На дрвото има многу лисја.
Мноогу лисја.
Многу лисја има и во мојот двор.
Во мојот двор.
Во мојот двор има мноогу лисја.
Мојот двор спие под дрвото
кое го напушта ова годишно време
и преминува во прегратките на хибернација
потпирајќи се на камената почва
која цела вечност ја крепе нашата себичност,
симбиозата на Полето и ридот кој го допира небото
и лисјата над кои претрчуваат облаци
одвреме-навреме менувајќи го својот лик
На дрвото има мноогу лисја
На дрвото има многу лисја
со кои се поигруваат годишните времиња
и есенските нијанси во мојот двор
На дрвото и во мојот двор има многу, многу лисја
Охрид, 21.07.2025
Автор: Мирко Томовски или Томоски сеедно
двата дрвени прозорци,
дрвената врата,
дрвената маса
и двата дрвени столови,
дрвениот плакар,
парче облека
сите ѕвезди и сите анѓели,
таинствена светлина
на набрекнатите гради,
расцветано поле
со по некоја солза
од синилото на двете езера,
милно ветре со чудна страст
и божествена милост на усните
уморни од предолгото патување
лирска рапсодија на Брамс
меѓу двата ридови шетаат елени,
блажени трпки кои удираат како громови
додека те претворат во роб
пред широките порти
низ кои се влегува во рајот
Охрид, 10.07. 2025
Автор: Мирко Томовски или Томоски сеедно
Кога се преселувавме сè што имавме
од зборови до обичаи
ги натоваривме на самарот
со искинат попраг
и тргнавме по змијугата нагоре
а потоа надолу крај реката
пеејќи ја утринската молитва
се до дрвениот мост
на преминот кон вересијата
што ни ја понудија за да споулавиме
Правописот се нишаше заедно со самарот
заканувајќи му се на говорот на мајка ми
во кој имаше зборови од едно минато време
И покрај тоа мајка ми носеше бела шамија
подврзана подгушка,
за да не ѝ се померува долната вилица
која преку мостот може да ги проколне
Кога се преселувавме понесовме сè
освен писмена потврда за гробовите и осамената црква
Охрид, 6-ти мај, Ѓурѓовден 2025
Автор: Мирко Томовски или Томоски сеедно
Во очај со прсти го допираат кандилото
оставено на крајот од полицата
чиј пламен трепка како некој да го стега во грлото
а не се ни дише
Се крева жапката на вратата
од невешто изделкани штици
чекори го преминуваат прагот
и се губат во правот по патот
а вознемирените животни во дворот
бегаат на сите страни
Доаѓа невреме
Трешти, сека
дува некое разбеснето ветриште
јасиките кои се извишиле до немајкаде
се поклонуваат дури до земја
тропкаат извитените прозорци
а вратите од недоделкани штици
сѐ уште се отворени
Молк
Папсуваат чекорите
По патот се сопнуваат расфрлани гранки
од возвишените јасики
се забравува жапката на недоделканите врати
пламенот од кандилото гледа кон таванот
само невестата сѐ уште стои на врвот од ридот
чекајќи го невремето
Сѐ ќе беше поинаку ако Сара Т. не се омажеше за С.С.
Охрид, 2018
Еден мој пријател
не сака пресрет
на погледи
со оние
кои не одат во блатото
каде наутро
напледне
и навечер
крекаат жабите
Една моја пријателка
не сака поглед
упатен како стрела
која ја бара својата жртва
меѓу трските во блатото
што пресушува во лето
и пак
наутро
напледне
и навечер
крекаат жабите
и тоа со повисок тон
од оној кога во него има вода
Мојот пријател
и мојата пријателка
живеат меѓу трските
во блатото
кои ги берат за престилки
за да се излежуваат оние
што наутро
напладне
и навечер
го мразат крекањето на жабите
Охрид, 2018
Автор: Мирко Томовски или Томоски сеедно
ПОГРЕБАНИ ВО ВЕТРОТ
На Гемиџиите
Сѐ е карневал Матмуазел
Оркестарот со својата гласна музика
кој маршира врз вековните потомори,
новинарот на Л҆а Републик,
ѕвездите кои паѓаат на софата врз нашиот преграб
и бомбите на градските гробишта каде онемува целиот свет
Сѐ е карневал
Берберницата е само маска
украсена со четки,
сомнителни парфеми
и дволични огледала
Бричот и така поминува под грло
Само еден погрешен потег Матмуазел
Само еден
Банката и поштата се завиени во маски
неколкуте книги и палто по последна мода
вратоврската на кошулата која стега нечиј врат
и бомбите кои демнат на дното на куферот
Матмуазел,
Сѐ е карневал освен петте цветови
на реверот од татковината и песната
налеана низ солзи со рујното вино !
Ж ҆ тем,
Ж ҆ тем Матмуазел
҆ Ржанов. 10 септември 2017 г
Автор: Мирко Томовски или Томоски сеедно
Мирко Томовски или Томоски сеедно е роден 1947 во Јабука,Србија, потекло Ржаново, Струга, Македонија. Досега објавил 11 книги поезија и проза и 4 книги за деца. Негови песни објавени се во повеќе списанија, билтени, алманаси, зборници и антологии во и надвор од Македонија. Дел се преведени на балканските јазици. Живее и работи во Охрид, Македонија. Од многуте награди и признанија ги издвојуваме: прво место за романот “Шени Ен” по повод 70 години македонски книжевен јазик 2014; Климентова повелба за поезија 2015; Награда за поезија за деца “ Стихувалки” 2018; Награда за афирмација од областа на литературата, Скопје 2018; Награда Министарства културе и информисања Влада Републике Србије; Златна благодарница БРАН Здружение за литература , култура и наука Струга 2020; Идеен творец и претседател на Здружението за литература и култура “ Охридски поетски Бисер” Охрид, од 2016 година Објавени дела : Време за вистина – поема 1994,2001; Ржанов - монографија 2002; По учение македонскому, поезија-мотиви-факти 2004; Ржанчани - романизирана монографија 2005; Полемика со умот-проза, белези и критики 2008; Шени Ен- новела 2013; Судбини-збирка раскази 2015; Екот на вековите-поема Прличеви беседи 2017; Разбој во времето- поезија 2018; Украдено сонце-поезија 2021; и четири книги за деца: Колку е убава мојата внука-проза 2012; Чудесната шума-проза 2013; Веселба во шумата- поезија 2014; Расеано семе- поезија 2022;