Elementi Logo

Што повеќе сакаш ‒ да си во право или да си среќен?

Backgorund

Што повеќе сакаш ‒ да си во право или да си среќен?

Еве ви нешто за сè да изгледа како ново,

ова за да се разблажи, ова за да додаде острина,

 

ова и ќе се споиш со бога (како божем

можеш да бидеш одделен од него, освен во твојот ум).

 

Првата доза ветува дека ќе се чувствуваш

пожив од кога било во последните години,

 

стисок на копчето во твојот мозок што вели

олеснување-не, што вели заборав-не,

 

што вели оди, страдај уште малку.

Но оваа самонаметната криза

 

има само еден проблем и едно решение –

ветувањето за следната доза, причината за сè.

 

Да, знам, гневот е како земање на отровот

и очекување другиот да плаче

 

на твојот погреб и да зборува за тоа колку

си бил во право, но луѓето сакаат што сакаат

 

а сè што јас сакам е интимност

без да се појавам каде што треба.

 

Déjà Rêvé

 

Излезен од часот за справување со анксиозноста, пушам цигара по цигара, 

пијам кафе, презагрижен за да ми пречи недоследноста. 

Потајно мислам дека сум Исус и Буда (како и сите што ги знам, 

сите што сум ги сретнал, сите за кои сум слушнал). На тивкиот дождец

 

пијам кафе, презагрижен за да ми пречи недоследноста, 

на моите чувства им никнат заби и сакам да ги гризнам 

сите што сум ги сретнал, сите за кои сум слушнал. На тивкиот дождец, 

деновите ми минуваат обидувајќи се да ги избегнам странците што ме опкружуваат,

 

на моите чувства им никнат заби и сакам да гризнам 

едно сеќавање: фаќам магла да исушам реки во други окрузи. 

Деновите ми минуваат обидувајќи се да ги избегнам странците што ме опкружуваат, 

кревам поглед да кажам здраво, речиси сигурен дека сум го сторил тоа веќе:

 

едно сеќавање. Фаќам магла да исушам реки во други окрузи, 

потајно мислам дека сум Исус и Буда како и сите што ги знам. 

Кревам поглед да кажам здраво, речиси сигурен дека сум го сторил тоа. Веќе излезен од часот за справување со анксиозноста, пушам цигара по цигара.

 

Препев од англиски јазик: Јелијана Величковска

 

Секој ден е прилика да се преправаш дека одново почнуваш 



Кога другар ми ме праша, „Мислиш ли дека сум мрднат?“,

реков не. „Се колебаше“, рече. Би можел

 

да се заколнам дека не беше така, но оваа магла нема да се расчисти. 

Секоја година сѐ побавно мислам

 

дека го знам тоа што го знам. Овој пат 

е поплочен со компромиси што надоаѓаат

 

и ден за ден станува сѐ потесен. Секако, 

кога другар ми ме праша, „Мислиш ли дека

 

сум мрднат?“, откако ги отстрани железните решетки 

што ги имаше прицврстено на неговите прозорци, реков не.

 

Сакрамент за болните

 

Мајка ми пали свеќи за здравје, по дузина одеднаш, 

во болничката капела. Кога списокот за молитви е полн, 

го запишува името на татко ми над првиот ред. 

Пред операција, хор од медицински сестри пее.

 

Во болничката капела, кога списокот за молитви е полн, 

нејзиниот ритуал е да го стави него на врвот на списокот. 

Пред операција, хор од медицински сестри пее 

среќен роденден, мајка ми оди долу да бдее.

 

Нејзиниот ритуал е да го стави него на врвот на списокот,

надевајќи се дека ова нема да биде последниот, неговиот последен 

среќен роденден. Мајка ми оди долу да бдее, 

пали чкорче по чкорче за да му го привлече вниманието на Бога,

 

надевајќи се дека ова нема да биде последниот, неговиот последен... 

го запишува името на татко ми над првиот ред ‒

пали чкорче по чкорче. За да му го привлече вниманието на Бога, 

мајка ми пали свеќи за здравје, по дузина одеднаш.

 

Диносаурус на Инчидони

 

Очевидците се собираат околу собореното суштество,

торзото се нишка од плимата, вилицата стегната

кон брановитиот брег. Се приближувам кон трепкањата на очните капаци,

ирисот ист како мојата морскосина нијанса. Топлина ме преплавува

додека нозете му се протегаат.

 

Прегрнати од земјата, се спуштаме кон песочните дини

што се формираат покрај нас. Толпата, што сета е јас,

што сета е ова битие, влегува во пештерата на нашиот

колективен череп, се качува и минува покрај заби оживеани од светлина,

солено груб јазик нè влече дома.

 

 

ЗА АВТОРОТ

Џејмс О’Лери

ЏЕЈМС О’ЛЕРИ (Ирска) е автор на стихозбирките „Во оваа куќа има чудовишта“ (Саутворд едишнс, 2018) којашто се однесува на животот во сивата зона помеѓу зависноста и закрепнувањето, козависноста и љубовта, и на „Сакрамент за болните“ (Вел ривју едишнс, 2023) во која пишува за болестите и мистицизмот. Тој режира и поетски филмови што досега се прикажани на фестивали во Ирска, во Шкотска, во Канада и во Македонија. Негови песни за првпат на македонски во превод на Јулијана Величковска беа објавени во двојазичната панорама на современата ирска поезија „Восторг/Rapture“ (ПНВ Публикации, 2021), а македонската публика имаше прилика и да го запознае авторот на четвртото издание на Скопскиот поетски фестивал во мај 2024 г. кога беше промовирано и македонското уздание на „Сакрамент за болните“ (ПНВ Публикации, 2024) во препев на Јулијана Величковска.

ЕЛЕМЕНТИ - БРОЈ 14

ПОДДРЖАНО ОД

Елементи

Елементи

© Електронско списание за книжевност - ЕЛЕМЕНТИ