Секој ден, ново утро носи,
секој почеток, само празен одѕван во срцето е,
МЕЛАНХОЛИЈА.
Како испиена чаша надеж, срцето ми е празно
во бесконечното повторувања
на деновите исполнети со
измамени ветувања.
Во тишината се гушат моите зборови
како сенки на ѕид.
Спомени се нижат, на пожолтените страници
од животот прочитан, како искра надеж
што некогаш блесна и изгасна,
оставајќи ме во мрак, потполно сама да самувам.
Како листови од есенски календар,
се вртат деновите, едни по други.
Бесконечни почетоци, а секој ден ист е.
Додека во тишината се губи гласот на душата,
срцето-книга со избледени страници,
чува спомени како стари фотографии.
Пловам со својот стар верен пријател,
бродот кој никогаш не ме оставил
сама на брeгот да стојам.
Јас сум само еден обичен морнар
од невремиња изудиран што
додека подобри времиња барав
во плимата - осеката ја најдов!
Ги чувствувам
некогашните загуби кои пловат на
површината на морето
како сол на рана што боли,
а мојот слободен дух во брановите се губи
за да плови,
без да има ништо повеќе што да изгуби!
Само ти можеш да ги пронајдеш
изгубените фрагменти на надеж
и повторно да ги вратиш во живот и
да ја изгасиш жедта за среќа,
со неискоренлив копнеж
за радост кој блика.
Кој си ти, кој со својата немоќ,
вдахнуваш стремеж за среќа?
Талкам во доцните ноќни часови
исполнети со реа на простодушност,
како патник без крајна цел.
Го слушам крикот на истрошените души,
некогаш со среќна потковица во рака,
сега со потковица под нога,
трчаат за да издвојат пирови победи,
но не свои, ами туѓи.
Бескрајна е бесконечноста на
манипулацијата на сетилата во обид
за урамнотеженост на денот и ноќта
кои се разидуваат без да се сретнат.
Во сенката на Беласица,
се сее семе на бунт, гласови од земјата се слушаат,
капки непресушна пот од душата македонска!
Бели мугри на сеќавањата,
под велешките сини неба,
песни се орат,
додека тутунските полиња
кои ги заливаат бистрите води на Вардар
жолто злато даваат
и ѓердан на врат нанижан ставаат!
Од сивото небо капки паѓаат,
на земјата измачена, исплакана.
Селото спие, во тишина длабока.
Тутунот згаснува, а во полињата се шири,
горчлив мирис на празни надежи.
Рацете огрубени, од тешка работа,
сонуваат за денови посветли.
Срцата плачат, тихи секојдневни јадови,
за леб недоволно, за деца изгладнети.
Но, во очите сјајот не се гаси, искра за борба, што тајно гори.
И под сивото небо, ќе никнат повторно цветови,
надежта ќе цвета, во срцата млади.
Цветанка Невчева (родена 1989 година) пишува поезија и кратки раскази. Нејзините дела се објавувани во бројни антологии, книжевни списанија, електронски публикации и интернет портали. Невчева е автор и коавтор на повеќе научноистражувачки трудови. Активно учествува на литературни фестивали, поетски средби и работилници за креативно пишување, а за својата поезија има добиено повеќе дипломи и признанија. Нејзината прва поетска збирка, „Процвет“ (2024), ја доби наградата „Душата на чаршијата“ за најдобра поетска книга, доделена од издавачката куќа Дата песнопој од Битола. Втората збирка поезија, „Исихија“ (2024), е добитник на наградата „Бели мугри“ за најдобра поетска книга од млад автор до 35 години, во рамките на конкурсот организиран од ЈУ Дом на култура „Кочо Рацин“ – Скопје. Нејзиното мото гласи: Ништо не ни припаѓа нас, само надежта којашто е сон на будните!