Elementi Logo

СМРТТА НА РИСОТ

Backgorund

1. Рисот умира на свој начин

рисот умира на свој начин:
гледа во ѕвездите и заборава
дека и тие гледаат низ него.

се преобратува во простор
повисок од целата вселена.

таму гори заветен оган.
ригаат од ѕвездените окна
јазиците на апсолутниот змеј.

рисот е обратно небо
за кое не знаеме ништо

2. Смрзнува на небесното огледало

смрзнува на небесното огледало.
меѓу кременот и секалото искри
пределот неосквернет во татнеж.

влакната накострешени ја држат
огнената топка што трепери.

небото се отвори и му зборува
како на смртник сред пламнат круг
дојден од пустинското искушение:

додека се осознавав струполен
умирав врз своите сознанија

3. Рисот умира на свој начин

рисот умира на свој начин:
како да умира поет. замисли
да е овидије, данте или прличев

замисли да е шума што вика
кон слепото небо како хомер.

замисли ги пределите во темнина
што ги шират концентрично сферите
според законите неосознаени.

рисот со самогласките склопува пакт
на својата смртна постела легнат

4. Со самогласките склопува пакт

со самогласките склопува пакт
ги слути според боите на рембо
распоредени на сурите висој.

се извишува во искричав нагон.
и ја осветлува ноќната штама.

боботи идеалот на бурата зафаќа.
дожд од змии и други влекачи
тетовирани тајни пораки на нив.

рисот ги спушта мраморните клепки
и ја смирува вселената во уплав

5. Рисот умира на свој начин

рисот умира на свој начин:
јазикот немушт го принесува
на синијата со леб и сол.

седат небесните предци
околу синијата како ореол.

неговиот скок има распон
од месечината до сонцето
дур станува златен прстен

околу својата земја свиен.
земјата позлатена нѐ праши.

6. Останаа само знаци

останаа само знаци
од златните ѕвезди
врз ноќните лисја

смртен студен здив
ред и совршена мера

скаменет ветер ги зачувал
канџите по врвовите –
записите на вековите:

-ги знам минатите војни
идните ги слутам

7. Рисот умира на свој начин

рисот умира на свој начин
среде штамата што трепери
како затегнат лак

пред стрелата да се пушти
низ шумата што се движи.

стеблата се огнени прстени
одречена идеја за жртва
мермерна темница што капе

како солза од кошута врз тревата
сува на дното од понорот смртен

8. Во тревата лежи со очи

во тревата лежи со очи
покриени од облаците
и отворена уста низ која

мравки му врват. шепите
земјата ја стискаат во едно.

од земјата едно сонце
ледена светлина шири.
од небото едно дрво

го вознесува со гранки
подадени како раце.

9. КОДА

окото смртно го принесува
во длабочината на месечината
набрекната и дива

и го диши светлосниот прав
од патот на Млечниот Пат

оттука натаму
како факли во снегот
трагите му гореа

во стрвна музика
на планинските оргули

ЗА АВТОРОТ

Славе Ѓорго Димоски

Славе Ѓорго Димоски е роден во 1959 во Велестово, дипломирал на Филолошкиот факултет во Скопје. Живее во Охрид. Работи како професор по македонски јазик и литература. Пишува поезија за деца и возрасни. Застапуван е во многу антологии и преведуван на неколку десетици јазици (англиски, руски, српски, латвиски и други).[2][3][4]Димоски е основач на поетскиот фестивал „Поетска ноќ во Велестово“ која традиционално се организира секое лето во неговото родно село. Исто така, бил и директор на Управниот одбор на „Струшките вечери на поезијата“ Добитник е на многу книжевни награди меѓу кои и наградата „Браќа Миладиновци“ на Струшките вечери на поезијата. Ацо Шопов и Климент Охридски. Поважни дела: Гравири (1979) Проект (1982) Студен порив (1985) Последните ракописи (1988) Спореден пат (1991) Предмети и аргументи (1994) Анабаза (1994) Форми на страста (1998 и 1999) Темно место (1999) Мерач на зборовите (2007) Поле. Бојно поле? (2008) Мајчин јазикПоезија-ткаења (2014)

ЕЛЕМЕНТИ – БРОЈ 12

ПОДДРЖАНО ОД

Елементи

Елементи

© Електронско списание за книжевност - ЕЛЕМЕНТИ