Таа има виолетова коса и јаде најголем корнет
Сокриена зад очила,
ја набљудувам од соседната клупа.
Со алчен јазик
ја собира лепливата сладост.
Стегнатите клепки ѝ притрчуваат на помош.
Во торбата — неделната супа,
деконструирана.
Ќе ја сркаат алчни прсти
и артритични зглобови.
Последниот залак уште се лизга по грлото
додека го прифаќа стапот,
се упатува кон излезот.
Дувам во глуварче;
во треперливата жега приоѓам кон огледалото.
Во мамината кошула
Откопчуваш копчиња,
ги раздвижуваш памучните крилја.
Воздишки и грицкање
се бркаат на трамболина.
Сонивен јазик бара
капка кафе над папокот.
Замислуваш јагне
меѓу моите ребра.
Утрото со своето прозевање
ќе ги растера визиите за утре.
Но вечерва купувам куќичка за кукли,
за нас тројца.
Baby steps
Да ја затегнеш постелнината,
да ја вклучиш машината за перење,
да изгледаш уште една епизода,
да не гризеш вратови на непознати,
да не ја подаваш раката пред пропелер,
да не го гледаш трамвајот во очи,
да ја испиеш кафето скоро до крај,
последната третина да ја оставиш ладна,
пред спиење да скокнеш во шолјата
како во поле од лаванда.
Препев од српски јазик:
Сашо Огненовски
Драгана Миловановиќ (1990, Белград) работи, пишува и танцува. По новинарството и маркетингот, се пронајде дома меѓу пикселите и зборовите како дизајнерка на содржини. Нејзини песни се објавени во зборниците Сончевата страна на улицата (2023, ППМ Енклава), Нежни револуции (2023, Контраст) и Сигнали во ноќта (2024, ППМ Енклава), во списанијата Максим (бр. 2, 2023) и Градина (бр. 105–106, 2023), како и на страниците на Блудни стих, Хипербореја и Облакодер. Нејзиниот ракопис Облаци во грлото влезе во потесен избор за наградата „Мак Диздар“ на регионалниот фестивал Слово Горчина. Таа е една од организаторките на поетските вечери Бунцање во Белград.