Ден 7
Повторно работевме едно големо ништо. Гледањето небулозни емисии се претвори во играње табла. Само два поени го делеа од победата. Сладок е кога губи. Се пожали дека го боли главата. Мигрената главно е женски проблем, си помислив. И јас ја имам.
„Што мислиш да набавиме некое животно? На пример, мачка?“
„Ти недостига друштво?“
„Ми недостига некој за кого да се грижам.“
„Бојан и јас имавме мачка.“
„Што се случи со неа?“
„Му ја препуштив грижата за неа. Иако, сега веќе не е ни со него. Ја подари на некоја девојка што сакаше да ја има. Често беше на пат и не сакаше да обврзува никого.“
„Значи, всушност не ги сакаш мачките?“
„Ги поднесувам,“ искрено реков, „не ми пречат.“
„Па во ред, ќе ѝ припаѓа мене, може?“, благо се насмевна.
„Ќе ги пребараме огласите. Среќа што февруари помина.“
Понудата беше разновидна. Од елегантни ангорски мачки, преку шармантната руска сина, па сè до мека персиска… „Сијамските се приврзани,“ рече па продолжи, „но и здодевни.“ Британските ситновлакнести пак му изгледаа премногу смирени. Мејн кун, пак, совршени!
„Мислам дека овие ги обожаваат децата, така што ќе се сложувате,“ забележав.
„Ама тие се потполно луди. Чекај,“ му реков и му ја поместив раката откако тргна да ме милува по усните, „овие подаруваат една!“
Ја пребаравме страницата и ги најдовме сите потребни информации. Има пет месеци. Пишува дека е „со прекрасен, дружељубив карактер, необична црна ’чад’ боја“. Дознавме уште дека крзното ѝ е, иако црно, во корен магично сребрено. Стерилизирана е и вакцинирана, со целата потребна документација.
Му се допадна. Ми раскажа како родителите никогаш не му дозволиле да има животно во куќата. „Сакав да фаќам светулки,“ рече Вук. Јас, за разлика од него, се грижев за многу животни. Имавме три кучиња, подоцна и мачка. За седмиот роденден ми купија мрзливец кого несвесно го убив. Му ставив премногу храна, за да не биде гладен. „Стив пукна, Јакша,“ се сеќавам на мајчините зборови. Сега тоа ми е помалку смешно, но тогаш плачев со часови. „Пукна од мака?“, ја прашав мајка ми, затоа што таа често велеше дека ќе пукне од мака. На тригодишно дете не му е најјасно што точно е мака, но знаев дека е нешто горчливо. Често ми се гадеше од сируп, а всушност ме убедуваа да го пијам за да не ми се гади. Значи, мораш да преживееш голема мака за да не ти биде мака. „Голтај, ајде,“ велеше татко ми. Нему му беше мака кога ќе се изкакам. „Пресоблечи го, јас не можам, ми се гади.“ На баба ѝ беше мака, како што велеше, „на нервна база“. На дедо му беше мака од баба. Во суштина, сите имавме некаква мака. Зошто дедо или баба не пукнаа од мака? Тие се постари, Стив сè уште беше мал.
(Извадок од романот „14 дена карантин“ во издание на Креативна книга и Биолетра, Белград, 2020)
Превод од српски јазик: Сашо Огненовски
Стефан Михајловски е роден на 18 септември 1996 година во Вршац. Дипломирал комуникации на Факултетот за медиуми и комуникации во Белград. Тој е автор и водител на емисијата „Наслова страна“ (2013–2015), која се емитуваше на четири локални телевизиски станици, во која беа гости бројни познати личности како што се Сека Саблиќ и Мима Караџиќ, како и емисијата „Лицето на денес“ (2017) на Open Culture Channel, одобрена од проф. д-р Станко Црнобрње, во која ја промовираше работата на младите луѓе од најшироката номенклатура на занимања. Својата писателска работа ја започна во 2015 година со колумната „Лицето денес“. Серијата вклучува повеќе од сто текстови објавени во неколку домашни медиуми, а некои од нив се преведени на романски јазик. Колумната прерасна во збирка раскази наречена „Лицето на денешницата: (Авто)биографија на колективната (не)свест“ (2018), за која авторот добива признание и од публиката и од стручната јавност. На промоцијата премиерно беше прикажан и краток документарно-игран филм. За овој дел од програмата, меѓу другите, зборуваа координаторот на „Безбедна куќа“, Весна Станојевиќ, и психологот Кристина, Цар Брајовиќ. Со втората книга „Под грлото“ (2019), Михајловски ги поместува границите на литературата со приказната за истополовото партнерско насилство и наскоро го освојува вниманието на креаторите на мултимедијални содржини во регионот. Фотографијата на насловната страница на бројот ја направи Мартин Стаменковиќ, најпознатиот млад фотограф во оваа област. Активизмот за човекови права е исто така област на интереси на Стефан. Покрај форумите за насилство врз деца, жени и маргинализирани групи што ги организираше на сопствена иницијатива, со помош на бројни културни центри, учествуваше во кампањата „Ќе биде подобро“, поддржана од Канцеларијата за човекови и малцински права. Тој е и врснички едукатор на проектот „Млади наспроти омраза“ на Институтот за медиуми и разновидност, како и „GenderRize me!“, национална обука за родов и сексуален идентитет. На почетокот на 2019 година, Михајловски се обиде и како перформанс уметник со делото „Будноста на блудниот Маркиз де Сад“, кој предизвика бурни реакции од публиката. На крајот на 2019 година, според текстот „Кога креативноста каса“ од Далибор Јакус, беше избран за „еден од деветте најкреативни мажи во светот“.