Добрата ќерка
не знам оти
сум ти клета
а ти, на милоста
клетка.
татко ми вели
ко во недела родена сум
а јас преродена
во твојата рака
стутулена
во твоите очи
возвишена.
не знам оти
сум ти клета
а ти, на сонцето
мостра
татко ми вели
на инает родена сум
а јас преродена
во твојот кревет
мачка истегната,
гребам
не знам оти
сум ти клета.
а татко ми вели
оти машко не сум се родила.
На станица
стежнале облаци
на твоите рамења,
ја свиваш устата,
протатнуваш клетва,
раката сува се клати
во поздрав
утрото уште
мириса на мрша,
жилите ти скокнале,
спарнина ти се крева
во влажните очи
камен ти фатиле нозете!
долг е патот
севдата кратка,
долга е маката
чекорот краток
стежнале облаци
на твоите рамења,
знаеш дека ова
ни е последно збогум.
Сон
почнав да сонувам далечни земји
во кои ќе те погребам со сите адети
и ќе имам реликвија со камен и крст.
почнав да сонувам далечни води
во кои ќе те удавам, безмилосно,
и во нив ќе ја истурам пепелта твоја изладена.
почнав да сонувам далечни светови
во кои нема да постоиш,
ама секогаш се будам со вкус на пепел во устата.
Александра Спасеска (1984) живее и работи во Скопје. Таа е новинарка, преведувачка, авторка и активистка, со ангажмани во граѓанскиот сектор како истражувачка и менторка. „Прости песни (на кого помислуваш кога смртта мисли на тебе)“ е нејзината прва самостојна објавена книга, во издание на ПНВ Публикации (2023). Нејзиниот втор поетски ракопис, „Координати на болката“, влезе во потесниот избор за наградата „Антево перо“ за 2023 година и се закити со признанието „Антев златник“. За песната „Имало денови“ ја доби втората награда на Меѓународната поетска манифестација „Анџело Ла Векија“ („Il Parnaso – Concorso di Poesia – Premio Angelo La Vecchia“) што во соработка со Здружението за развој на култура и заштита на културно наследство „Контекст - Струмица“ ја додели наградата за најдобра необјавена поетска творба „Антево слово“ за 2024 година. Нејзината поезија досега била објавувана во неколку онлајн изданија, меѓу кои книжевниот прилог „Ш“ на студентското списание „Излез“; како и печатени антологии, меѓу кои Антологијата на младата македонска авангардна поезија; таа е првата поетеса од земјава застапена во првото печатено издание на книжевниот зборник The San Antonio Review од Сан Антонио, Тексас; била учесничка во „Астални проекции“ и застапена е во истоимениот зборник; објавена е во панорамата „Допир“ (2019), и списанието за литература „Современост“; има учествувано во неколку изданија на поетската манифестација „100 илјади поети за промена“ како авторка и преведувачка; на манифестацијата по повод Меѓународниот ден на културната разноликост на ОН и УНЕСКО во организација на ПЕН, како и на манифестацијата „Песнило“ во организација на МКЦ. Има соработувано со неколку македонски автори како преведувач и препејувач. Нејзината поезија се најде и во „Самодиви: панорама на македонската поезија пишувана од жени, од преродбата до денес“ и во изборот „Македонска љубовна лирика“ на Весна Мојсова-Чепишевска и Иван Антоновски.