СЕКОЈДНЕВНИ ЛАГИ
Илјада лаги
ги изговарам во денот
главно на самата себе
ги заборавам
сите ветувања од вчера
ја вртам главата
од вредните часовници
а потоа
застанувам пред огледалото.
ОДГОВОР
Што останува од нас
кога ќе ги излупиме
слоевите на стравовите
зад кои се сокривме?
Трошка
тлеечки живот
на која ѝ недостасува
воздух
за да се разгори.
ОБЛАК
Кој знае од каде
облак ја донесе тежината
која великодушно
ни ја распосла по грбот,
огромен и темен
се провлече низ клисурата
го покри сонцето
и седна над нашите глави,
сега непомичен
мрачно молчи и врне,
пере
пере
пере,
изненадени од темнината
и товарот
молчимe и ние,
чекаме да помине.
СОМНЕЖ И СТРЕПЕЖ
Како одрон од камења
бучна, груба и тешка
се урива мислата,
за самогласките скршена;
од прашина и врева
се издига мисла
во самогласки преточена,
во заспано маче
се преобразува вселената
и тивко мрмори.
НА РОДИТЕЛИТЕ
Никогаш
не сум ви била поблиску
од утрово
додека со вас во тишина
разменував мисли
пијачкајќи полека
утринско кафе.
Никогаш
не сум ве разбрала повеќе
од утрово
осврнувајќи се да погледнам
во поминатото време
и нас тројцата во него.
Никогаш
не сте ми недостасувале повеќе
од утрово
додека новиот ден
вредно ги бришеше трагите кон небото
а јас останав
со раширени раце
за прегратка.
Препев од српски јазик:
Сашо Огненовски
Александра Петровиќ, родена во 1975 година, дипломиран инженер по шумарство, живее и работи во Кучево. Поезија пишува уште од училишните денови, а од тој период потекнуваат и наградите што ги има добиено: Трета награда на Лимските вечери на детската поезија во 1989 година, Прва награда на Лимските вечери на поезијата во 1991 година, книжевната награда „Блажо Шќепановиќ“ за ракописната збирка песни „Белешки од крајот на светот“ во 1992 година, Втора награда на „Ратковиќевите вечери на поезијата“ во 1993 година за ракописот на збирката „Преку призмата на лудилото“. Објавени ѝ се следните збирки песни: „Во вителот“ (Меѓурепубличка заедница за културно-просветна дејност Пљевља и Дом на културата „Пиво Караматијевиќ“ Прибој, 1992), „Белешки од крајот на светот“ (Меѓурепубличка заедница за културно-просветна дејност Пљевља, 1993), „Преку призмата на лудилото“ (Гимназија „Јован Шербановиќ“ Пожаревац и Литературна дружина „Развитак“ Пожаревац, 1994), „Книга“ (КП „Жиравац“ Пожега, 2009), „Додека ги гледам ѕвездите“ (КП „Жиравац“ Пожега, 2012), „Оса одмора на лист“ („Нова поетика“, Белград, 2019). Поезија и проза објавува во книжевни списанија. Членка е на Книжевниот клуб „Браничево“ и на Здружението на писатели на Србија