Elementi Logo

ТЕЛО

Backgorund

Тело
1. ТАТО
Во позадина се појавува девојче облечено исто како Антигона. Гледа према публиката. На проекцијата го гледаме Едип од половината нагоре. Облечен во црно сако, кошула и кравата. Тој ги носи неговите кралски обележја. Во позадина, маслиново дрво. Новинарот го поправа микрофонот, го средува кадарот. Преносот започнува.
ЕДИП: Денес, драги Тебанци, ја славиме нашата храброст и мудрост. Денес ја славиме нашата слобода, затоа што ние сме Теба која има седум порти. Ние сме нерушливи ѕидови. Ние сме градот од кој потекнува Дионис.
ХОР: (Во мракот, скоро нечујно) Слава на името негово!
ЕДИП:Ние сме потомци на Кадмо Основачот кој го уби змејот, му ги извади забите и му ги посеа. Ние сме потомци на војници никнати од забите на змејот. Потомци сме од лозата на храбриот Пентеј, величенствениот Полидор, Никтеј и Лика, Никтејовиот брат, Мантос Преубавиот, Амфиона и Зета, браќа како еден што владееја со Теба и ги изградија нејзините седум порти. Денес се сеќаваме на бестрашниот Лаодамус, Освојувачот Тесандар…Преубавиот…Тесандар…Добриот….
ПОЛИНИК: Ајде!
МАЛА АНТИГОНА: Пенелеја!
ЕДИП: Пенелеја…Тисамена, Аутесија и Дамаситка Одмаздничката, Птоломеја и Ксантоса, Лабдака – кои го дадоа името на нашата куќа – и нејзиниот непрежален син кралот Лај. Денес по повод седумнаесетгодишницата на Покојната Сфинга, ни се дава прилика да ја прославиме нашата иднина, да дадеме почест на оние кои и понатаму ќе не предводат, да дадеме почест на нашите принцови…
ПОЛИНИК: Ајде!
ЕДИП: …Полиник и Етеокле! Денес, на Денот на државноста, уживајќи во сегашните мигови. Да го славиме нивниот татко, кој иако е роден во Коринт, беше спас за Теба, кој со својата мудрост и храброст, ја замолкна Сфингата, ја реши загонетката и не ослободи! Да го славиме Едип, кралот на Теба! Среќен ми роденден! (Малата Антигона и малата Исмена аплаудираат.) Среќен роденден, Тебанци!
Може и не е најдобро време да ја славиме слободата. Или храброста. Стравот од смртта не чува во куќите. Нашиот живот одамна веќе не е нормален. Болниците се преполни. Ад секој ден одзема многу од нас. Ако пред петнаесет години сфингата….
МАЛА АНТИГОНА И МАЛА ИСМЕНА: Сфингааа!
ЕДИП: …Го држеше градот под опсада, денес смртта не држи во заточеништво. За лекарите тоа е изненадување, за научниците е изненадување, изгледа дека е изненадување дури и за свештениците. Не разбираме од каде доаѓа, зошто и како да се стави крај. Се надеваме дека Боговите ќе ни се смилуваат. (Пауза). Мораме сепак да останеме мирни. Не смееме да губиме надеж. Мораме да ја држиме ситуацијата под контрола и да водиме сметка за себе и своите најблиски. Надлежните органи работат без престан за пронаоѓање на решение. Сигурно ќе го пронајдат. Минатото ни зборува дека Теба и предходно била на колена, но никогаш не е покорена! Секогаш се воздигнувала погорда и посилна. Храброста е наше орудие, а надежта е нашиот штит! СРЕЌЕН РОДЕНДЕН ТЕБА! Девојки….
МАЛА АНТИГОНА И МАЛА ИСМЕНА: СФИНГАТА Е ПОКОЈНА!
ДАДИЛКАТА: Вистина покојна!
НОВИНАРКА: Вистина покојна! Среќен роденден, Тебанци! Благодарам, Ваше Височевство! Ете мили Тебанци, само што ја слушнавте пораката по повод Денот на Државноста, Упокојувањето на Сфингата и роденденот на нашето Височество, од страна на неговото Височевство, Ослободителот, Убиецот на Сфингата, Кралот Едип. Во живо од кралската палата. Ваше Височество, како што знаете вчера се случија неколку протести пред палатата, против воведениот lockdown. (На екранот снимка од протестите) Скандираа за „Слобода“ ! „Запретеја клерикалната диктатура“! Се слуша гласови кои итекако ви замеруваат на вашата пасивност. Државната Безбедност насилно интервенираше со апсења, но протести беа најавени и вечерва. Демонстрациите се организирани од левичарските и атеистичките партии и нивниот број продолжува да расте. Што имате да им порачате на демонстрантите.
ЕДИП: Важно е да се држат на растојание, и понатаму да носат маски и да имаат трпение. Секој го боли само соптвената болка, додека ја оплакуваме и својата судбина и судбината на Теба. (кратка пауза) Протестите се незаконски. Тоа што атеистичките групи СПСТ и СДПТ растат точно е дека е обид за државен удар. Слаб државен удар. (Кратка пауза) На оваа перверзна опозиција не и е важно што се наоѓаме на сред здраствена криза. Не се грижи ни што загрозува животи на илјада Тебанци. Единствено што и е важно се сопствените интереси за кои е во состојба да ги жртвува човечките животи. Ние ова нема да го толерираме. Државната Безбедност силно ќе реагира. Не сакаме да ги лутиме Боговите. Секако дека не е добра вест што по толку време поминато во нашите домови се појавува и овој нов сој, таканаречен тебански сој, на кој не го знаеме точно потеклото, но изгледа дека поточно доаѓа од Атина. Ќе успееме да го совладаме и овој бран, со помош на Дионис.
ХОР: Слава на името негово.
ЕДИП: Ние секако дека даваме се од себе и дури повеќе од тоа. Неговата Екселенција, премиерот Креонт е сега во Делфи, од час во час чекаме вести. Да, мислам дека е добро да…
НОВИНАРКА: Ваше височество, само момент, штотуку ни јавија дека Неговата Екселенција само што излегла од состанокот со Пророците на Аполон и во живо е со нас, директно од Делфи. Добар ден, Екселенцијо, Сфингата е покојна!
(Креонт се појавува на екранот)
КРЕОНТ: Добар ден! Вистина е покојна!
МАЛА АНТИГОНА И МАЛА ИСМЕНА: Вујкоо! Вујкоо!
НОВИНАРКА: Какви вести ни носите од боговите?
КРЕОНТ: Само добри вести. (Се насмевнува. Пауза.) Дури и да се лоши вести, повторно тоа се добри вести, ако се за наше добро. (Во палатата неколку птици од кровот почнуваат да гракаат. Сите погледнуваат горе).
НОВИНАРКАТА: (со насмевка) Хм, да…Но кои вести?
КРЕОНТ: (Пауза) Вестите…кои ви ги носам…Ќе ги дознаете…Ќе ви ги кажам …Одма после денешната седница во владата, која започнува во….
НОВИНАРКАТА: (без насмевка) Значи, дами и господа, имаме вести од Боговите и, а тоа се… не знаеме кои се. Ние не знаеме кои се тие вести. Ќе дознаеме после седницата на владата, каде ќе се одлучува кој дел ние треба да го знаеме, ако сме доволно достојни, ако не…
КРЕОНТ: Добро…ќе ви кажам што слушнав од Боговите…
(Чита)
Да се ​​протера или крв да се плати со крв,
Убиството кое го пустоши нашиот град како бура.
Оваа земја, господару, ја водеше Лај
Кога со нашиот град не владееше ти.
Тој загина, а сега Бог јасно бара
Со рака да ги казниме сторителите.
Во оваа земја, вели, што и да бараш
Се наоѓа; што ќе оставиш, тоа пропаѓа.
(Птиците со одобрување гракаат)
ДАДИЛКАТА: Што е со птиците денес?
КРЕОНТ: (Продолжува) Божеството прозборе. Па, тоа е отприлика, работиме на тоа што можеме. Се упатувам веднаш кон Теба и ќе се обидем да ја решиме мистеријата што е можно поскоро.
(Пее)
Празник е денес во Теба
Нека се среќни луѓето нејзини
Нека не се менуваат никогаш
Најмила ми е Теба мене
Нека е среќна фамилијата
Која со милата Теба владее.
Нека топлото сонце сјае
Ќе запеам затоа сега:
Го сакам кралот, мојот зет
Својата сестра, брачеда.
Јас сум лист од тој цвет,
Владејачка величина.
МАЛА АНТИГОНА И МАЛА ИСМЕНА: Ајде во куќа, вујко Креонт! Побрзај!
ДАДИЛКАТА: Шшшт! Нема да дојде побрзо ако викате. Тишина! Сакате сите да ве чујат? Ќе ви се подсмева целиот град!
НОВИНАРКА: Почитувани граѓани, Божеството проговори. Нашиот град ќе се ослободи од заразата која го прогонува, но дури откако смртта на кралот Лај ќе биде одмаздена…
(Влегува Јокаста)
ЈОКАСТА: Ајде бејби, се беше добро.
НОВИНАРКА: …И убијците фатени. Да ве потсетиме дека пред 17 години, бившиот крал Лај беше убиен на патот за Делфи, а и дека ДБ не го пронајде убиецот до ден денешен. Кралот Лај отиде да ги праша Боговите зошто ни ја испратија Сфингата и како што обичајот бара, патуваше сам.
(Јокаста претејки и приоѓа на новинарката)
НОВИНАРКА: Допуштете ни на новинарите да зборуваме. Овде зборува човек, не лае куче. Но ако вниманието на гледачите го привлекувате на друга страна, ние ќе мора да се прилагодиме. Животот на новинарите е тежок! (Излегува. Почнува Едиповиот трип).

Превод од романски на српски јазик: Јоана Флора
Превод од српски јазик: Катерина Момева

ЗА АВТОРОТ

Космин Станила

Космин Станила е романски филмски и театарски актер. Роден е на 26 декември 1995 година во Констанца, Романија. Дипломирал на Факултетот за театар и филм, Универзитет Бabe[ Bolaj vo Клуж Напока во 2017 година. Работи како актер во Националниот театар во Клуж Напока, Романија. Автор е на драмските дела: Се што ми беше одземено, Нежната и неверојатна љубовна приказна на Александру Гераз и Клара Смит, Слепа дамка во коавторство со Јонут Сочу и др.

ЕЛЕМЕНТИ – БРОЈ 12

ПОДДРЖАНО ОД

Елементи

Елементи

© Електронско списание за книжевност - ЕЛЕМЕНТИ