Elementi Logo

НАВИВАЧИ

Backgorund

 

НАВИВАЧИ

Додека стоиме на ливадата, врапците се во честарот.
Нивните широки народни маси ѕиркаат од гранките.
Ти се причинува дека навиваат жестоко. Следат
фудбал. Сетне помислуваш дека се следбеници
на Маркс и Енгелс. Дека цвркотат:
Еј врапци на сите земји,
обединете се, па и ние да заиграме фудбал!
Подоцна си убеден дека ја читаат Библијата
и почнуваш да ги распознаваш псалмите на нивниот
таен јазик, а потоа слушаш дека ги споменуваат
Мојсеј и одбраниот тим.
Го иставаш вниманието од птиците.
Некој со остра тревка ти ја зарежува јаготката
на прстот за да се зацрви како јагода
и на твојата истечена крв го допира својот
засечен прст. Среќен си. Значи, навистина
ти пријде. Се побратимуваш со Пан.

ПРОМЕНА НА ВРЕМЕТО

На стаклата од прозорците пороен дожд
се обидува да ја покоси високата трева
но само ја легнува и ја пушта
на починка.

Домаќинката замислува дека е
сплескан целиот пејзаж во стаклото
како сув цвет во пластиката
на приврзокот за клучеви.
Како инсект во јантар.
Се чини дека и ветрот е ставен
во стаклото и е пуштен да лизга
како слика заробена во пенкало.

Го отвора прозорецот.
На врвовите од плевелот сушата
го повторила патот на Мојсеј низ пустината,
ги ожеднела Одисеј и мравините карвани,
го исушила па го скоравила нејзиното вчерашно фадо.
Ниту скарабејот не можеше да ја дотркала балегата
во небото.

Но денеска хоризонтот е толку сив
и нејзе тој ѝ изгледа како голем мувлосан
душек.
Сѐ е подобро од колумнист на влагата,
се потсмеа самата на себе и поита
да го растегне тестото за колач.

ПЛАГИЈАТ НА НЕВРЕМЕ

Еден прогнозер и една жена најавија
силно невреме за ова попладне.
Циклон надвор.
Циклон во машината за перење алишта.
Небаре се натпреваруваа чија бура
ќе биде посилна.

Цунами ги зафати историјата на облекувањето,
цивилизацијата втисната во поткошулите,
пижамите и гаќичките.
Вителни сили ја вртат на сите страни
па алиштата ја украсуваат како кренати
и спуштени знамиња.
Белото се предава во скокови,
опсесивно го одбира самоубиството.
Синото ѝ дава боја на водата.

Кога жената стави прашок за перење во машината
и си ги миеше рацете, тие беа лизгави како
риба.

Веќе се врати сонцето и жената ја обзеде
копнеж по вистинската бура што ја пропушти
во станот.
Копнежот ја стутулува како што таа ги собира
алиштата од јажето.
А само еден миг пред тоа беа раскрилени
како анѓели.

СТАНАР НА ЗИМАТА

Градот ја пушти својата карневалска коса,
ледените мразулци.
Ги претстави како бенингни израстоци.
Речиси е перфекционист кога сака
да се вклопи во куќниот ред на зимата,
станар што се придржува на правилата.
Но, сѐ со навестување мора да звучи лошо.
Загреб можеше да се маскира попростодушно.
Колку ли само се убави стеблата,
припокриени со мов и со снег,
на попладневната светлина!

И додека размислувам за оперативните зафати,
Д. ја менува ТВ-програмата и како хирург ја истава
несимпатичната реклама.
Ми намигнува: Ја средив, а?
Возвраќам: Почекај барем пет години
да не се појави на некоја програма.
Тогаш можеби ќе поверувам
дека не метастазирала.

МИР БЕЗ ПАСОШ

Мирот е светски патник.
Но често лесно ги пакува своите патни торби
и напушта луѓе и земји.
Понекогаш го остава најголемиот куфер.
Небаре, ќе се врати. Може да поминат години дури
не го исполни ветувањето што го дал заминувајќи.
Обично нѐ напушта молкум. Или можеби зборува
уште, ама тогаш сите наеднаш зборуваме
на поинаков јазик.
Мирот е номад.
Поминува вселенски растојанија.
Некаде постојано го поттикнуваат да го промени
местото, другпат го навикнуваат на удобност па
тешко станува од складноста на песокот или фотелјата.
Војната и мирот ги завртуваат и одвртуваат винтовите
на нашето траење, па мирот е и механичар.
И поет.
Неговото хармонично движење на јазикот
им дава ритам на брановите.
Ја мести падината како перница за животните,
со ветар им го масира крстот на билките.
Среде монсун мирот може во нас да ги запише
соларните закони. Да прифати ведри правилници.
Ги поминува границите без пасош,
ги надмудрува цариниците кои не можат да го запрат.
Кога ќе се исели,
како да грми во небесен каменолом.
А всушност некој го минира мирот.

ЈУКАТАН ГИ ОБНОВИ ПЛАЖИТЕ ПО ТЕЛАТА

И тишините меѓусебно се препознаваат по чиновите.
Каменот е слепец со мазно тело.
Само светлината ги преобразува јазичните бранови
во видлива поворка што го преминува Атлантикот
и донесува звук.
Јукатан ги обнови плажите по нашите тела.
Толку заливи, па до нив брановите тешко
наоѓаат тајни скалила и полесно им е да се искачат
по гласовите или самракот отколку по кожата.

Иако распознава и во темнина,
Бог повторно ја зголемува светлината в зори.
И единствениот е кому не му требаат доушници
или кого никој не го прашува зошто
за некоја цел го избрал тоа време од денот.
Мислам дека можеше да зачува еден ист
израз како да е фосил лицето,
и покрај промените на Земјата,
во вселената.
Ама, не сака.
Доволно е да се наведне над некое море
и на секој остров да препознае птица
која, ете, токму таму решила да остане.
И го обзеде благост.

ОДЈАВА

Веќе трет ден како мајсторот не дојде,
а нашето казанче крцкоти како мафијашка пресметка,
стопанска криза и војна во Газа.
Веројатно соседите го слушнаат во мигот
кога годината се разведува од сегашноста
и се мажи за историјата.
Соседите веројатно го слушаат неговиот глас како што
ги слушаат гласовите на прељубниците во сапуниците
или гласовите на спикерите кои зборуваат за прељубата
на демократијата.
Казанчето ја одјавува годината и
навестува уште една прељуба.
Замислувам дека во него зимата ги крие
резервите магла, дел од своето богатство,
па крцкотењето е протест против тропската клима
и лажното Карипско Море во кадата во бањата.

Исеков пченкарен леб.
Ми се стори дека крај сувиот нож болсна
капка вода, дребно езеро.
Го охрабрува да не се исуши,
за ден-два да ја надживее снеможената година.
Но, кој место неа ќе ги отповика регрутите,
кои уште ѝ веруваат, кој ќе го прекине егзилите
и ќе стави крај на азилите на кои ги принуди?
Поминувам низ неа како низ мексиканска кујна.
Сите нејзини независни реченици се несвитливи
такоси.
Зависните реченици се помеки од тортили,
приспособливо се свиваат околу настаните
како околу полнежите.

Непристигнувањето на водоводџијата
го поттикна казанчето да внесе немир со крцкот
и место социолозите, судиите
и социјалните работници тоа ги двои непожелните
од омилените зборови.
Да направи попис како трговец.
Да ѝ го зададе завршниот удар на стутканата година.
Оти сите часовници, како Јуда,
веќе ја предадоа на новата работодателка.

СТРАНИЦИ

Пчела сум кога јазикот ми лачи мед
и ја целива осветлената ливада.
Со таа наслага на говорот
во албумот на неделата лепам
жени од Дршковци кои од своите кошници
ставаат треска и пејзажи на тезгите
место ореви и изварка.
Најмладата од нив испишува со погледот:
Би сакала да останам на тревата толку долго
за да можам да го прелистувам небото како страници
— една облачна, една ведра,
една матна…
Па и да накиснам додека чекам долината
да ја дефинира диоптријата.
Жените од Дршковци со задоволство признаваат
дека маглата е здив на небото и дека утрово
само кратко прилегнала.

Додека се чини дека небото не дише,
во него на попладневната кошарка
понеделникот тромо фрла облаци.
Само понекогаш вистински се развеселува
од толкуте топки по кои беше префрлен
во успорен филм.

COPY, PASTE

Според мојот куќен филозоф Давор, жената е
отелотворен приговор.
И Бог одмара в недела, а јас не смеам,
вели Давор.
Под сливата од ден на ден
расте неговиот сон небаре некој на сметач
го повторува дејството copy, paste.
Го сонував во сенката како се прашува:
Дали сенката означува присуство или отсуство?
И јас попладнево спијам под дрво
оти тоа може истовремено, со крошната и коренот,
да расте во две спротивни насоки,
а да не го наруши мирот во овоштарникот.
Го викам Давор во кујната.
Но, тој не ги јаде ланските кнедли од сливи
пред да ја почувствува нивната сладина
помешана со циметот на моето лице.

Ветрот разнесува мириси низ рамнината.
Ветрот тргува со зачини.

ЛИЗГАВИ И НЕМИ

Речениците, лизгави како риба,
во Цриквеница се лизнаа в раце на продавачката,
на прашок за печиво, на павлака за шлаг, на темна чоколада
и се претворија во роденденска торта.

По лизгавоста, во мене помина рибината немост.
Молчам откако во огледалото ги гледам брчките
поизвежбани и побескрупулозни од нивните предци.
Ако се намуртам, се групираат во гуштер
кој остава сенка, прави лад на белокожната фасада.

РАСТЕЊЕ НА ПЕЈЗАЖОТ

Коритата можат да послужат како верна замена
за уше на игла кога дождовите меѓу нив вовираат
река како конец.
Кога би го направиле тоа првпат, би мислела
дека создале пронајдок. Конец што шуми!
Но, не е така оти уште немаше ниту обична нишка,
освен ако не се има предвид нишката на приказната,
нишката на постанокот.
Прапејзажот е очигледен пример за измама.
Уште како новороденче, поради обилниот дожд,
изгледа побелен.

Додека топлата кујнска пареа повремено
се надоврзува на невидливите испарувања во природата,
на испарувањето на реката која намерно излегува
од необично долго уше,
мајка ми се жали дека не спие секоја втора ноќ.
Не знае зошто.
Додека зборува, споменува парни и непарни денови,
топлата пареа ја презема улогата на мајка
и место неа кани на вечера.

ВЕЖБАЊЕ НА ЦУНАМИ

Кога решив да ја читам
мојата песна за брановите и смртта,
еден колега додаде: Иде цунами!
Зафатете повисоки места,
реков заминувајќи пред публиката
во салата во форма на амфитеатар.

Можев доста добро подоцна на излетот
да го слушам цунамито во тетрапакот со сок,
повлекувајќи го со сламка и поместувајќи го заедно
со воздухот.
Уште повеќе, јас бев мал демиург,
иако баш сите плажи на тетрапакот
ми останаа невидливи.
Нишајќи го квадарот на дланката,
увежбував да ги заплиснувам брановите.
Од нивната приврзаност кон своите брегови
остана само аудиозапис.
Сликовниот и овој пат беше недостапен.
Подоцна, слушајќи ја веста за убиственото
цунами во Јапонија, си помислив:
Само моето цунами да не стане посилно и да нападне
откако ќе го напушти тетрапакот.
Но, тоа не може да узрее, како ни границите
намерно оставени на сонце.
Како ни демократијата, ни парламентите,
ниту јавното мислење.
За наша среќа, залудно го вртев
за да покаже и најмал жар.
А го вртев залудно
како да е мрзлива музичка кутија.

КРОШНА

Небото е џиновска крошна што виси над главата.
Сите временски состојби во неа како да имаат
ист корен, само свртен наопаку,
како и синевината што овде служи наместо зеленило.
За миг го држи старословенскиот бог на громот Перун,
за миг Митра, персискиот бог на сонцето,
пa со неа така извртена,
како да е букет од незаборавки*,
безгрижно стои Диона, старогрчката божица на дождот.
Ако боговите се како џинови,
можам да го држам со една рака потпрена
на бедрото.
Но, за разлика од цветната декорација,
од непрегледната модра китка летаат птици.
Кога некоја ќе полета, изгледа како брош
што се откопчал.

Декемвриско небо
повремено ги крие невестите
кои на снегот му ја крадат белината.

Една само што излегува од дома
и влегува во видикот, исчезнува,
кривотворејќи снег на фустанот.

*незаборавка – Myosotis arvensis

Д-Р КОЛОЖЕГ

Медведница нѐ учи на логика.
Заспивам на нејзината падина облечена
во дрвја.
Во втората премиса, планината како облека носи
и мрак во педесеттата минута по полноќ
па заклучувам, има пижама,
барем нејзиниот горен дел е црн.

Се будам во снегот.
Прозорецот е сличен на кристал на новогодишна куглица
во која сум затворена, верував.
Утрото ги изми мракот, секоја извесност,
конечниот број на спустовите на ангелите.
Не се гледа точно каде снегот поминува во
бело и измиено небо над Сљеме,
дали и утрово ангелите се на скии.
По рецепт на д-р Коложег
се пропишани и пратени на патеката
што е со најмала доза снегулки.
Колку е попрепознатлив денот
толку побрзо се губат од падините
и ги заменуваат други скијачи.
Но, некој со крилја секогаш останува.

Во вторник сонувам:
Веќе два дена снегот лумпува на Медведница.
Келнерот, наместо шолји со чај,
носи снег и со него ги затрупува телата на гостите.
Тие станаа бели на столовите и следат
како заминува со празен подавалник.

ЗА АВТОРОТ

Лана Деркач

ЛАНА ДЕРКАЧ е современа хрватска авторка. Родена е во Пожега, 1969 година. Дипломирала на Филозофскиот факултет во Загреб. Пишува поезија, проза, драми и есеи. Нејзината оригиналност е препознаена и е вклучена во антологии, панорами и зборници во земјата и во странство. Учествувала на познати меѓународни поетски фестивали и книжевни настани, меѓу кои на: Меѓународен поетски фестивал (Хрватска); Стихот во регионот (Хрватска); Струшки вечери на поезијата (Македонија); Поетски ноќи на Куртеа де Арџеш (Романија); Светско поетско читање во Куала Лумпур (Малезија); Критија, Меѓународен поетски фестивал (Индија); Саем на книгата во Гвадалахара (Мексико); Лириконфест (Словенија); Меѓународна поетска средба (Кипар); Меѓународен фестивал Поетски пазар во Валона – Брисел (Белгија); Меѓународен поетски фестивал во Гранада (Никарагва); Медитеранска поетска средба во Мдику (Мароко); Стокхолмски меѓународен поетски фестивал (Шведска); Меѓународен фестивал на славјанска поезија во Твер (Русија); Ратковиќеви вечери на поезијата (Црна Гора) и други Нејзини текстови се преведени на 20 јазици (англиски, шпански, француски, арапски, шведски, германски, италијански, португалски, руски, полски, унгарски, чешки, албански, македонски, кинески, оришки, малајски, романски, бугарски, словенечки). Авторка е на деветнаесет изданија, од кои: десет поетски книги, две книги со кратки раскази, една книга со драмски дела, еден роман, една книга со есеи, како и четири поетски избори објавени во Гвадалахара (заедно со Давор Шалат), Брисел, Тунис и во Бијело Поље (Црна Гора). Освен тоа, има приредено две посебни изданија: Каирос во Загреб (избор од поезијата на Меѓународниот поетски фестивал; во Хрватска, заедно со Давор Шалат); и Third Word, (Третиот збор, поетски избор од Меѓународниот фестивал во Калкута, заедно со индискиот писател Тахом Поил Раџеван). Меѓу поважните награди што ги има добиено се: Хрватска книжевна награда „Здравко Пуцак“ за необјавена поетска книга на автор помлад од 30 години, доделена од Матица хрватска во Карловац за книгата Касичка за сенки, 1999 година; Награда за најдобра книга со песни на славонски автор „Духовна дабрава“, доделена на Поетските средби во Дреновци за истата книга, 2000 година; Награда „Ристо Ратковиќ“ за најдобра поетска книга во регионот (Црна Гора, Србија, Хрватска, Босна и Херцеговина) за книгата Посвојување на небото, 2016 година.

ЕЛЕМЕНТИ – БРОЈ 13

ПОДДРЖАНО ОД

Елементи

Елементи

© Електронско списание за книжевност - ЕЛЕМЕНТИ