Почеток
Исплашен од лаежот на зракот
ѕвездениот гулаб полетува од прозорецот на дрвото
кон хоризонтот со боја на стасано тесто за печење.
Од големата ламба под ридот, по силниот тресок,
Човекот и Птиците се враќаат на земјата.
Од кладенецот светлина капе врз успаната река, којашто
подолу, по големите куќи на злосторот, ја очекува кошмар.
Каснувам од белата погача на денот. Се претворам во ловец на ретки глетки.
Големиот жолт кораб се насукал врз планините.
***
Буден сум. Сонцето сѐ уште
не изгреало.
Именувам песни.
Или тие сами се именуваат.
Сакам да пишувам песна
додека сонцето изгрева над планините.
И песната треба да изгрева како тоа сонце.
Доаѓањето на музиката
Звукот на градот ја ослободува постелата.
Да се повадат цвеќињата!
Воздухот е премал за овој балкон.
Обувам погрешни чевли за нови патишта.
Облаците се лизгаат како коцки мраз
што се топат на подот.
Електричната пила урива еден свет.
Врз купот лисја како сфинги лежат кучињата.
Толпа сенки што се судираат.
Автобусот е кроасанот со мармалад
во раката на една дама.
Вистинската музиката доаѓа од горе
и се тетерави по улиците.
Симнуваме капи.
Стефан Костоски од стихозбирката „Доаѓањето на музиката“ (ПНВ Публикации, 2025)
Стефан Костоски (1991, Охрид) дипломирал на Катедрата за општа и компаративна книжевност при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ ‒ Скопје. Автор е на стихозбирките „Гирланда“ (2020, Современост) и „Доаѓањето на музиката“ (2025, ПНВ Публикации). Негови песни и есеи се објавени во неколку периоднични списанија. Учествувал на поетски читања на „Струшките вечери на поезијата“, на „Поетска ноќ во Велестово“ и на Скопскиот поетски фестивал, како и на „Добри гости“ во Штип. Застапен е во антологијата „Ново раѓање на зборот: Антологија на младата македонска поезија“, приредена од Весна Мојсова-Чепишевска и Иван Антоновски (ПНВ Публикации, 2023), како и во „Метрички карван Гевгелија ‒ Охрид“. Добитник е на наградата „Енхалон“ за 2023 година што ја доделува фестивалот Струшки вечери на поезијата.