Elementi Logo

Е И ЌЕ БИДЕ

Backgorund

Е И ЌЕ БИДЕ

Само малку да го гребнеме со нокт

зимското цвеќе на џамот

градот вишнее, светли, спокои

дотеран за вселенска разгледница,

за бајка детска, 

за сираков сон 

и услишана молитва на испосник

стаклест и семирен 

ко божиќен лампион.

 

Само малку да го загребеме со лопати

мразот стегнат под нозе

ќе го допреме предокот сќумурен

праградот на градот,

зградењето на падот,

разградот на недоградот

небиградот, 

и едни саат кули врз други

и едни тули врз нули

и едни патја врз скали

и едни детства врз летства

едни луѓе врз пруѓе

едни 

врз 

врз

врз

Само малку да ја разгребеме под микроскоп најнаучно 

ќелијата на нашта кожа

ќе сетиме сипеж на првата земја 

полнеж на постанокот

 

Колку и да ја гребеме стварноста наша

за последна капка формула жедни

има здив еден кој хуха ред таен

во сите вертикали паднати и вишни

и везе цвеќе, град, земја и пустеж

и рака што гради, црта, руши, гребе

и око што гледа карши, 

и спроти, во себе,

и величествено сѐ е

е и ќе биде



И ДОЈДЕ ВО ДЕН МОДАР

На Јунус Емре

 

И дојде

да се врти, врти, врти, врти галебот...

во ден модар, лилавосив,

ко песосан татко подбуцнат од друг

ко предаден бег од најверен слуга

ко желудник стегнат на изневерена жена

ко рак-рана под мишка расцветана тајно

ко павилјон зад тараби штедро за пекол што се бои

во таков ден дојде 

да се врти, врти, врти, врти галебот...

 

Танц меѓу двете темни лица на срчата...

 

Охрид е Аланија?

Истиот полукруг

исти куќи на чичка гроздест рид

исто заоблено шеталиште под нозе боси

де тврдината,

де црвената кула

де платното на кајчињата

де знамето на пиратите меѓу бродови...

 

Де подај малку, езеро, море мое, пустина ли си,

фрли го наваму ко камче вратено назад

тоа лето кога среќни бевме...

 

Ама дојде,

сред јалов сомнеж слета галебот

и зеде да се врти, врти, врти, врти...

па пукаат небата во водјето

се пенат в бран облаците 

монистра сонца стркалани на ширта

па ме врти, врти, врти... 

за три света и девет смрти калдрмисани 

за четириесет љубомори и шеесет и девет понори

за сто и еден трендафил и илјада и една заблуда,

за милион подарени планети и за сите молени Свети

ми рече: само биди, диши и свети!

 

А јас галебе,

вчера Исус те викав

денес на Јунус ми се одѕиваш

утре друго име и тело 

пред незнајни очи

ко галеб ќе се врти, врти, врти, врти...

 

о, безбедни сме сите, знам

сѐ дур танцот бел во нас зраци `рти, точи.



НА РАСПЕТИЕТО НА ЕДНА ПЕСНА

Присуствував еднаш на распетието на една песна      

староседелец во мислите на познат неспокојник

црнилата вредно ги закопуваше подземи

изворот чемер го затинаше со медовина 

сомнежот ѝ беше лушпа под оревова корупка 

а болката зауздание 

меѓу голема почетна буква и точка

 

Бунтот го кренаа прашалниците

бодликави прашања парадираа меѓу редовите   

песната одговор немаше

Се разбудија извичниците

пискот и крикови меѓу зборовите  

песната оглувуваше

Ја запнаа на крст запирките

горе црнила, долу страв, десно сомнеж, лево чемер 

распната над огнени јазичиња

меѓу грчеви и напрегања 

се насмевна и ме помоли

Собери ми ги солзите и капките крв

 

Подадов рака и видов бакнеж на две сонца

 и оро на месечини и реки од светлина

во дланката ми се точеше нова песна 

песна на девојче што липа

ту погласно, ту потивко, ту немо 

оти заборавила зошто плаче

Помислив, 

Песната раѓа песна.



ПРЕГРАБ

Кога заминувам

мостот се истегнува за да ме врзе      за старата јасика

која со години ме гледа низ прозорецот

 

Кога заминувам

паркот расте за да трча со мене

но бавен е како првите чекори во него  

се вртам 

останува сам со пожолтена брада место ограда

 налик на затвореник, 

на пазар без луѓе

 

Кога заминувам

земјата зад грб заговор ми кова 

косите корнат по спојот со тревјето

асфалтот се преселува во дното на главата

 и упорно настојува да ме легне

 

Кога заминувам

ги ширам до прскање зениците 

полесен да ми биде светот

понесен на рамениците.

 

ПОНЕКОГАШ

Понекогаш се чека со ноќи, 

со месечини, со цел еден век

 

Понекогаш килим нѐ поткренува

 спроти ветрот сам и клет

 

Понекогаш шум некој, навев или збор 

понекогаш сѐ тивко, ни чекори во сон 

 

Понекогаш по некој поаѓа на пат

понекогаш пак никој да наврати кај нас.

 

ПРАШАЛНИЦИ

Не знам зошто уште напори на мислата

 кога има само казнувања

осамени враќања затрупани во снег 

подбивања од далечни сакани места 

и свртен грб на месечината

 

Не знам зошто уште песни во ноќите

 кога и средбите се измачувања

желбата со раце оковани и нокти подгорени 

искинато бајраче на нота осмина

непоправливо расипана сложувалка на зборови

 

Не знам зошто уште сни за умирањето 

кога умирам секогаш кога не сонувам, 

не знам зошто уште надеж за живеењето

кога живеам само кога за тоа не зборувам.

 

СЕГАШНУВАЊЕ

Јас овдеам

Ти тамуваш

И ти...

И ти...

О, колку многу нѐ има!

 

ЗА АВТОРОТ

Габриела Стојаноска

Габриела Стојаноска

ЕЛЕМЕНТИ - БРОЈ 18

ПОДДРЖАНО ОД

Елементи

Елементи

© Електронско списание за книжевност - ЕЛЕМЕНТИ