Elementi Logo

Backgorund

Лет

Како хипнотизирана болка

што лебди над телото

по испиен парацетамол,

една птица на небото

летајќи

ја менува формата на облаците.

 

 

Потекло

Создадена сум од звук, симбол

и тишина.

Крикот на новороденче го заменив

со шепотот на искажаното. 

Молчешкум се враќам на корените.

 

 

Замисла

Некогаш вистинскиот збор

е долг точно седумнаесет чекори

колку што е потребно време

за негово премолчување.

И тогаш, кога престануваш 

да ги броиш чекорите,

го искачуваш следното скалило

на замислата.

Уште едно парче во сложувалката 

од невидливости го наоѓа своето место.



Измислица

Сум бил еднаш во друго лице,

со свои зборови,

одраз во огледало 

и тело надвор од рамките.

 

Човек, привид, животински вид

во ментален склоп, без оклоп

и дадени околности.

 

Бев, сум, бидувам,

бдеам, сонувам, 

се будам, заспивам.

 

Сум бил еднаш израз,

одраз во огледало, 

збор, сложена реченица,

будна и сонувана измислица.

 

Надвор од единиците мерки

Колку тежи човек над она што е 

крв, месо и коски?

 

Што кажуваат зборовите 

што не се запишани во ниту еден запис?

 

Постои ли концентрација на полен што 

ќе ги натера да кивнат аквариумските риби?

 

Може ли да се измери 

сѐ што не се гледа со голо око? 

 

Тела со сета сила растргнати 

надвор од единиците мерки.

 

 

Средба

Измисли ме и дај ми контури

што ги нема во мерните системи.

Додека бараш место во кое ќе постојам,

смести ме во просторот

помеѓу две отчукувања на срцето.

 

Ти давам грст од мојата сегашност.

Дај ми грст од твојата.

Ќе ни остане нешто 

неодредено од времето.

 

И ти и јас

избрани сме

за она што ќе го доживееме 

и она што нема да го доживееме.

 

ЗА АВТОРОТ

ЉУБИЦА ШОПОВА

Љубица Шопова е макеоднска поетеса. Магистрирала на  Економскиот факултет  при  Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“  во Скопје на тема од областа на бихејвиористичката економија. По подолга пауза, Шопова повторно почнала да пишува поезија во 2015 година, по еден неформален поетски настан одржан во  Старата скопска чаршија . Оттогаш, во неколку наврати читала свои песни на поетските собири „ Астални проекции “. Нејзините песни се објавени во изборот песни од иницијативата „100 000 поети за промени“, во списанијата „ Современост “ и „АКТ“, во неколку електронски поетски збирки и во арт-панорамата „Допир“. Во мај 2019 година учествувала на меѓународниот поетски фестивал „ Литературни искри “ во  Гостивар , каде нејзините песни влегле во најтесниот избор од десетте најдобри учесници. Во 2020 година ја објавила првата поетска збирка, „ Форми во создавање “ во издание на ПНВ публикации, а пет години подоцна се појавила и нејзината втора стихозбирка, „ Надвор од единиците мерки “ (издание на Илика).

ЕЛЕМЕНТИ - БРОЈ 17

ПОДДРЖАНО ОД

Елементи

Елементи

© Електронско списание за книжевност - ЕЛЕМЕНТИ