Сте превеле голем број словачки автори на македонски јазик, а и обратно, македонски автори на словачки јазик. Дали повеќе Ви се допаѓа преведувачкиот ангажман или научниот и каде се гледате повеќе?
Обата ангажмани кај мене веќе дваесетина години активно функционираат како две гравирани страни на една иста монета. Двете страни од монетата ме исполнуваат, ме радуваат и ме изморуваат истовремено и речиси подеднакво. Двата ангажмани се долги, истрајни, одговорни, бараат посветеност и предаденост. Сепак, во последно време научниот ангажман ми стана некако примарен бидејќи тоа ми е зададена професионална обврска која мора да ја извршувам, а на преведувањето почнав да гледам повеќе како на професионално хоби од кое исто така не сакам да се откажам. Затоа ми се допаѓаат истовремено и двата ангажмани и ги негувам нив со иста мотивација, елан и ентузијазам во рамките на своите можности. Логично, има периоди кога претежнува едниот врз сметка на другиот ангажман, ама важно е тоа што и натаму ги сакам обете без да правам некоја голема протекција меѓу нив.
Звонко Танески е и поет. Каде ги гледате инспирациите за Вашите следни поетски дела?
Морам да признам дека поезијата малку ја запоставив последниве години. Веќе седум години не сум објавил нова стихозбирка, можеби станува збор само за некоја творечка пауза која во блиска иднина ќе ја надминам. Во последниве години бев зафатен првенствено со решавање на прагматични исцрпувачки задачи кои се, секако, составен дел од животот, а за да пишувам поезија (барем досега) секогаш требало да имам одморен дух, ослободен од прангите на секојдневните грижи и стресови. Најголемиот број од песните, впрочем, сум ги напишал за време на подолгите патувања кога сум можел да се опуштам и да им се препуштам на новите неоткриени хоризонти што секогаш умееле да ми пружат свеж ветер во едрата и на тој начин ја поттикнувале обновата на мојата енергија. Инспирациите континуирано сум ги наоѓал во малите нешта што ме опкружувале и што неретко ми го осветлувале патот кој сум посакувал дополнително да ме облагороди и да ми вдахне сила за понатаму.
Направете ни една споредба меѓу словачката и македонската книжевност во насока на тематски и стилски определби.
Ова е несомнено прашање за поширока елаборација, но ќе се обидам да бидам концизен. Се чини дека во последниве триесет години настана извеснен синкретизам на теми и стилски определби во целоевропски рамки, всушност, животот во глобализираниот свет наметна исти или слични проблеми и предизвици на помладите генерации кои како и другите генерации претходно ја водат сега својата битка и се борат за своите права и светогледи во денешницата. Темите и стилските определби така набаре се синтетизираа, паралелно покрај себе егзистираат повеќе изми, па така читателите можат да го изберат она што им одговара од понуденото. Начелно, она што се пишува денес во Македонија има свој уметнички пандан и во Словачка, и обратно, иако се делата бездруго презентирани со поинаква визура во согласност и со општествениот контекст во кој настанале.
Дали се македонските автори доволно преведувани и каков е нивниот одзив во Словачка?
Веројатно повеќемина од нас имаме различни мерила за тоа што е доволно, а што недоволно во поглед на преводите на македонските автори во странство, но според моето мислење нема доволно преводи со посебни книги од современи македонски писатели на словачки јазик објавени во Словачка во периодот од последниве дваесет години. Јас се обидувам несебично да ја пополнам таа празнина колку што можам (иако словачкиот јазик не ми е мајчин), но треба да се знае и тоа дека во Словачка реално недостасуваат македонисти, па дури, и поопшто, книжевни балканисти со академска ерудиција кои ќе бидат мотивирани да работат во областа на книжевниот превод. За жал, таа област е помалку платена за разлика од другите видови превод, а и книжевниот превод како заслужен труд во универзитетските центри е мошне малку ценет и вреднуван.
Кои се Вашите следни планови во креативна и научна смисла?
Моментално работам на новата монографија со научно-критички текстови на македонски јазик, книгата носи наслов „Книжевни крстопати“. Неодамна го завршив книжниот превод на поезијата од Николина Андова Шопова на словачки јазик (насловен: Влезот е од другата страна), полека го довршувам и преводот на романот „Сценарио“ од словачката писателка Етела Фаркашова на македонски јазик, в лето годинава ќе почнам со превод и на прозната книга „Еднорози“ од Барбора Хринова, а во меѓувреме треба да го подготвам поголемиот дел од материјалот и за два учебника за моите словачки студенти на Универзитетот „Комениус“ во Братислава.
Дали сте размислувале да се обидете и со друг книжевен род: да напишете драма или подолга прозна книга?
Засега не сум се обидел да нашишам драма или подолга прозна книга. Не сум имал ниту време ниту, пак, амбиција за тоа. И онака сум доволно присутен на повеќе професионални полиња, а дотолку повеќе доаѓам и во фаза кога станувам свесен дека мора повеќе да се внимава и на здравјето. Во таа смисла, некогаш и „помалку значи повеќе“. Сепак, не заборавам редовно да се израдувам на сите успеси на нашите драматурзи и прозаисти, и туѓиот успех треба недвосмислено да нè восхити и да нè вознесе, а не да ни предизвикува завист, како што тоа се случува обично денес во нашиве постсоцијалистички општества во кои компасот неретко знае да покаже слеп, ошумоглавен правец.
Елементи