Во светлина заоѓам
утрата кога ме гледа Сонцето
низини здогледувам што зелено
среде зима шират
во доба шарени мене подадени
се облевам гласови зимуваат
се опивам
со спомени
жолто проѕирни
каква е оваа песна
чудна со искри
се вљубувам
во непоимливо
ни мое ни твое
туку на сите оние срца
кои низ маки и радости
сонот го следат
биднина небиднина сè в едно гнездо
раце подаваат од скромност
пријатели дамнешни и идни
со насмев кажуваат стихови
поучни за души искрени
ме ослободуваш
те ослободувам
нека полета белината
за век и навек
Понекогаш вселената ја збира помеѓу две веѓи
јас зарем сум сираче меѓу две гранки
или можеби ѕвездите го засладуваат
и стокмуваат колоритот на мојот пигмент
дури од Оркун до скопјанецот
Јахја Кемал
се протега мост
мостови
речни долини
планини
колку ли само зрна распростра
да посееш гигнатски бостан
па почна да калемуваш
црни рози
пред ѕидините на Виена
можен ли е заборав
разѕвонувам прашање
в уши
в срца
в умови
во љубовта во севдата
на сите минати
макотрпни песнопојци
од внатрешноста моја полета гулаб
а таму две еребици
кранови од лева
жеравите каде се
в мигов
кај потполошката
и паунот се
лицето на небото се оцрта
одсјај се исцрта
со бои раскрилени
со љубов го бев засадил
тоа семе
на крајот
листот го најдов свиен
врз затворена шаховска табла
а тебе тој ден те чув
моја љубов душо
крв џигер сестро
одново рикна
за почеток нов
На татко ми Илхами Емин
ме оставија да се изгубам
во лавиринт од книги
но татко ми
ми го покажа патот
остави траги
книгите му беа живот
а јас уште од мали нозе
од алманахот што ми го купи
научив како се наоѓа излезот
една капка е море во океан
ене го океанот
светлината наѕира и продира
во Радовиш
општеше со змии
и се договори
Во Истанбул
низ водите на Босфор
во случај кајчето да се преврти
за да не се удавиш
и да не те понесат морските струи
ги научи своите скромни пријатели
како да седат на вода
дедо ми Рифат
како ѕид застана
наспроти завидливите погледи
името трае
и прераснува во смисол на живот
па настапува
една инаква загатка
сиот се сплотив
со универзумот
кон кој се оптегна и во кој нурна
зборот на сржта
сржта на зборот
зборот на зборот
сржта на сржта
луѓето
дниве
тешко разбираат
едноставно не можат
како и да е
нишан на времето
таму каде престанува зборот
почнува молкот на духот
почнува суштината
судбината не може да се преведе
бел ден видов
Охрид го видов
многу испив
од виното на љубовта
а сепак недоволно
за да успеам
да ги минам
бреговите нежни
бесмртни
па затоа заповед му дадов
на себесвоето јас
да ја вкуси
водата на животот
од која се напи Хизир
па стана вечен,
а и да се опие
од виното на вечноста
накитено со бои на
вечното шарено
кое тлее
во душите
на доброчудноста
неразбрана…
В средина жива ограда
од едната страна самотник
од другата осаменик
си довикуваат со шепот
сите прашуваат
ќе се засакаат ли
за живата ограда
да биде заменета
со гранки со лозје со лисја
со вечна пролет
во која од хоризонтот
блеска нова светлина
појдуваме зајдуваме
во занес исцел наоѓаме
В теснец изртува
шарена надеж
во очекување сум
на повидок ново Сонце
светлината
не се раѓа лесно
илјада маки
му претстојат
на новиот ден
на новиот живот
Огин однатре
огин што не згаснува
дури и во најтешки зими
гравитирам
околу светла точка
гравитираат
светли срца
околу мене
не од љубов
туку од срцевидност
тагувам по изгубената
искреност
па со замав љубовен
отворам патишта
за нови огнени средби
се возљубувам
општам
пишувам
зборувам
испраќам рози
мојата јана е една
и единствена
со става и стас
небаре цвет што изртува
од моите длабочини
сакај за да те сакаат
велат мудрите
стравови гаснам
срамови гаснам
за да посегнам
по доброчудноста
која в твоето срце
си фати место
утрово вистински
денот е пред нас
пред нас е годината
животот си го засакав
а вечноста ѕирка ли ѕирка
па со ширум отворени раце
не пречекува
В теснец изртува
шарена надеж
во очекување сум
на повидок ново Сонце
светлината
не се раѓа лесно
илјада маки
му претстојат
на новиот ден
на новиот живот
Огин однатре
огин што не згаснува
дури и во најтешки зими
минати години
изминати времиња
сите подадени на рака
за евоцирање
разноразни бидисувања
на еден доброчуден измисленик
а сепак стварен
случки што светот
го разбранија
дали се познавам себе
прашање одекна
од ведро небо
орелски крик
лавовски вик
ова не е трик
Чуварите на злото
се непријатели на Сонцето
непријатели на надежта!
Ми го присвојуваат
сето знаење
сите фантазии
визии
секоја мисла
до стотинка!
Нека,
се покорувам
немоќен сум...
9 петок јануари 2026, Скопје
Магистар по Историја на уметноста, писател-поет, музичар, културолог, библиотекар, преведувач. Роден е 1974 година во Скопје. По основното образование стекнато на турски јазик во О.У. „Тефејуз“, Ја заврши гимназијата „Јосип Броз Тито“ на македонски. Дипломираше на државниот универзитет „Св. Кирил и Методиј“ на Филозофскиот Факултет на катедрата за Историја на Уметноста со Археологија. На истиот универзитет продолжи на пост-дипломски на групата Историја на Уметноста. Пост-дипломските студии ги заврши со одбрана на својата Магистерска Теза „Документарното и фантастичното во делата на Сијах Калем“ и се стекна со звањето Магистар по Историја на Уметноста. Kако билингвист, односно автор писател кој користи два јазика, пишува и објавува на Турски, и на Македонски. Стихозбирката „Беља“, која што не е преведена, туку напишана на Македонски јазик, е објавена во 2019 година. За своето четврто поетско дело „Би-нихајет“ („Без-конечно“), во 2018 година ја доби наградата „Поетски Мост“, доделена од страна на Друштвото на Писателите на Македонија, за најдобра стихозбирка напишана и објавена на јазиците на етничките заедници во Македонија. Неговата поезија и други написи, есеи, теоретски текстови и колумни се објавуваат на Македонски и Турски во Македонски и Турски весници и списанија, како и на интернет. Работеше како филмски и музички критичар во Скопскиот Турски весник „Бирлик“ и Турската Програма на на Македонското Државно Радио. Првата стихозбирка „Ентипуфтен“ ја објави во 1996 година во Скопје. Се занимава со превод на современа литература од Турски на Македонски и обратно. Се занимава и со музика (еден е од основачите на првиот македонски Хип-Хоп бенд „Чиста Околина“, на крајот од минатиот век). Посетуваша часови по народна македонска музика на танбура кај Пеце Атанасовски. Се запиша на пост-дипломски студии на Анкараскиот Универзитет на Факултетот за Јазик и Историја-Географија, но по кратко време ги напушти студиите и се врати во Скопје. Во скопското турско основно учуилиште „Тефејјуз“ работеше како наставник по ликовно. Дипломскиот труд „Сијах Калем“ беше искористен како извор за истоимената театарска претстава на Националната Установа Скопски Турски Театар, во режија на Владо Цветановски. Учествуваше во активностите на младиот скопски книжевен кружок „Јахја Кемал Бејатли“, а е и еден од оснивачите на авангардното списание „Учунџу“ („Трета“). Со татко му Илхами Емин заедно ја подготвија книгата „Балканот и Турците“, објавена во Република Турција. Член е на ДПМ, Друштвото на Балканските Турски Писатели и Друштвото на Турските Писателите од Евроазија. Работеше во НУБ „Св. Климент Охридски“. Втората стихозбирка „Дингилдек“ се објави во електронска форма на интернет. 2015 година го објави музичкиот албум „С’r“ („Тајна“). Пишува колумни во скопските интернет портали “Јени Балкан“ (Нов Балкан) и „Time Balkan“. По починувањето на татко му Илхами Емин, ги собра и под насловот „Јени Акинџи“ („Нов Акинџија“), ја подготви за печатење и обезбеди објавување на оваа книга која ги содржи необјавените поетески дела и текстови на татко му. Живее во Скопје.