Се отвори сон-саламурената зеница
од под брдото
и ми прошепоти дека е време да си одам.
Лазурни парчиња небо ме отпоздравија,
кон тремот ме насочија,
со шолја кодеин неделното утро ми го засладија,
ме осудија
на движење без цел.
Тешки, ситни чекори
срна сум што учи да оди,
капка што ги натнува чизмите на првиот снег,
заруменет есенски лист сум,
се отпуштам од мајчинска прегратка-загатка,
збунета,
врисок што се измолкнува тивко
и никој не го слушна.
Во капан се капам
секој ден се стремам да
избегам,
секој ден да продишам.
Во лагуми спијам,
во лагуми пасам од ланското сено,
сонам бели ливади,
зелени снежни покриви,
заборавив која боја е небото
и се тешам дека велат
и онака не е таа вистинската.
Ламтам по дом без причина,
по кревет без зрно грашок,
по воздух без стеги околу градите,
лебед без окови на клунот,
нозе што врват среќно кон домот,
дом во кој се собрани сите топлини,
дом со целата целина.
1.
Младоста се закисели како свеж лимон
набран попладнето
од бујните пазуви на градината,
се исцеди по тапетата како мувлосана живост
што разорува сѐ пред себе
и се струполи нагло на подот,
нечујно и млитаво,
лесно и победнички.
Цветовите набрани во петокот
го дадоа последниот здив
како што средата се будеше од под зората,
ги затворија целосно своите листови
во осамен сон,
со поматен ум
ги истребија гревовите,
но не подалеку од чашата вода.
Обидувајќи се да се опорави, тетеравејќи се,
бревтајќи по целина,
се издигна од пепелта и прозборе,
пропелтечи,
праша за насоки кон иднината.
2.
„На денешен ден пред 7 години“
се подигнаа чувства – планини за миг,
одекнаа стрели, жегнати со љубов
и црвени како жар,
жаросани челични окови
ја задржаа младоста в место,
со споменик кренат гордо,
високо кон минатото,
осамен како орел.
На денешен ден пред 5 години
си ја откорнав душата од градите
и ја поставив пред споменикот,
спомените ја однесоа
и сѐ уште ја немаат вратено.
3.
Се сеќавам како низ магла
некој ми даде гранче лимон,
како подарок: време.
Го засадив внимателно во свежа почва,
корењата милно ги протресов од старата земја
и ги покрив со нова,
додека сонцето вешто
низ гранките се протнуваше да го допре,
нежно,
пред да стигне водата до него.
Го полевав со љубов и со вода од природен извор
од полјана на која човек не стапнал,
го полевав со разбирање,
со одмереност,
со надеж,
со зборови за мир во душата,
му читав поезија
чекајќи го првиот зелен лист.
4.
Почнаа да растат големи, сочни плодови
зелени, па пожолтуваа во сјајна нијанса на среќа,
секое утро молеа со песна некој да ги набере,
чекаа да ги погали зајдисонце
секое утро како деца се вртеа во гранчето,
чекајќи,
чекајќи,
чекајќи вистински момент
да станат компот, слатко, сок, украс, пријател.
0.
Сите си отидоа просејќи,
облаците надвиснаа над полјаната,
есенските цигли од лисја се распослаа по тревата;
студен ветер засече бол,
засени насмевки,
запечати ден за наредни години.
Со тек на време, порасна тишината
и падна тапо,
како скапан лимон.
Од поетската книга „Во цутот на мекоста“ во издание на ПНВ Публикации, Скопје, 2025
Гала Матевска (1995, Скопје) дипломирала на Отсекот за молекуларна биологија при Природно-математичкиот факултет и моментално работи како молекуларен биолог. Отсекогаш имала интерес за креативно изразување, а од свои 16 години пишува поезија. Се инспирира од чувствата, од природата и од длабочината на меѓучовечките односи. Во 2025 година ја објавува својата прва стихозбирка со наслов „Во цутот на мекоста“ во издание на „ПНВ Публикации“ од Скопје.