СВЕТОТ НА СЛИЧНОСТИТЕ И ИМАГИНАЦИЈАТА
Наутро,
Кога здивот на ноќта
Ја замаглил ципата на мојот ум
И направил од мене крстосувачки челик
Што в прелест броди
Низ памучните прегратки на зората...
Напладне,
Кога страста веќе рие низ жлездите на денот
Како непресметлива волчица
Што ги заборавила своите младенчиња
Во папокот на ноќта...
И навечер,
Кога Месечината
Како студен портокал се тркала
По должината на мојот ’рбет...
Јас сонувам.
Јас сонувам.
ЗАЧЕТОК
Сѐ уште не знам
Дали сум од ровка почва
Или од солзливо небо,
Дали сум ја припитомил крвта
Или сум го загризал ветрот.
Сѐ уште не сум го нашол островот
Во очите на ламјата
Ниту ровјето под срцето на бикот.
Пред мене, илјадниците чинки на ноќта
Се отвораат како пурпурни кшетрами
Вдолж трбувот на иднината.
Зад мене, илјадниците навестувања на денот
Цветаат ко соблазителна мрша
Во топлите дланки на минатото.
Посакувам да љубам
Но не знам како.
Посакувам да мразам
Но не знам колку.
Јас сум капка во океанот
И океан во капката.
Грбот на каменот
И мрморот на молњата
Се мојот непреболен дом!
Но живеам,
Живеам така подвиткан
За да умрам исправен,
За да можете да речете:
„Човек, човек беше!“
СВЕТОТ ВО ЧОВЕКОТ
Во хаосот – љубов,
Во љубовта – семе,
Во семето – пат.
По патчето – трње,
Во трњето – премин,
Зад преминот – кат.
Сред катчето – цвеќе,
Под цвеќето – камен,
Врз каменот – сад.
Во садето – злато,
Врз златото – змија,
Во змијата – глад.
Наспроти гладот – ти,
А во тебе – алчност,
Од алчноста – јад.
Од јадови – хаос,
Во хаосот – љубов,
Од љубовта – пат.
По патот – одлуки,
Во одлуките – грч,
А грчот – твој сат.
Во сатот твој – ризик,
Во ризикот – можност,
За светост ил пад!
Песни од стихозбирката „Рубедо“ (ПНВ Публикации, 2025)
АНДРЕЈ АЛ-АСАДИ (1996), македонски поет. Дипломирал на економскиот факултет на универзитетот Св. Кирил и Методиј во Скопје. Автор на поетските збирки : Midnight blues, Под дервишкото сиќе и Небесна геометрија. Двапати бил во најтесен избор за наградата Браќа Миладиновци на Струшките вечери на поезијата.