Elementi Logo

Backgorund

ИЗМИСЛЕНА

Не се става мисла на душата

мислата замислен те остава

мислата на арно не е

со мисла не се јаде

нити се легнува.

Помисли само колку пати

душата починка бара од мисли

слободна да е

како птица млада.

Затоа те молам немој

мисли на душата да редиш

тие само тежнеат

и копкаат

и болат.

Мислата помислена премислен те остава

во кафез челичен

душата ја заробува

ја измачува

ја пеплосува.

Затоа помисли на песнава

мислата слободна да е.



ПОМАЛКУ ИЗМАМЕНИ

Овие правила не се за нас,

треба да смислиме нови.

Секој ден прави правила,

правила со правец

кон подобро, за убаво,

правила за нас, само наши,

но не и за вас господа!

Вие живеете без нив!

Неправилни правила сте создале,

по нив одите, итате...

Каде, кога, како

за правилните правила грижа не ви е.

Се обидов, Господ знае колку

да ги направам прави

неправилните правила.

Правилно прави

за сите нас,

правилно да постапиме,

измамени да нема

или барем помалку да се.

 

ЖИВОТ

Неспретен како и секогаш

претам со рацете, мислите

се преврте чашата сок

се лепат прсти

се лепат спомени, сеќавања

се лепат пари

на кафанска пејачка

која никогаш не ја испеа

нарачаната песна

парите ги зеде и

заносно затресе со градите 

додека се оддалечуваше

низ чадот од цигари.

Се лепат поштенски марки

на писма неиспратени

со замачкани букви

од мастило и солзи

пожолтени.

Се лепат зеленики

вечерта пред Ѓурѓовден

пеејќи песни билјарски

да се лепат моми и момци.

Подобро вода да пијам

изворска, ледена, чиста.

Паметењето на водата.

 

ОЧАЈНО

Нема кој да ги собере

трошките од масата

Нема кој да ги измие

коските од крвта

со вода

добро триј ги

со вода

Направи споменик

нареди ги како што е волјата Негова

Земјата мириса убаво

понекогаш

вкусот и е различен

секогаш

болката е возвишена

тогаш

трагично е колку ти треба

топлината од свеќите врз телото

Плачат од погледот на твоето страдање

солзите се преценети

Предизвикуваш бол

како жиг вжарен 

врз нежната кожа

бол

болка ти треба.

 

МИСЛАМ ОД КРАЈОТ

Книгите ги читам од последната страница

по навика

ставам шеќер по малку

колку да не биде горко кафето.

Љубовта ја мислам од крајот

па љубам од почеток

вселената не е само бескрај црн.

Со комшивката си разменуваме

учтиви зборови за добро 

прекрасно сончево утро.

Мирисот на морето го чувствувам

во пилавот

со нозете до колена во вода

со морска вода во устата

трчаш до целта

да освоиш симпатии

не приметуваш рана на стапалото

од острите школки.

Незаборавот лекува

душа крепи кога е тажна

бранот силен покрива тага

носи во длабочини меѓу ѕвезди.

ЗА АВТОРОТ

Александар Михајловиќ

Александар Михајловиќ (1971) е македонски поет и писател, роден во Гостивар. Автор е на поетските збирки Алтани и други (2019) и Помалку измамени (2021) и книгата кратки раскази Светлината на светот (2022). Дипломирал на Педагошкиот факултет во Скопје и работи како наставник. Негови поеми се објавени во заеднички збирки од поетски фестивали, литературни списанија и електронски портали. Награди и признанија - Второ место на Меѓународниот поетски фестивал ,,Литературни искри,, 2018 година, Одликување за поезија на ,,Мелнички вечери на поезијата 2020” – Бугарија и поетски конкурс ,,Ангело Ди Векиа,, - Италија, едиција 2021/22 и 2022/23 година. За потребите на антологии и збирки неговите поеми се преведени на српски, англиски и турски јазик. Учествувал на поетски читања, има објавувано есеи во образовни списанија. Својата енергија и инспирација за пишување ја наоѓа во емоциите, љубовта, природата, планинарењето, патувањата. Поемите на Михајловиќ инспирираат и поттикнуваат читателите да се пронајдат во поезијата.

ЕЛЕМЕНТИ – БРОЈ 13

ПОДДРЖАНО ОД

Елементи

Елементи

© Електронско списание за книжевност - ЕЛЕМЕНТИ