Elementi Logo

ИКАР НА СТАРО СКОПЈЕ

Backgorund

Да се сетиме на Парго од Црниче.
Не ќе му крене паметник Скопје.

А и зошто би.

Рамно пред пет децении
со штици од ограбена ограда
со завртки и пердуви
аероплан направи.

Неранимајко,
му се потсмеваа виличави,
лебот за ништо го јадеш.

Тој –
тоа па тоа.
Малоумен умник ко секој сонувач.

Но еден ден го снема
чиниш би сон од клепка распливнат.

Едни – Го затвориле.
Други – Го закопале.
Неграмотниците не знаеја:
лета Парго во височини,
меѓу галаксии
коловози ни постила
лево и десно,
без свиоци.

Од збирката Астропеус, 1980

ЗА АВТОРОТ

Славко Јаневски

СЛАВКО ЈАНЕВСКИ (1920 — 2000), истакнат македонски раскажувач, романописец, поет, филмски сценарист, есеист и сликар. Долги години бил член на МАНУ и Друштвото на писатели на Македонија. Тој припаѓа на првата генерација македонски писатели по Втората светска војна, која ги поставила темелите на современата македонска книжевност. Неговиот роман „Село зад седумте јасени“ (1952) е првиот роман објавен на стандарден македонски јазик. Поради својата плодна творечка кариера, Јаневски бил одликуван со поголем број награди и признанија, меѓу кои наградите „АВНОЈ“, „11 октомври“ и „Браќа Миладиновци“. Во негова чест во паркот „Жена-борец“ во Скопје е поставен споменик изработен од академик Томе Серафимовски. Покрај тоа, во негова чест е именувана и читална во Скопје, која била пуштена со работа во 2013 година. Јаневски е автор на многуброjни книги за деца, патописна проза, збирки раскази, романи и поезија, коишто се преведени на повеќе светски јазици: Егејска барутна бајка (1950), Улица (повест, 1950) Лирика (1951), Село зад седумте јасени (роман, 1952), Шеќерна приказна (сказна за деца, 1952), Кловнови и луѓе (раскази, 1954), Две Марии (роман,1956), Леб и камен (поезија, 1957), Месечар (роман, 1958), Сенката на Карамба Барамба (проза за деца, 1959), Марсовци и глувци (поезија за деца, 1959), Горчливи легенди (патописна проза, 1962), Сиромавиот црн Џо (поезија,1962), Темни кажувања (со Кирил Ќамилов и Мето Јовановски) (1962) И бол и бес (роман, Кочо Рацин, 1964), Стебла (роман, нова верзија на „Село зад седумте јасени“, 1965), Евангелие по Итар Пејо (поезија, 1966), Глуви команди (поезија, 1966), Танчарка на дланка (поезија, 1966), Песни (поезија,1967), Црни и жолти (поезија за деца, 1967), Каинавелија (поезија,1968), Барам, барам, барамбаш (поезија за деца, 1969), Војник два метра в земја (поезија,1969), Најголемиот континент (1969), Тврдоглави (роман, 1969), Омарнини (раскази, 1972), Поезија (поезија, 1975), Итар Пејо Каинавелиски како Евангелие (поезија, 1976), Ковчег (раскази, 1976), Оковано јаболко (поезија, 1979), Астропеус (поезија, 1980), Горчиновци (поезија,1980), Одбрани раскази (1980), Змејови за игра (поезија,1983), Легионите на Свети Адофонис (роман, 1984), Кучешко распетие (роман, 1984), Чекајќи чума (роман, 1984), Девет Керубинови векови (роман,1986), Децата од светот (поезија за деца, 1987), Миракули на грозомората (трилогија, 1987), Забранета одаја (1988), Глуви команди (1988), Песји шуми (поезија,1988), Чудотворци (роман,1988), Рулет со седум бројки (роман, 1989), Скаменетиот Орфеј (поетски избор,1990), Пупи Паф (проза во стихови за деца, 1992), Орач меѓу скелети (поезија, 1992), Зад тајната врата (раскази, 1993), Палетата на проклетството (поезија, 1995), Континент Кукулино (проза, 1996), Пупи Паф во Шумшул град (книга за деца, 1996), Пупи Паф гледа од вселената ( 1996), Пупи Паф - господар на соништата (1996), Додека спиеја кртовите (поезија,1998), Депонија (2000), роман.

ЕЛЕМЕНТИ - БРОЈ 14

ПОДДРЖАНО ОД

Елементи

Елементи

© Електронско списание за книжевност - ЕЛЕМЕНТИ