итн. Таму се школувале идните политички и интелектуални кадри на тогашната Федеративна Народна Република Југославија. Народна беше заменета со Социјалистичка дури во 1963 година.
Таа школа е предокот на Факултетот за политички науки во Белград. Кога зборуваше за тие студии, Ацо велеше дека престојот во Белград го доживувал како откорнат од својата средина. Едвај чекал да ја заврши таа обврска и да се врати во Македонија, додека „белградските луѓе“ имале поинакви планови со него. Во тоа време, Рато Дугоњиќ, босанскохерцеговски првоборец и близок пријател на Ацо уште од времето на пругата Брчко-Бановиќи, бил на високи политички функции на сојузно ниво и планирал да го задржи Ацо како партиски и политички кадар од Македонија во Белград. Кога Ацо ја завршил школата со брилијантен успех, во разговор со Рато му кажал дека сака да се врати во Македонија, а Рато одговорил: „Ќе видиме…“ Но тоа „ќе видиме“ Ацо си го врзал во крпче како нешто за што може многу подоцна да се разговара и го фатил првиот воз за Скопје. Кога видел што се случило, Рато веднаш му се јавил на телефон и му рекол: „Што направи, бе, Ацо?!“ Неговото заминување од Белград било еден вид „дезертирање“, но неговата одлука била јасна и неотповиклива – назад во Македонија!
АНТОНОВСКИ: А Филозофскиот факултет?
ШОПОВА: Во врска со факулетот, има друга анегдота. Во времето кога се зедовме со Ацо, во хотелите се пополнуваа формулари со прашања меѓу кои стоеше и образованието. Партиската школа никаде не фигурираше како високо образование и Ацо, кога ќе дојдеше до таа рубрика, ќе ја прескокнеше. Во Македонија можеше да ја прескокне затоа што сите го знаеа Ацо Шопов, ама надвор… И тогаш, тој мораше да напише средно, а јас високо, откако дипломирав во септември 1960 година. Тоа стана директниот поттик да заврши факултет. Но вистинската причина беше дека Ацо имаше посебен афинитет кон филозофијата, инаку ќе се запишеше на кој било друг факултет. Иако сигурно не некој во науките врзани со математиката! Филозофските расправи и теории постојано беа дел од неговата лектира, и пред мене да ме запознае и потоа, а филозофското размислување воопшто е очигледно и во неговите написи и во неговата поезија. Тоа го препознаа и некои од неговите толкувачи.
Како и за сè друго, кога Ацо ќе донесеше некоја одлука, можевте да бидете сигурни дека тоа ќе го направи на највисоко можно ниво и во најкраток можен рок. Одеше на консултации кај Вук Павловиќ и Загорка Микиќ, кои беа дојдени во Скопје по казна, но Ацо знаеше дека тоа беа врвни интелектуалци. Со нив минуваше многу време. Не одеше на предавањата, беше вонреден, но и извонреден студент. Сите испити ги положи за шест месеци! Едноставно, тие шест месеци комплетно се нурна во филозофијата, и ден и ноќ. Сиот беше предаден на студиите.
АНТОНОВСКИ: Тука се наметнува и прашањето кое беше суштинското образование за Шопов – формалното или неформалното?
ШОПОВА: Факултетот за него беше само формалност. Впрочем, тој и отворено велеше: „На факултет не се учи да се пишува поезија“. За разлика од него, многумина други писатели од тоа време и немаа факултет... Сепак, треба да имаме предвид дека неговата генерација имала развиено самообразование. Во неговиот случај, тоа се случувало уште на средбите во Штип што ги организирал Ванчо Прке и на кои се зборувало за книжевноста и политиката. На тие средби се натпреварувале кој прочитал повеќе и што прочитал. Со минимални услови и со максимална љубопитност младите учеле од изворите до кои можеле да дојдат.
АНТОНОВСКИ: Се чини 1961 година е една од годините кога се имаат случено многу важни настани во неговата биографија, со многу контакти... Не само факултетот... Меѓу другото, во 1961 година се случува и зародишот на Струшките вечери на поезијата. Неколку пати веќе ги споменавте... Што Ви раскажуваше Шопов, како дојде до нивното формирање и развивање?
ШОПОВА: Ацо уште кон крајот на 1960 и почетокот на 1961 година зборуваше за одбележувањето на 100-годишнината од објавувањето на Зборникот на Миладиновци. Првата идеја му беше симпозиум. Можеби таа промена на идејата од симпозиум до формат на поетски собир дојде заради неговото отсуство, не се сеќавам. Имено, тој накратко по дипломирањето замина за Париз и не беше во Македонија кога се одбележа јубилејот. Но главната идеја што потекна од Ацо беше од Струга да се направи град на поезијата! Се сеќавам дека летото 1959 година, тој се врати воодушевен од еден собир на југословенските писатели, некаде на море, мислам дeка беше во Шибеник. Тогаш тој дефинитивно реши дека во Македонија мора да се организира годишен поетски фестивал.
Благодарение на фактот што Струга покажала слух за еден таков потфат, една година по собирот во чест на браќата Миладиновци се родија и официјално Струшките вечери на поезијата, а Ацо стана прв претседател на Советот на Фестивалот.
Интересно е денес да се препрочита неговата беседа при отворањето на тоа прво издание на Струшките вечери. Во неа јасно се согледуваат клучните ставови на Ацо како македонски поет и општественик отворен кон светот и универзалните валери, а истовремено длабоко приврзан за својата земја. Во првиот дел, Ацо на нему својствен, да не речам, поетски начин ја дава сликата на времето во кое тогаш сме живееле. Дозволете повторно да го цитирам: „Сѐ е изместено од своите зглобови. Немирот е тотален, универзален, на сите ширини и должини географски и човешки: немир − војна и галоп за секаква надмоќ и престиж, немир − страв од атомска катастофа, немир − крваво пресметување со сите сеништа на минатото, немир − исправање на човекот, извишување во неговите човешки достоинства, стапување на прагот на вистинската историја, немир − одбрана на вистината, немир − радост што ја соопшти човековиот глас од вселената, немир на земјата, немир над земјата…“
Во вториот дел од беседата, посветен на Зборникот на браќата Миладиновци, тој пишува: „Тој поетски говор за драмата на еден народ допира до нас како глас и совест на своето време. Во него го откриваме нашето самоосознавање, како и величината и трагиката на тој процес. Во него е нашата самопотврда. Нашата денешна поезија не е овошка пресадена од туѓо тло“. Би требало да го цитирам целиот текст за да ги доловите сите негови финеси, ќе запрам тука, но очигледно е дека уште на тие први Струшки вечери, Ацо посакуваше тоа да биде југословенски, но и светски фестивал. И тоа и се случи.
АНТОНОВСКИ: Го споменавте Париз. Всушност, тоа е неговиот втор студиски престој во Париз, нели?
ШОПОВА: Да, доби стипендија од македонската Влада и многу му значеше да ја искористи таа можност за да ја доспознае француската култура, да го усоврши францускиот јазик и да може да придонесе за развивањето на македонско-француските културни врски. Толку му значеше што и одбележувањето на првиот роденден на нашата ќерка го поместивме порано, само за да замине навреме, некаде кон крајот на мај.
Нема никогаш да заборавам едно писмо што ни го упати Рули Османли, со кого многу се дружеше таму, бидејќи и тој истата година имаше стипендија. Во писмото, кое цели две децении по смртта на Ацо стигна од Рули по повод омажот за Ацо организиран во срцето на Париз, во галеријата „Le Lys“, во 2002 година, тој се потсети на зацрврстувањето на нивното пријателство токму во Париз, на таа „искрена врска меѓу луѓе жедни за восприемање на космополитскиот дух што Париз го носи изобилно, во своите луѓе, градби и светлини“. Возбуден, Рули му го диктирал писмото на син му Томислав, кој веднаш ѝ го испрати на Јасмина по електронска пошта. „Бевме млади“, велеше Рули, „и сè што правевме го правевме и со доза на посебно чувство дека не го освојуваме тој дух на Париз само за себе, туку и за македонската култура, за книжевноста и за филмот, на кои им се посветивме“.
Така беше, духот на Париз се освојуваше заради македонската култура. Впрочем, и самата се уверив во тоа кога го посетив Ацо во Париз, за време на тој престој.
АНТОНОВСКИ: Ете, Вие и сте биле таму и сте можеле да проследите како всушност изгледал тој студиски престој на Шопов...
ШОПОВА: Бев во Париз во текот на јули и август таа година. И покрај тоа што беше лето, Ацо секој ден одеше на настава во Француската алијанса, со неговата препознатлива упорност и решеност. Како што веќе Ви реков: кога на нешто ќе се посветеше, Ацо му се посветуваше безрезервно. Со парите што ги имаше, а ги немаше многу, купуваше книги што ги сметаше за важни, а ги немаше во Македонија. Настојуваше да види што повеќе може од секојдневниот културен живот, за потоа она што е добро, а го нема кај нас, да го пренесе како искуство. Па така, одевме и во театар, но за да влеземе во најпрестижниот театар, „Comédie française“, билетите беа толку скапи што моравме да ја сочекаме единствената бесплатна претстава во годината, која традиционално се одржува на 14 јули, националниот празник на Франција. Тој ден, чекавме буквално три часа во ред за да влеземе на претставата. Многу често одевме и на кино, некогаш и принудно, затоа што тогаш беше во полн ек Алжирската војна, па кога ќе почнеше полициска акција по улиците, веднаш ќе се шмугневме во најблиското кино, да не се случи да настрадаме. Францускиот филм во тоа време доживуваше вистинска револуција со „Новиот бран“, кој беше започнал порано, но за нас претставуваше нешто сосема ново: Трифо, Шаброл, Годар…
АНТОНОВСКИ: Имаше ли време за нешто друго освен за учење, книги, театар и филм?
ШОПОВА: Се наоѓаше време, особено во август, зашто беше помирен месец. Тогаш минувавме по два арондисмана од Париз секое попладне, кварт по кварт го запознававме градот. Но тоа не беа туристички прошетки, туку со цел подобро да се запознае духот на градот, архитектурата, историските објекти и слично. Впрочем, Ацо тоа го правел и во текот на првиот престој во Париз. Во „Лувр“ обично луѓето ќе посетат неколку сали, а тој одел секоја недела, зашто во недела влезот во „Лувр“ и ден-денес е бесплатен. Одел сè додека систематски не го изгледал и проучил целиот музеј!
И сето она што ќе го доживееше од таа култура, како став и идеја, веќе таму, покрај со Рули, го споделуваше и со хрватскиот поет и книжевен критичар Лука Павловиќ, кој во тој период исто одеше во Француската алијанса и со кого таму Ацо многу дружеше.
АНТОНОВСКИ: Веќе зачекоруваме подлабоко во шеесеттите години на минатиот век и до неговата „Небиднина“. Мислам дека веќе сме од онаа страна на Небиднината...
Иван Антоновски (1990) е писател, книжевен критичар, есеист и книжевен преведувач, асистент на Катедрата за македонска книжевност и култура на Филолошкиот Факултет „Блаже Конески“ при УКИМ. Автор е на неколку книги со студии и есеи за современата македонска книжевност, поетски книги и книжевни преводи. Соприредувач е на четири антологии и на неколку други монографски публикации кои се однесуваат на современата македонска книжевност. Бил уредник и соработник на неколку списанија за книжевност и култура, меѓу кои и на е-неделникот „Репер“. Во моментов е уредник на списанието за литература, уметност и култура „Стремеж“. Добитник е на неколку книжевни награди и општествени признанија, меѓу кои се наградата „13 Ноември“ на Град Скопје и наградата „Франк Манинг“ на Ректоратот на УКИМ, како и на наградата „Живко Чинго“ за 2023 година. Прогласен е за најдобар млад научник во хуманистичките науки за 2021 година и од претседателот на државата му беше доделено признанието „Успешни млади“. Член е на Друштвото на писателите на Македонија, на Сојузот на литературните преведувачи на Македонија и на Македонскиот славистички комитет.