Elementi Logo

ДА СЕ СТАВИ ТОЧКА

Backgorund

ДА СЕ СТАВИ ТОЧКА

Ако ги затнат, секое стебло од дрворедот ќе им мавне

на мравите, на тревата, на патот, како да им е пријател.

На пустината не. Таа премногу им верува на дефинициите,

па не поминува низ овој географски појас.

Не се осмелува на пионерски потфат.

Построените брези долго му мавтаат на сонцето,

но тоа е воздржано.

Насочено е кон Сахара каде што го изучува кремирањето

и веќе илјадници години паѓа на испитот.

Никогаш не ја достигна потребната температура

на песокот за правилно да го изведе обредот.

Пустината удавена во неговиот чајник

шепоти како змија: сссс...

Ја уби реката, па нејзиниот дух во котлината,

во лонецот на Земјата се гласи: шшш...

Клокоти и морето во збирката рецепти на апокалипсата,

но во рамнината, покрај дрворедот, денес се готви

по празничната.

Запирката е закривен нож од упатствата за готвење,

говорот го сече рутински

како секирата стеблото во дрворедот.

А струготините се лизгаат низ небесната свила

или низ испраниот памук.

 

Го оддалечувам сечилото од презентот така што

зад најубавата глетка ставам точка.

Но снегот ми ги брише сите точки, па и онаа

што вешто ја ставив во Берлин зад зборот време.

Кога повторно ќе ја ставам, во Загреб ја измива дождот

и, мерејќи си ја силата со снегот,

пркосно го полни езерото термос.

Ја задебелувам точката и сонцето ја избледува.

Потоа некој настан ја претвора во запирка

што ја сече небеската мувла.

Сосема случајно придвижување на неговата острица

од пареата ќе отсече гротескно големи хулахопки.

Зошто да не се облече и небото!

 

ЖИВОТОТ НА БУКВИТЕ

Поетот ги осудува буквите и нивниот троен карактер.

Карактерот на животното додека ги скротува уште дивее.

Карактерот на растенијата кога ги пресадува на хартија

и тие во него пуштаат кревки корења

со кои до неодамна си се фаќала за небото, планините,

тревите, мирисот на кари, вкусот на биберот, ехото.

Некои букви пуштаат корен во вилиците на историјата,

исто како катник.

Да не беа веќе фатени во костец, ќе изброев

колку заби воопшто има историјата.

Буквите ја обраснуваат хартијата и се фаќаат,

понекогаш прилично смирени, понекогаш здивени

и со зажарени лица, за Земјината топка.

Ако не направат погрешен потег,

да одлазат во човекот и да излазат од него

како мисла што тој ја поседува.

Па ќе им припадне неговиот карактер.

Предметите почнуваат да се вселуваат во метафорите наместо во собите

да зборуваат за алегориските побуни на птиците, за нежноста

на снегот.

Еластичноста на реката што го витка ’рбетот и го врти

својот тек, верно следејќи ја персонификацијата.

 

Поетот што истакна дека буквите личат на суштества,

веќе не може добро да ги набљудува бидејќи потполно

го окупираа.

Од него говорат:

Во обраснатата градина оставени се скали што водат кон небото.

Кога ќе се притајам зад живата ограда и чекам доволно долго,

гледам како Сите светци се спуштаат по нив

до запуштен супермаркет со овошје, инсекти и птици.

Гранките на дрвјата ги заменуваат сталажи.

Се качувам по скалите и го гледам едноличното сино небо.

Се прашувам ќе сака ли Бог

да ги озвучи буквите во устите на птиците.

 

Од поетската збирка „Хотел за мртви“, издание на ПНВ Публикации, Скопје, 2025

Препев од хрватски јазик: Славе Ѓорго Димоски

 

ЗА АВТОРОТ

Лана Деркач

ЛАНА ДЕРКАЧ е современа хрватска авторка. Родена е во Пожега, 1969 година. Дипломирала на Филозофскиот факултет во Загреб. Пишува поезија, проза, драми и есеи. Нејзината оригиналност е препознаена и е вклучена во антологии, панорами и зборници во земјата и во странство. Учествувала на познати меѓународни поетски фестивали и книжевни настани, меѓу кои на: Меѓународен поетски фестивал (Хрватска); Стихот во регионот (Хрватска); Струшки вечери на поезијата (Македонија); Поетски ноќи на Куртеа де Арџеш (Романија); Светско поетско читање во Куала Лумпур (Малезија); Критија, Меѓународен поетски фестивал (Индија); Саем на книгата во Гвадалахара (Мексико); Лириконфест (Словенија); Меѓународна поетска средба (Кипар); Меѓународен фестивал Поетски пазар во Валона – Брисел (Белгија); Меѓународен поетски фестивал во Гранада (Никарагва); Медитеранска поетска средба во Мдику (Мароко); Стокхолмски меѓународен поетски фестивал (Шведска); Меѓународен фестивал на славјанска поезија во Твер (Русија); Ратковиќеви вечери на поезијата (Црна Гора) и други Нејзини текстови се преведени на 20 јазици (англиски, шпански, француски, арапски, шведски, германски, италијански, португалски, руски, полски, унгарски, чешки, албански, македонски, кинески, оришки, малајски, романски, бугарски, словенечки). Авторка е на деветнаесет изданија, од кои: десет поетски книги, две книги со кратки раскази, една книга со драмски дела, еден роман, една книга со есеи, како и четири поетски избори објавени во Гвадалахара (заедно со Давор Шалат), Брисел, Тунис и во Бијело Поље (Црна Гора). Освен тоа, има приредено две посебни изданија: Каирос во Загреб (избор од поезијата на Меѓународниот поетски фестивал; во Хрватска, заедно со Давор Шалат); и Third Word, (Третиот збор, поетски избор од Меѓународниот фестивал во Калкута, заедно со индискиот писател Тахом Поил Раџеван). Меѓу поважните награди што ги има добиено се: Хрватска книжевна награда „Здравко Пуцак“ за необјавена поетска книга на автор помлад од 30 години, доделена од Матица хрватска во Карловац за книгата Касичка за сенки, 1999 година; Награда за најдобра книга со песни на славонски автор „Духовна дабрава“, доделена на Поетските средби во Дреновци за истата книга, 2000 година; Награда „Ристо Ратковиќ“ за најдобра поетска книга во регионот (Црна Гора, Србија, Хрватска, Босна и Херцеговина) за книгата Посвојување на небото, 2016 година.

ЕЛЕМЕНТИ - БРОЈ 17

ПОДДРЖАНО ОД

Елементи

Елементи

© Електронско списание за книжевност - ЕЛЕМЕНТИ