Elementi Logo

Сонот на фетусот

Backgorund

Сонот на фетусот

 

Заврна во тишината на зимските снегови,

ги чисти снагата голите погледи,

бездна во која фетусот сонува сто години.

 

Дали фетусот сонува птица со прекршени сводови?

 

Сонот почнува онаму

каде што завршува смислата,

како меур од сапуница – допри со прст и сѐ исчезнува.

 

Дали стоиш сам во далечините,

јавачу на зборови,

сонуваш ли заедно со фетусот што сонува прекршени сводови?

 

Што те заменува кога не постоиш?

Сонот е само сон,

човечки.

 

Жетва на ѕвоното

 

Му фрлија рибарска мрежа на ѕвоното,

го ловат со еони

звукот што се открива,

а се крие од себеси.

 

Меѓу нас стои тврдина

што никој не ја искачи,

како високо запален фенер

ја гледаме оддолу.

 

Рано го напуштив огништето,

уште ги слушам како пеат над чадот,

дождот е на друго место,

во мене се истура нивниот издишен пренос,

а водата нешто ѕвони.




Душата е зависна од смртта

 

Ќе бидеш ли слобода под моиве пазуви,

ти птицо, што крилја немаш?

Биди ливада од моите стравови,

биди испраќање

и дочекај се себеси

на крајот од мислата.

 

Наврни молња

по која без тело ќе чекорам,

на молњата ќе ѝ се предадам

ко секира без својата острина.

 

А што му треба на едно езеро

освен водата што ги раѓа луѓето што живеат крај неа,

само стоимена молитва,

само потта е лечлива

што се лизга врз насмевката на детето

што стои на брегот и се бранува по синилото.

 

Ќе бидеш ли слобода под моите пазуви,

о, ти птицо, што крилја немаш?

 

од стихозбирката „Второ детство“ (ПНВ Публикации, 2025)

 

ЗА АВТОРОТ

Емануела Ковачевска Китановска

Емануела Ковачевска Китановска е поетеса и студентка на Факултетот за психологија при МИТ Универзитет во Скопје. Авторка е на стихозбирките „Кожена душа“ (без ISBN), за која ја освои наградата „Антев часовник“ во 2019 година на манифестацијата „Антево перо“ и „Второ детство“ (2025, ПНВ Публикации), со која влезе во најтесен избор за истата награда за 2023 г. Добитничка е и на наградата „Најмлада поетска искра“ на Меѓународниот фестивал „Литературни Искри“ во 2019 година во Гостивар. Нејзините песни се застапени во неколку антологии. Учествувала на бројни работилници, поетски читања и фестивали, меѓу кои: „Астални Проекции“, Поетска ноќ во Велестово, Скопскиот поетски фестивал, „Коронијалс“, МТФ „Војдан Чернодрински“ и др. Пишува и проза, а дел од расказите ѝ се застапени во збирката „Мали приказни за Скопје“ (2019, Просветно Дело). Се занимава со театар и со драматургија, има напишано и изведено две монодрами „Драг Вардар“ во МКЦ и „Sвездан“ во Домот на култура „Кочо Рацин“ во Скопје.

ЕЛЕМЕНТИ - БРОЈ 16

ПОДДРЖАНО ОД

Елементи

Елементи

© Електронско списание за книжевност - ЕЛЕМЕНТИ